Интервју со Рита Конзулова, инструктор по пилатес: Вежбање трипати неделно помага во борбата против анксиозноста и депресијата

Фото: Приватна архива

„Од година во година сѐ повеќе се подига свеста за применување физичка активност, дали тоа е фитнес, пилатес, крос фит, јога и други рекреативни активности, со што здравиот начин на живот стана посебно важен за луѓето“, вели Рита.

Во интервју за „Слободен печат“, разговараме со Рита Конзулова, еден од нашите најбарани инструктори по пилатес, во чие студио за динамичен пилатес, „Fame Fit“, таа помага за одржување на телото, но ни ги открива и тајните за добар изглeд, дефинирани мускули, зошто е добро вежбањето и колку пати е идеално да се вежба за убаво и здраво тело.

Колку е популарен фитнесот и пилатесот кај нас и дали вежбањето стана начин на живот?

– Од година во година сѐ повеќе се подига свеста за применување физичка активност, дали тоа е фитнес, пилатес, крос фит, јога и други рекреативни активности, со што здравиот начин на живот стана посебно важен за луѓето.

Што е фокус за време на тренингот?

– Еден пилатес тренинг под мое водство почнува со загревање и подготовка на телото за серија од различни вежби. Покрај правилно изведување на вежбите, за време на тренингот фокусот е ставен и на правилното дишење, контролата на движењата и зајакнувањето на мускулната сила, стабилност и мобилност на телото. Вежбите често се фокусираат на средишниот дел на стомакот, јадрото, со цел да се подобри општото држење и координацијата, а со силно јадро сите вежби за сите останати мускулни групи се изведуваат полесно и правилно.

Фото: Приватна архива

Колку пати неделно е идеално да се вежба и кои се придобивките од вежбањето?

– Идеалното вежбање може да варира според индивидуалните потреби и цели, но за општа здравствена благосостојба, се препорачува да се вежба најмалку 3 до 5 пати неделно. Придобивките од вежбањето вклучуваат подобрување на физичката форма, зголемување на мускулната сила и издржливост, намалување на ризикот од разни здравствени состојби како што се срцеви заболувања, дијабетес и депресија, подобрување на координацијата и флексибилноста, како и подобрување на општото психолошко здравје.

Колку трае еден тренинг и кои се идеалните вежби да се размрда цело тело?

– Траењето на еден тренинг може да варира, но обично пилатес тренинзите траат околу 45 минути до еден час. За да се размрда целото тело, идеално е да се изведат вежби што целосно ги активираат различните групи мускули. Некои од вежбите што се сметаат за идеални за размрдување на целото тело, вклучуваат складни движења за јадрото, средишен дел на стомакот, кои придонесуваат за стабилност на торзото.
Вежби за зголемување на мускулната сила, вежби за мобилност, за баланс, вежби за зголемување на аеробна издржливост и кардиоваскуларно здравје.
Со комбинирање на овие вежби, тренингот може да биде комплетен, ефективен и да го активира целото тело.

Фото: Приватна архива

По колку време се забележуваат промените и придобивките од вежбањето?

– Времето потребно за забележливи промени и затегнати мускули кај жени зависи од многу фактори какви што се генетика, типот на вежбање, интензитетот и исхраната.
Обично, ако редовно се следи одредена програма за вежбање и здрав и правилен начин на исхрана, видливи промени може да се случат во период од неколку недели до неколку месеци. Во меѓувреме, важно е да се има толеранција и да се биде стрплив, константен во целиот процес, пред сѐ да се направи една навика и дисциплина за која секако понатаму телото ќе ви биде благодарно.

Кој дел од телото е најтешко да се доведе во врвна форма и според твоето искуство што најчесто ги мачи жените?

– За многу жени, обично стомакот и страничниот дел на торзото. Оваа област често е тешка за постигнување тонус и мускулна дефиниција, но со правилно комбинирани абдоменални вежби и кардио тренинг, може да помогнат во намалување масти и изградба на мускули. Сепак, тоа е индивидуално, важно е да се има реални очекувања и да се биде истраен во тоа што сме го започнале.

Фото: Приватна архива

Луѓето не се секогаш расположени за вежбање. Колку е важна мотивацијата? Влегува ли вежбањето под кожа, па дали секое пропуштање на тренингот создава грижа на совест?

– Мотивацијата е клучна за континуираното вежбање и одржување здрав начин на живот. Иако луѓето не се секогаш расположени за вежбање, имањето јасни цели, почитување на рутината и континуитетот може да им помогне на луѓето да го надминат тоа. За некои, вежбањето може да стане дел од нивниот животен стил, што значи дека секое пропуштање на тренингот може да создаде грижа на совест или да предизвика непријатност. Сепак, е важно да се разбере дека секој има лоши денови или моменти кога не може да вежба и тоа е нормално. Клучното е да се научи како да се изгради здрав и поддржувачки однос кон вежбањето, а исто да се знае и кога треба да си дадеме сами на себе одмор, едноставно да научиме да го слушаме своето тело и да знаеме кога можеме или не можеме да го дадеме максимумот од себе. Тоа значи без форсирање, без воспалени мускули што само ќе ни направат несигурност во целиот процес.

Што би ги советувала на жените што се двоумат дали да почнат со вежбање?

– Сите што сакаат да почнат да вежбаат, им препорачувам да не се двоумат. Одберете тип практика што мислите дека ќе ви одговара, важно е да почнете, мали чекори ќе ве однесат до одредена поставена цел. Одберете тренинг во група или вежбање со личен тренер ако се чувствувате побезбедно, а наше е, како одговорни тренери, да ве воведеме и да направиме соодветно да се адаптирате на тренингот и правилно да го дозираме од час во час.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот