Интервју со Оливер Јосифовски од „Љубојна“ пред нивниот јубилеен концерт во Скопје: Музички разговор со сопственото минато
Еден од најзначајните македонски музички брендови групата „Љубојна“ годинава прославува јубилејни 25 години постоење со голем концерт, кој ќе се одржи на 29 март во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Препорачано
Својата музика „Љубојна“ ја свири страсно, со енергија на рок-бенд, и тоа во сите нејзини форми: изворна, класична, популарна, експериментална. Звукот ја обзема публиката преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска, која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се синоним за „Љубојна“. Експериментирајќи и истражувајќи, „Љубојна“ постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
На 29 март, во Филхармонија, македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на „Љубојна“, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости. Оттаму се појави потребата за разговор со Оливер Јосифовски со намера да се упати поглед наназад, но и кон актуелниот момент пред одржувањето на јубилејниот концерт.

Јубилеите се убава можност за поглед наназад, за рекапитулација на досега направеното. Колку долги се овие 25 години за групата „Љубојна“?
– Долги колку една добра импровизација – почнуваш со идеја, а завршуваш со нешто што ни самиот не си го предвидел. Години на многу уживање и забава во истражувањето, во музиката, и со самото тоа со сите тие патувања и згоди и незгоди.
Овие 25 години не се календарска мерка, туку акумулација на звук, луѓе, патувања и ритам што не застанува. Ритам што трае, и те води само напред, те натерува да се втурнеш, да се искачиш и да видиш што ќе се појави на врвот на планината, дали ветената долина, со убави светла, бои, цветови, или следна уште повисока планина.
Со целата таа динамика за нас поминаа брзо како едно лето, а имало многу моменти тешки и ладни како зима. Но, кога ќе се свртиме наназад, гледаме дека сме оставиле работи што траат, и со голема насмевка станувам наутро и почнувам одново да трчам, посилно и посилно, нели…
Уште повозбудливо е што на комшијата му се допаѓа првиот албум, а на новиот фан последната песна со Бранко од „Фолтин“. Тоа разнољубие мене најмногу ме инспирира и ме прави горд на минатото, и ме поврзува со сегашноста.
Пресметката покажува дека групата е основана во 2001 година. Се сеќаваш ли како тоа се случи?
– Да, 2001 не беше баш најмирна година за почетоци, ама 4-ца млади луѓе, ентузијастични и жедни за знаење и експериментирање во непознати музички води незапирливо, по многу часови слушање касети, плочи и дискови, почна да работи нешто што се вика „нова“ македонска музика со сите мастрафи, и тоа можеби и објаснува зошто „Љубојна“ од старт имаше потреба да создава некаков внатрешен ред во надворешниот хаос. Се случи прилично природно – без големи фанфари, едноставно, неколку луѓе со иста љубопитност и желба да се слушне нешто свое што не е изолирано, туку напротив инспирирано од традицијата, и длабоко нурнати во изворот.

Што беше клучно со Вера да се препознаете меѓусебно околу заедничкиот музички израз?
– Мислам дека тоа беше една многу едноставна, но ретка работа – заедничка интуиција. Луѓе што сонуваат музика, многу лесно се препознаваат. Не договаравме концепти, сѐ излезе спонтано. Кај Вера има искреност во изразот што не може да се научи или истренира, а кај мене и останатите двајца музичари, можеби потребата да ја структурираме таа искреност без да ја задушиме. Тоа е една деликатна, но во исто време и едноставна рамнотежа, што долго трае помеѓу музиката и музичарите.
Претходно беше дел од „Фолтин“, кои негуваат псевдокабаретски израз. Каква промена се случи кај тебе со основањето на „Љубојна“?
– Со „Фолтин“ научив дека музиката може да биде театар, игра, иронија, импровизација, радост. Со „Љубојна“ почнав да копам подлабоко – во корените, во фолклорот, но без да станам музејски чувар. Разликата е што овде одговорноста кон материјалот е поголема, но и слободата е посуптилна. Потоа тие работи се споија, и навистина резултатот е неверојатен.
Најчесто и најкратко „Љубојна“ се дефинира како „етно-група“, но таа е многу повеќе од тоа. Низ каква призма со Вера го читате музичкото културно наследство?
– Апсолутно. „Етно“ често звучи како фиока во која ги ставаме работите што не сакаме да ги анализираме подлабоко и што ги оставаме за некое друго време, кога ќе сме послободни. За нас, традицијата е артефакт и жива материја, истовремено. Ја читаме како текст што постојано се препишува – со грешки, со интервенции, со нови акценти. Тоа е дијалог, не репродукција. Тоа е живот, а не потреба да се приклучиме на нешто што е само термин, и сувопарна потреба за додворување.

Во еден период на групата го „препрочитувавте“ поетското наследство од најзначајните македонски поети низ призма на прекршен ритам. Кои беа продуктите од таа фаза?
– Тоа беше еден убав судир меѓу зборот и ритамот. Работевме со текстови од македонски поети, и според нас, еден од најголемите, Петре М. Андреевски, и успеавме да ги ставиме во музички контекст што не е „удобен“ и секојдневен за поезијата. Резултатот беше интересен – поезијата почна да „дише“ поинаку, а музиката доби тежина, и нови димензии се отворија на стихови што сите ги знаеме.
Тоа, можеби, не беше проект за лесно слушање, но беше важен за нас од секој аспект, а најмногу за уметничкиот дострел, и можноста да почнеме да сликаме со бои што дотогаш не ни беа познати, и не ги држевме во нашите раце, а не научија многу, дури и премногу да сакаме.
Не успеав да едно место да ги најдам сите албуми на „Љубојна“. Колку се на број и колку тие го трасираат патот на групата?
– Бројката е важна за архивите, но помалку за суштината. Имаме неколку студиски изданија кои, ако ги гледаш како целина, функционираат како дневник. Секој албум е фаза – некаде сме поекспериментални, некаде поинтимни, некаде бучни и гласни, а некаде скриени, сплотени и тивки. Не сме правеле албуми за да „означиме“ период, туку за да документираме каде сме стигнале, и што сѐ може да кажеме преку нашата музика, и колку многу скриени музички јазици има таа во себе. Така со албуми во живо, „бест оф“ период, музика за филм, оригинални албуми, мислам дека сме застанати на среќниот број 13, ииии… ќе видиме, одиме понатаму.

Каква програма планирате за славеничкиот концерт во салата на Македонската филхармонија?
– Ќе биде ретроспектива, но не носталгична. Повеќе како разговор со сопственото минато. Ќе има песни од различни периоди, но обработени од денешна перспектива. Не сакаме да ги репродуцираме, туку да ги преиспитаме, и да си ги отсвириме за наша душа, да ѝ додадеме уште некој нов епитет, некоја нова невидена димензија… што заедно ќе ја коментираме во следните интервјуа. Секако, имаме подготвено и нови песни, кои ќе доживеат своја премиера или тест пред нашата најверна љубовна публика.
Концертите на „Љубојна“ секогаш биле реализирани со голем бенд и специјални гости. Како ќе биде на овој концерт?
– Групата ќе има проширен состав, затоа што таа музика бара простор. Тоа и самата сала на Филхармонијата го овозможува. „Љубојна“ никогаш не била интимен квартет – таа сака воздух, дувачи, ритам, секција што „дише“. Ќе има и гости, но не како декорација, туку како вистински учесници во приказната. Ќе бидат многу блиски наши луѓе, што знаат како тоа музички се прави.

Силните страст и емоции секогаш ги карактеризирале музиката и концертите на „Љубојна“. Од каде ја црпите енергијата секогаш да бидете весели, отворени, динамични, „љубојни“?
– Од љубопитноста. И од тоа што сè уште не мислиме дека сме „завршиле“ нешто. Музиката не е работа што ја „одработуваш“, туку процес што те држи жив. А и реално – ако не уживаш на сцена, публиката тоа веднаш го чита. Нема глума тука.
Публиката секогаш ве поддржува со силни емоции. Каква порака би упатиле до публиката што ќе присуствува на концертот?
– Да дојдат со отворени уши и без очекувања. Ние ќе го дадеме најискреното и најдоброто што го имаме во моментот. А музиката, ако е вистинска, сама си го наоѓа патот – без разлика дали е „етно“, „џез“ или, едноставно, човечка.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 326, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.3.2026)


