Интервју со оперската првенка Весна Ѓиновска Илкова: Зрелоста почнува со вистинско доживување на ликовите

Двоен повод за разговор имаме со оперската првенка Весна Ѓиновска Илкова – нејзиниот неодамнешен настап на 45. Денови на македонска музика, како и подготовките за премиерата на операта „Норма“ за отворањето на јубилејните 50. Мајски оперски вечери.

Арии од опери на македонските композитори Трајко Прокопиев и Ристо Аврамовски, песни од Томислав Зографски, Тодор Скаловски, Сотир Голабовски, Стојан Стојков, Благој Цанев и Александар Џамбазов, како и композиции од Јана Андреевска и Борис Светиев беа дел од програмата на концертот „По избор на уметникот“, што се одржа во рамките на 45. Денови на македонска музика пред десетина дена. Во изведбата на концертот учествуваа сопранот Весна Ѓиновска Илкова и пијанистката Кристина Светиева. Тоа беше еден од концертните ангажмани на оперската првенка Весна Ѓиновска Илкова во овој период.

Вториот ќе биде на отворањето на јубилејните 50. Мајски оперски вечери, кои традиционално почнуваат на 9 мај, каде Ѓиновска Илкова ќе ја носи главната улога во операта „Норма“ од Винченцо Белини. Во поставувањето на операта учествуваат диригент, режисер и сценограф/костимограф од Италија заедно со уметничката и сценската екипа на операта, хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Овие два настани беа повод за разговор со Весна Ѓиновска Илкова.

Повеќе од 25 години сте на оперската сцена со многубројни улоги и солистички настапи. Како лично ја чувствувате професионалната зрелост?

– Годините поминуваат многу бргу, особено кога за целиот период активно и во континуитет се работи. Многу ретко се вртам назад да направам некоја ретроспектива на сработеното, имам уште планови и идеи кои треба да ги реализирам. Во однос на улогите, секоја улога мора да биде исполнета со живо чувство и доживување, така што публиката да ја прифати глумата како вистина, или како што кажал големиот Шаљапин – сценскиот лик е до толку вистинит и успешен, до колку успее да ја убеди публиката. Тука некаде почнува и зрелоста кон професионалното творење.

Секоја улога мора да биде исполнета со живо чувство и доживување, така што публиката да ја прифати глумата како вистина / Фотографија: Влахо Бранѓолица

На 45. Денови на македонска музика настапивте на концерт кој беше насловен „По избор на уметникот“, а во суштина беше низа од оперски бисери од македонски композитори. Со каков повод беше подготвен концертот?

– Програмата беше грижливо бирана. Минатата година беше во знакот на 30 години државност. По тој повод направив ретроспектива на македонското музичко творештво. Целокупна обработка на сѐ она што нашата земја го негува со години наназад. Голем временски распон. Од создавањето на првата опера „Цар Самоил“ од композиторот Кирил Македонски до денешен ден, вклучувајќи ја и младата генерација на композитори. Вториот дел беше составен од македонските евергрин и народни песни. Концертот помина одлично во организација на „Баги Комуникации“.

Оваа година имавме покана да настапиме со класични дела од македонски автори на фестивалот Денови на македонска музика. Со пијанистката Кристина Светиева го одбравме првиот дел од тој проект, кој токму така – претставува сублимат од ремек-дела на напишани композиции. Изразувам благодарност на пријатното изненадување од страна на СОКОМ, кој организираше снимање на овој концерт. Македонската класична музика е богата, структурно и мелодиски напишана во временскиот период на живеењето на композиторите.

На фестивалот Денови на македонска музика Весна Ѓиновска Илкова настапи заедно со пијанистката Кристина Светиева / Фотографија: Влахо Бранѓолица

Зошто е битно делата на најзначајните македонски композитори да бидат изведувани пред публиката?

– За да останат врежани во меморијата на луѓето. Делата праќаат силна порака за животот на Македонецот низ вековите. Тематиката е различна. Ќе издвојам само еден пример, композицијата „Ленка“ е напишана на музика на Петре Богданов Кочко, на текст на поранешниот претседател Киро Глигоров. Не знам дали овој факт го знае пошироката јавност. Композицијата зборува за македонската мајка и нејзиниот однос и грижливоста кон своите чеда.

Кристина Светиева, Весна Ѓиновска Илкова и композиторот Стојан Стојков

Веќе течат подготовките за отворањето на јубилејните 50. Мајски оперски вечери, најзначајната оперска манифестација во државата. На отворањето ќе настапите со улогата Норма во истоимената опера од Винченцо Белини. Што сѐ опфаќа процесот на подготовка за улогата?

– Како и секоја подготовка на премиера, постојат три стадиуми на работа. Првиот е индивидуален, кога пејачот самостојно ја расчитува улогата, музички и текстуално. Во оваа прва фаза донесувам одлука дали делото е за мене или не. Доколку е, продолжувам понатаму, доколку не е, го кажувам моето мислење во дирекцијата на операта.

Вториот и најбитен сегмент во музичкиот дел е индивидуалната работа со пијанист, каде се утврдува и меморира, со што и стилски се формира самата улога. Од личното искуство знам дека станува збор за исклучително напорен период со многу непроспиени ноќи, со меморирање на музиката и на текстот по најмалку два месеци континуирана работа, а сето тоа зависно од самата големина и тежина на улогата.

