Елвир Мекиќ со сопругата Лејла/Фото: Приватна архива

ИНТЕРВЈУ | Елвир Мекиќ: Сопругата е мојата сигурност што ме враќа на земја

По подолга пауза, поп-пејачот Елвир Мекиќ, кој живее во Сараево, се враќа на сцената. На 6 јуни, заедно со Јован Јованов, ќе одржи концерт во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, настан што кај многумина разбуди носталгија за хитовите како „Некаде после два“, „Опасно“, „Уште те има“ и многу други. Концертот е замислен како „сензација во бело“. Гости се Тони Зен, Адријан Гаџа, Маја Саздановска, Џус, Слаѓа Делибашиќ, а најавен е и гостин – изненадување.

Мекиќ во Сараево се занимава со приватен бизнис и вели дека живее мирен живот со сопругата Лејла и синот Дарис. Во интервју за „Слободен печат“ искрено зборува за враќањето на сцената, повторната соработка со Јован Јованов, животот во Босна и Херцеговина, семејството, музиката и за созревањето низ годините.

Елвир Мекиќ и Јован Јованов/ Фото: Принтскрин / Инстаграм

По подолга пауза, повторно ќе пееш во родното Скопје, што значи овој концерт за тебе лично?

– Скопје за мене никогаш не било само град, туку чувство. Овој концерт ми е како средба со стар пријател што долго не си го видел, а кога ќе се видите, продолжувате како да не поминал ниту еден ден. Искрено, имам и мала трема, ама тоа е убавата трема што ти кажува дека ти е важно. А кога ќе излезам на сцена и ќе ги слушнам првите гласови од публиката, знам дека срцето само ќе си го најде патот.

Како дојде идејата повторно да се обедините на сцена со Јован Јованов? Потсети нѐ уште еднаш, како се запознавте?

– Долга е приказната… Со Јован нè врзува нешто многу повеќе од музика. Едно време, една енергија и многу спомени. Идејата дојде сосема природно, како што доаѓаат најубавите работи во животот. Сфативме дека луѓето сè уште ги живеат тие песни и дека можеби е време повторно да ја споделиме таа магија. А како се запознавме? Па, класично балкански, преку музика, кафе и долги разговори што траеле подолго од снимањата. И, еве, години подоцна, сè уште не сме си здодеале што е вистинско чудо.

Што ќе ја направи оваа вечер поразлична од вашите претходни настапи?

– Мислам дека овој пат ќе има многу повеќе емоција. Порано бевме помлади, побрзи, можеби и малку луди. Сега сме поискрени. Публиката ќе слушне песни што ги знае, но ќе ги почувствува на поинаков начин. А и животот те учи дека не е важно само како пееш, туку што носиш во гласот.

Колку денешната публика се разликува од онаа кога ги создаваше твоите најголеми хитови?

– Денешната публика е побрза, сè се случува за неколку секунди, но убаво е што вистинската емоција сè уште трае. Денес на концерт можеш да видиш и луѓе што растеле со мојата музика, но и нивните деца. Тоа е посебно чувство. Малку е чудно кога ќе сфатиш дека твоја песна е „носталгија“, ама добро… барем уште не ме викаат „чичко Елвир“.

Како гледаш на твојата музичка кариера денес, од оваа дистанца?

– Со благодарност. Како на подарок од Бог. Имало и подеми и падови, и прекрасни моменти и тешки периоди, но сето тоа ме оформило како човек. Денес не бркам трендови, туку искреност. Најубаво е кога ќе сфатиш дека песните што си ги пеел од срце – токму тие останале кај луѓето.

Има ли песна што денес ја доживуваш поинаку отколку кога си ја снимил?

– Има повеќе такви песни. Кога си млад, пееш за љубов затоа што така треба. Подоцна, кога ќе поминеш низ животот, истите стихови добиваат сосема друга тежина. Некои песни денес ме погодуваат многу подлабоко отколку кога сум ги снимал.

Елвир со Маја Саздановска сними нова верзија на песната „Опасно“ Фото: Принтскрин / Јутјуб

Што те инспирира да создаваш во оваа фаза од животот?

– Животот. Малите моменти, луѓето што ги сакам, разговорите, тишините… Сега инспирацијата не ја барам, таа сама ми доаѓа. А и искрено, со годините човек станува помалку гласен, но многу подлабок.

Работиш ли на нова музика и во кој правец се движи?

– Да, секако. Не сакам да брзам и да правам музика само за да „има нешто ново“. Сакам песните да имаат душа. Правецот е некаде помеѓу она што луѓето го препознаваат како мој стил и нешто позрело, поискрено. Мислам дека најубавите песни допрва ми доаѓаат.

Што ти донесе животот во Сараево на личен и на професионален план? Која е највредната особина на твојата сопруга, во што најмногу се надополнувате?

– Сараево ми донесе мир. Тој град има некоја топлина што не може да се објасни, мора да се почувствува. Ми помогна да го забавам темпото и повеќе да уживам во животот. А сопругата… таа е мојата сигурност. Најмногу ја ценам нејзината смиреност и тоа што секогаш знае да ме врати „на земја“ кога ќе летнам со идеи. Јас сум повеќе емотивец, таа е разумот во куќата.

Елвир Мекиќ со сопругата Лејла/Фото: Приватна архива

Каде и што точно работиш во Босна и ја има ли Сараево уште старата душа по која е познато?

– Работам на повеќе проекти поврзани со музика и медиуми, а паралелно сум посветен и на приватниот бизнис. Сакам да сум активен и креативен, тоа ме исполнува. А Сараево… да, уште ја има таа стара душа. Сè уште можеш да седнеш на кафе што трае три часа, да слушнеш искрена приказна и да почувствуваш дека луѓето таму живеат со срце. Денес тоа е реткост.

Елвир Мекиќ живее мирен живот во Сараево / Фото: Приватна архива

Каков татко си и што те научи татковството, какво дете е Дарис, колку години има, за што е талентиран?

– Се трудам да бидам присутен татко, а не само „татко на хартија“. Татковството ме научи на трпение и ми покажа што навистина е важно во животот. Дарис е прекрасно дете, паметен, чувствителен и полн со енергија. Има 13 години, се занимава со фудбал и гледам дека има дисциплина и карактер, што за мене како родител е многу важно. Искрено, понекогаш мислам дека е позрел од мене на негови години.

Што би му порачал на помладиот себе од почетоците?

– Да не се плаши толку. И да ужива повеќе во моментите, наместо постојано да мисли што следува.

Како изгледа еден твој обичен ден?

– Многу пообично отколку што луѓето мислат. Кафе на раат, обврски, работа, музика, време со семејството… Сакам мирни моменти. А најискрено, денес најмногу уживам кога сум дома со најблиските, без гужва и без гласна музика.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот