Љупчо Јолевски, новинар и публицист / Фотографија: Даниел Ѓурчиновски

Интервју со новинарот Љупчо Јолевски за книгата „Дијалози за слободата“: Секогаш сум се потпирал на сопствената интуиција

Новинарот Љупчо Јолевски веќе неколку години наназад е навлезен во публицистичките води и својот професионален багаж го сместува во книжевни изданија посветени на уметноста, а најновото е со наслов „Дијалози за слободата“.

Силна е желбата да се остави некаква пишана трага зад себе. Да не се остане само во лавиринтите на секојдневието, туку да остане запис и за следните генерации од денешното време. Со таков порив новинарот Љупчо Јолевски дел од својот професионален багаж го распоредува во книги со внимателно осмислен концепт.

Издавачката куќа „Метаноја“ на 27 ноември организираше промоција на неговото најново издание со наслов „Дијалози за слободата“, посветено на ликовната уметност. Претходно, Јолевски ги објави книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“. Станува збор за монографски изданија со голема тежина, во секоја смисла. Трагајќи по корените на тој публицистички порив неминовна беше средбата со Љупчо Јолевски.

Неодамна се одржа промоцијата на збирката со интервјуа „Дијалози за слободата“. По објавата на книгите „Радио“ (2019) и „Неправилен ритам“ (2022) заедно со најновата, се добива чувство дека концептот за содржините на Вашите книги не е случаен. Има ли некој „таен“ код?

– Досега во животот секогаш сум се потпирал на сопствената интуиција. На првичната емоција. На вербата дека можеш да исчекориш напред само ако во себе имаш љубов да даруваш. Од таму „Радио“ е мојата младешка љубов кон медиумот и сето она што тој обединува – мислата, говорот, директното обраќање кон публиката и желбата да се споделат музики. Да се вкрстат дисциплините во културата.

„Неправилен ритам“, пак, е резултат на мојата огромна почит кон традицијата и современата звуковност, кон врвните мајстори и немирни творечки духови и незгасливата жед да се остави барем едно зрнце за идните генерации во мозаикот насловен Македонска музичка сцена. Обете книги ја имаат таа силна линија на сликовност, заедничката игра со уметницата Билјана Билбилоска со која неколку години работевме во весникот „Нова Македонија“. Тие се и резултат на насушната потреба преку фотографиите на нашите мајстори фотографи и визуелно да бидат слика и прилика за периодот во кој настанувале.

Следователно од таму пројавата на „Дијалози за слободата“ нималку не е случајна. Во неа е изразена мојата љубопитност да ги најдам во едно украдено време немирот на мислата кај творците и отпорот, боите и музиките во нивните дела. Во нивните талкања до себе и до сите нас жедни.

Сите три книги поодамна живееја во мене и, воопшто, пред да бидат отпечатени. Првично повеќе како еден вид авторски занес за тој чин, а потем и како остварлива идеја зад која застанаа луѓе што ја почитуваат културата и ми веруваат како на човек. Затоа и моите писанија барем досега ја немале помошта од институциите и ја уживале привилегијата да бидат такви какви што се. Еден заокружен сон.

Промоцијата на книгата се одржа во галеријата „Метаноја“

Како се појави можноста и како се одвиваше соработката со „Метаноја“, која се појавува како издавач на книгата?

– Луѓето, според мене, се препознаваат по позитивните вибрации. По емоциите и добрината што ги зрачат. Со почитуваните Нада и Коста Милкови од „Метаноја“, од Балканскиот центар за вера и култура, од време на време се гледавме во ликовните салони во Скопје. Па, и кај нив во Галеријата која штотуку почна сериозно да ја развива својата дејност.

Во една пригода бев сведок на неговата реч и обраќање до публиката за делата на еден наш современ сликар. На артизмот и жарта со која говореше. И, некако по тој момент ги сменив сите мои планови околу издавањето на книгата.