Третиот дел е режиски. Подготовка и создавање на улогата на самата сцена. Концепцијата на режисерот и неговите видувања на самиот лик понекогаш може и да не се совпаднат со моето лично мислење за градење на ликот. Добар режисер мора да има разбирање за пеачките потреби на уметникот, да има свој концепт, да е организиран и фокусиран во работата. Во времето на белкантото, средина на 18 и почеток на 19 век, виртуозноста на гласот била ставена на преден план, а глумата била второстепена. Многу често пеачите стоеле на рампа и пееле. Во современото создавање глумата е составен дел од градењето на ликот. Колку е пореално, толку е подобро.

Важите за водечки оперски драмски сопран во Македонија. Колку тој факт ја олеснува работата, или можеби дава уште поголем предизвик во подготовките на улогата?

– Носи одговорност за она што претстои во работата. За мене постои само едно правило. Работа и студиозност. Луѓето го знаат она што сум го сработила. Очекуваат исто ниво и во наредните изведби. Тоа е еден вид и на позитивен притисок што го има секој уметник кој цели кон тоа да остава свој печат на сцената.

До сега сте имале над 20 главни улоги во оперски претстави од различни композитори и со различни режисери. Покрај различните приказни (либрета), кои се нијансите што оставаат трага во личноста на оперскиот солист од секоја улога поединечно?

– Секоја улога ми е значајна. Создадена во еден одреден временски период. Кога ја имам во рака, ми се навраќаат спомени за подготовките, случки во текот на работата. Работата со колегите и диригентот останува во меморијата. И позитивни и негативни. Тоа се трагите.

Многу значајна е вашата педагошка дејност на Факултетот за музички уметности во Скопје. Какви искуства и совети им пренесувате на студентите на катедрата за соло пеење?

– Работам веќе 15 години како професор со сите поминати звања. Морам да потенцирам дека изобилуваме со музички надарени деца. Тоа се генерации на студенти поминати низ моите раце. Сите останати во својата струка. Тоа ме радува. Многу од нив се со кариери и низ Европа. Тоа е задоволството и успехот.

Мајските оперски вечери се синоним на фестивал, кој со својата традиција придонесува за богато културно живеење во нашата метропола

Операта е најкомплексната музичко-сценска форма која бара внимание и посветеност на публиката. Од друга страна, живееме во време со брз ритам на живот и инстант-вредности. Какво е значењето на оперската уметност во денешното време и што вас Ви значи 50-годишниот јубилеј на Мајските оперски вечери?

– Мајските оперски вечери се синоним на фестивал, кој со својата традиција придонесува за богато културно живеење во нашата метропола. Многу оперски ѕвезди поминале низ сцената, но и плејада на македонски врвни уметници. Оваа година „Норма“ е претставата која ќе го одбележи големиот јубилеј. Во минатото Анастасија Димитрова – Сија била таа која ја толкувала оваа улога. Светската Норма, Радмила Бакочевиќ, е присутна долги години на скопската сцена. Ќе дадам сѐ од себе да имаме уште една успешна премиера за јубилејниот педесети роденден. Ова е и прилика да ги поканам сите љубители на оперската уметност да повелат на 9 мај во Националната опера и балет и да уживаат во ремек-делото на Белини.

Биографска белешка: Богата домашна и меѓународна кариера

Весна Ѓиновска Илкова е водечки македонски оперски драмски сопран, певица чиишто изведби се карактеризираат со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и изразено сценско присуство. Ѓиновска студира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Милка Ефтимова), додека магистерските студии ги завршува во класата на проф. емеритус Радмила Бакочевиќ.

Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника. Илкова своето деби на меѓународната сцена го остварува во 2001 година во Националната опера на Софија во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло“ од Верди.

По успешниот настап на бугарската сцена, Илкова ја толкува улогата на Тоска во истоимената опера на Пучини. Весна Ѓиновска Илкова ужива богата домашна и меѓународна кариера, а досега настапувала во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“.

Македонската критика ја нарекува „мајстор на патосот и драмата“ и ја потцртува сензибилноста и емоционалноста која Илкова им ја дава на улогите што ги толкува. Има реализирано повеќе од дваесет оперски креации, соработувајќи со бројни реномирани режисери и диригенти.

Освен на оперската, Илкова е редовно присутна и на концертната сцена, со реализирани концерти и рецитали во салата „Бољшој“ во Москва, на отворената сцена на театарот „Театро ди Марчело“ во Рим, концертната сцена на „Аула симфонија“ во Џакарта, отворената сцена на амфитеатарот во Аспендос, отворената сцена на Античкиот театар во Охрид, изведувајќи капитални дела од вокално-инструменталниот репероар („Реквиемот“ од Верди, „Стабат Матер“ од Перголези, „Те Деум“ од Брукнер, ораториумот „Создавањето на светот“ од Хајдн.

Таа е добитничка на голем број значајни награди и признанија, меѓу кои се вбројуваат наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Виртуози“ во категоријата уметник на годината доделена од СОКОМ, државната награда „Св. Климент Охридски“, наградата „Златна лира“ од СМУМ. Ѓиновска Илкова е редовен професор на Катедрата за соло пеење при ФМУ Скопје, од чија што класа произлегле повеќе генерации студенти кои денес успешно чекорат на европските музички сцени.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 126, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 април – 2 мај 2022)

Видео на денот