Во меѓувреме се случи и промоцијата на моите две книги на „Охридско лето“, а во гледалиштето во предворјето на Света Софија беше и д-р Милков. И, во моментите на радост од настанот што го потпишавме со Александра Поповска, Добрила Грашеска, Сашо Поповски и Игор Трпчески… тој, на неколку минутки пред заминувањето ноќта за Струмица, ми пријде и честитајќи ми рече: Влегуваме скоро во печатница! Потем, во проектот влегоа драгите пријатели Никола Пијанманов и Маја Чанкуловска Михајловска како рецензенти, Ема Ќипроска, која е потписник на дизајнот, лекторката Љубинка Ајтовска и особено Лазе Трипков, кој е автор на обвивката и кој ми помогна да пресечам околу конечното име на книгата.

Инаку, „Дијалози за слободата“ е првата моја објава за официјален издавач и презадоволен сум од нивната грижа околу промоцијата и натамошните зафати. И, еве сега тргнуваме на пат – најнапред до Тетово, потем во Велес, па Струмица, летово во мојот Охрид и здравје во Струга…

Новинарот Љупчо Јолевски и издавачите Нада и Коста Милкови

Во фокусот на содржината е ликовната уметност претставена низ 40-ина портрети на современи уметници. Како се одвиваше селекцијата на интервјуата објавени во книгата?

– Е, тоа се слатките маки за секој автор. Долги и не секогаш пријатни се прашањата на кои се трудиш да си одговориш… и конечно знаеш дека некако треба да се пресече. Овде ја имав рамката, периодот пред, за време и нешто по ковид-пандемијата. Знаев дека визуелните уметници кај нас беа меѓу првите што го најдоа патот преку социјалните мрежи да излезат од сопствените ателјеа. Да ги споделат размислите, исчекорите, потребата да се твори и комуницира со публиката, да крикнат… довикувајќи ја слободата да го чуваат запаленото кандилце во себе. Ми импонираше тој чин на отпор.

И, така практично им се предадов повеќе на нивните лични приказни отколку на појаснувањата на потрагите. Мене лично ме интересираше најмногу таа нивна емотивна линија родена во осамата на ателјето при играта со четката во креирањето на бунтот. Нивниот крик при секој потез. Лузните што остануваат од чинот и вербата во сончевината.

Затоа, како и секој друг автор и самиот сега се борам со сомнежите „дали можело и поинаку“, со уште некој друг автор, дали некого сум заборавил… но, ете тука сме и овие „Дијалози за слободата“ довикуваат некој друг да ги продолжи, оти токму слободата на мислата е нешто што не може да се зароби.

Слободата на изразот е клучна супстанција на секоја уметност. Поведени од насловот на книгата, како успеавте со соговорниците да ја освоите и слободата на исказот, креирајќи искрени и длабоки дијалози?

– Средбите со уметниците, со творците не секогаш беа планирани. Дневната динамика на моето следење на културните настани понекогаш ми наметнуваше разговори пред и по некоја прес-конференција, во одредени моменти кога беснееше пандемијата се ловевме во виртуелниот простор споделувајќи бројни прашања и одговори… размисли за времето во кое живуркавме и очекувања дека крајот на сето тоа ете само што не дошол… дека е тука зад хоризонтот.

И, чинам дека така притиснати од секојдневието како да бевме поспремни да се отвориме едни на други. Поискрени. Да говориме отворено. Да си ги кажеме маките, проблемите, желбите, очекувањата и да му се радуваме на секој, та дури и најмал исчекор. Да ни се случи исцелувањето. Ете, затоа и не само на уметниците што се најдоа во книгата сум им бескрајно благодарен на сето она што го споделија со мене како автор, како новинар.

Што е неопходно за едно интервју да биде направено со врвен квалитет?

– Најмногу време. Исто толку темелна подготовка. Писменост. Почит кон соговорникот и неговото дело. Да бидеш љубезен, со искрени намери и пријатен во опуштањето на соговорникот, оти само така ќе ја имаш привилегијата на една спонтана и пријателска комуникација.

Во основа да создадеш атмосфера во која ќе бидат избришани границите меѓу соговорниците. А, во таквиот пријателски разговор, онолку колку што е културно, човечки, да покажеш и малку поттик да се симнете и онаму каде што навидум, можеби, и не налага моментот. Да не се говори во ракавици. Туку јасно и отворено. Без зла мисла и со достојна почит и на оној што денес, утре, во иднина ќе го чита бележаното.

Згора на тоа, потем сето тоа да го поминеш низ себе. Низ искуството што си го стекнал през годините и сите лични стремежи кон висините и падовите. Конечно, ова е моето видување, а не правило од учебникот „Теорија и практика по новинарство“.

Целиот професионален живот го поминавте со работа во областа на културата. Со оглед на денешните услови во новинарството тоа изгледа како невозможна мисија. Како беше во Вашето време, од почетоците до пензионирањето?

– За жал, останаа малкумина македонски новинари кои и натаму настојчиво се обидуваат да ги следат културните настани. Да покажат дека освен политичка магла, плуканици, навреди, криминали… кај нас вирее и плодотворна мисла. Дека и овде кај нас во Македонија виреат неимари, творци и уметници кои на крилјата на своето дело градат мостови на пријателство и соработка со сите околу нас. Такви што веруваат во изјавата на апостолот Делчев дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите.

А, тоа се истите оние кои се понижени од политичките врхушки во државата и газдите во т.н. „јавни медиуми“ кои немаат слух за ништо друго освен за „гледаноста“, „кликовите“, парите, нечиите „тестиси“, кичот и шундот и вулгарното практицирање и мерење на моќта. А, не беше така. Во едно време, во Македонското радио и во телевизијата имаше редакции за култура во кои твореа дејци како Конески, Андреевски, Матевски… а денес, на пример, во културната редакција на Радио Скопје остана само колегата Тони Цифровски. И, толку. Каде заглавивме? Ова ли е нашата грижа за македонскиот јазик, нашите дострели во творештвото, нашата традиција, идентитетот и самобитноста. Ако е така, а така е – тогаш тонеме. Неповратно. И, никому од елитите изгледа ниту му било, ниту сега му е гајле.

„Дијалози за слободата“ довикуваат некој друг да ги продолжи, оти токму слободата на мислата е нешто што не може да се зароби

Минавте низ сите медиуми, и печатени и електронски. Што, во суштина, ја прави новинарската професија тоа што е и дали медиумот ја менува суштината на работата?

– Јас го изодев сопствениот професионален пат од „Млад борец“, преку Македонската радио-телевизија, весниците „Дневник“, „Време“, „Нова Македонија“, еден куп магазини во земјава и во странство… и сѐ до Радио Слободна Европа. Поминав низ сито и решето. И, за целото тоа време, во границите на моите можности, никогаш не се штедев себеси. Напротив. Создавав пријателства и мислам дека оставив зад себе неколку генерации млади колеги, кои поодамна се стасани во новинарството, публицистиката.

Независно што просторот е стеснет повеќе од кога било. Затоа е отпорот посилен. Е, токму тоа – бунтот и немирливоста, според мене, ја прават сѐ уште жива новинарската професија. Медиумот е само алатката, начинот на кој побрзо ќе допрете до публиката. За жал, кај нас сега царуваат „копи-пејст“ новинарството и желбата за сензација.

Голем број од медиумите во кои работевте веќе не постојат. Какво чувство Ви носи тој факт?

– Веројатно како и на секој новинар од мојата генерација – тага. Како да сум потонал во море од тага. Не за времето што поминало, туку за тоа што, речиси, и да ги нема информативните столбови на нашата, македонската државност. Некои се тука, ама само формално. Без какво било влијание. А, кога ќе се сетам своевремено во „Дневник“, во петок и сабота се продаваа 110.000 примероци од весникот! Се „бркавме“ со „Вест“ во однос на тиражот. А, денес?!

Сега имаме весници (ако сакате и сајтови) со неколкумина вработени и без пари, радија и телевизии што се „крстат“ во вестите и „политичките шоу програми“, без каков било концепт за култура, уметност… и нималку смисла за јавниот интерес. За нас во современиот свет.

Формално-правниот пензионерски статус нема суштинско значење ниту за новинарите ниту за уметниците. Како ја чувствувате сегашната слобода за реализација на други професионални желби?

– Сега сум „пензионер“ и „превработен“. Се обидувам да направам рамнотежа помеѓу љубовта и грижата за внуците и нивниот развој и незгасливата потреба да се пишува. До скоро бев дописник на словенечкиот магазин „Менаџер“, а сега ќе мора да си најдам нова „занимација“ овде дома. Идеи за нова книга, за книги, за разноразни проекти… имам на претек. Само здравје!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот