Интервју со Никола Глигоров: „Скопско лето“ ја има својата виталност

Фотографија: Марија Чедомировска

Остануваат уште неколку дена до крајот на традиционалната летна манифестација „Скопско лето“, која и оваа година масовно беше посетена од публиката, но остана заборавена, или можеби „отпишана“, од градската администрација.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје веќе 43 години ги исполнува жешките скопски ноќи со врвна, висококвалитетна и разновидна културна програма. Како организатор на манифестацијата „Скопско лето“, Дирекцијата има реализирано илјадници програми со десетина илјади учесници за стотина илјади посетители.

Овие бројки не се извлечени од нечија статистика, туку симболично би требало да го доловат габаритот на културната мисија на „Скопско лето“. Уште поголема симболика носи континуитетот на манифестацијата и многубројните генерации љубители на уметноста од сите области, кои своите детства, младост и зрелост ги поминале и облагородиле со концертите, театарските претстави, изложбите, мултимедијалните перформанси и филмски проекции на „Скопско лето“, кое отсекогаш како мост ги поврзувало уметниците и публиката.

Низ годините во кои традицијата верно се пренесувала од генерација на генерација се собрани многу знаење, контакти и искуство во реализацијата на „Скопско лето“. Годинава таквото искуство беше пресудно во организацијата на манифестацијата, бидејќи отсуствува дел од системската и финансиска поддршка за програмите на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Во својот традиционален термин од 21 јуни до 30 јули „Скопско лето“ понуди 30 културни настани на повеќе локации низ градот / Фотографија: Марија Чедомировска

Низ разговорот со Никола Глигоров дури и добивме чувство дека е невозможна мисија што 43. „Скопско лето“ воопшто се случи. А веќе се реализирани речиси 30-ина програми од секој сегмент на уметноста, вклучително и учество на голем број домашни и уметници од странство.

Во разговорот што минатата година го направивме констатиравме дека работата на „Скопско лето“, пред сѐ, претставува задоволство. Дали таквото чувство останува и оваа година, на неколку денови пред крајот на 43. „Скопско лето“?

– Токму така, и покрај одредени тековни проблеми, сепак, дружењето со врвните домашни и странски уметници, со благородната публика, секогаш претставува задоволство. Задоволството е уште поголемо кога програмите и проектите кои се планирани во рамките на „Скопско лето“ успешно се реализираат на задоволство на самите уметници, како и на публиката. Особено нѐ радува кога публиката со задоволство ги прифаќа понудените содржини.

Во програмска смисла манифестацијата го задржа својот концепт и понуди концерти, претстави, промоции, изложби. Што не успеавте да ѝ понудите на скопската публика?

– „Скопско лето“ во изминатите децении се профилира како мултимедијална манифестација која комуницира со најширокиот слој на публика. Почнувајќи од најмладите, па до оние кои се повозрасни. „Скопско лето“ успева да комуницира со оние кои духовното творештво, културата воопшто, ја прифаќаат со истенчен вкус, со повисоки естетски критериуми, како и со оние за кои културните манифестации овозможуваат збогатување и надградба на нивното поимање на културата.

Точна е Вашата констатација дека и оваа година „Скопско лето“ успеа да понуди различни содржини. Нeшто што по 42 години континуирано одржување, заради стеснетите финансиски можности, не успеавме да го реализираме е „Кафе киното“. Се надевам дека веќе наредната година овој дел од програмата ќе се врати во рамките на Фестивалот.

„Скопско лето“ успева да комуницира со оние кои духовното творештво, културата воопшто, ја прифаќаат со истенчен вкус, со повисоки естетски критериуми / Фотографија: Марија Чедомировска

Ковид-пандемијата изминативе две години промени многу работи и во летната „мртва сезона“ почнаа да се одржуваат по неколку настани секоја вечер. Како вие се снајдовте во таквата „гужва“?

– Своевремено „Скопско лето“ започна како обид да се надмине т.н. „мртва сезона“ во текот на летниот период и со годините тоа стана „сезона вон сезоната“ и беше единствен настан во градот во текот на летните месеци. Во тој период, тогашната Културно-просветна заедница на Скопје, сега Дирекција за култура и уметност на Скопје, вршеше своевидна координација на културните настани, со цел да се овозможи целогодишно, континуирано и организирано културно живеење на градот.

За жал, во последниве неколку години тоа не е така. Манифестации и културни настани, кои се одржуваа во друг период од годината сега се одржуваат во текот на летото. Сепак, сметам дека „Скопско лето“ со својата децениска традиција негуваше и сѐ уште негува своја благородна публика, која во голем број ги посетува настаните на Фестивалот. Верувам дека, пред сѐ, Град Скопје ќе се обиде повторно да ја воспостави таа координација за да можат граѓаните и гостите на главниот град на државата да имаат целогодишна културна понуда.

На отворањето на „Скопско лето“ настапи Европскиот креативен оркестар при институтот „Фаме’с“ / Фотографија: Марија Чедомировска

Со колкав буџет влеговте во реализацијата на програмата и дали тој е соодветен за манифестација од овој вид?

– Оваа година е убедливо финансиски најтешката за „Скопско лето“, па и за Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Фактите говорат самите за себе: само 400.000,00 денари од Министерството за култура на Република Северна Македонија и нула денари од Град Скопје, за фестивал кој се одржува во главниот град на државата и трае 41 ден.

Во Дирекцијата за култура и уметност сте од 1984 година. Како низ личната призма гледате на трансформациите што се случија со Дирекцијата, но и на „Скопско лето“, од тогаш до сега?

– Дирекцијата за култура и уметност на Скопје веројатно е една од најстарите културни институции формирана уште во 1948 година како Народна просвета, па преименувана во Културно-просветна заедница на Скопје. Оваа организација постојано ги следеше и ги следи културните збиднувања во државата и пошироко и со манифестациите и проектите кои ги организира („Блуз и соул фестивал“ – 26 години, „Есенски музички свечености“ – 22 години, секако „Скопско лето“ – 43 години, како и бројни програми и поединечни проекти од сите области на творештвото) и затоа е единствена која опстои од некогашната структура на Културно-просветни заедници во Македонија и пошироко на територијата на некогашна Југославија.

Во оваа смисла и „Скопско лето“ ја има својата виталност. Тоа се обидува да одговори на актуелните потреби на публиката, но и на уметниците, следејќи ги современите текови во културата. Затоа секоја година овој Фестивал има своја редовна публика, со која ние од Дирекцијата најнепосредно комуницираме и го слушаме нејзиниот глас и одговараме на нивните потреби. Исто така, „Скопско лето“ и Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, не се препуштаат на некои популистички методи. Постојано се обидуваме преку нашите програми и проекти да ја промовираме врвната култура и високите дострели во духовното творештво, и на тој начин се промовираат вистинските вредности и критериуми во оваа област.

Практично, колкава екипа на соработници работеше на годинашното „Скопско лето“?

– Дирекцијата за култура и уметност на Скопје е невладина организација која има свое Собрание и Извршен одбор во кои членуваат врвни уметници од различни области на културата. Дирекцијата има и Стручна служба во која своевремено имаше повеќе од десетина вработени. Оваа година „Скопско лето“ се реализира со тројца вработени, но и со помош на членовите на Извршниот одбор и Собранието. Тоа ми дава надеж дека „Скопско лето“ постои и ќе постои затоа што за мене многу драги луѓе од љубов ја работат својата работа и даваат придонес во растежот на „Скопско лето“. Сите тие се вложуваат затоа што сметаат дека ова е Фестивал на Скопје, кој го поставува на единствената мапа на европски и светски градови кои имаат вакви фестивали.

Во таква ситуација, има ли визија за доекипирање и подмладување на Дирекцијата за култура и уметност?

– Да, секако. Но, тоа зависи од нашите главни финансиери Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија. Во оваа смисла, сакам да истакнам дека програмите и проектите кои ги реализира Дирекцијата се непрофитни. Значи, се обидуваме културата, духовното творештво да го приближиме до секој поединец, да негуваме благородна публика која ќе го најде својот интерес во нашите програми. Потоа тие стануваат вљубеници во музиката, ликовната уметност, театарот, филмот итн. Затоа, повторувам неопходна е поддршката од Град Скопје и Министерството за култура оваа постојна екипа да ги пренесе своите искуства на помладите и манифестациите кои Дирекцијата ги организира да продолжат да живеат за добробит на публиката, на уметниците, како домашни, така и странски.

Со својата децениска традиција „Скопско лето“ негуваше и сѐ уште негува своја благородна публика, која во голем број ги посетува настаните на Фестивалот / Фотографија: Марија Чедомировска

Годинашното „Скопско лето“ е при крај. Какви се плановите за другите манифестации што ги организира Дирекцијата, како „Блуз и соул фестивал“ и „Есенски музички свечености“?

– „Блуз и соул фестивалот“ е еден од најстарите во регионот со своето 26-годишно постоење. Покрај тоа, овој Фестивал активно ја поддржуваше и негуваше домашната блуз сцена. Благодарение на овој Фестивал се формираа и сѐ уште постојат блуз и соул групи во Македонија, музика која можеби не е толку блиска на нашето поднебје, но веќе стана своевидна класика во музиката.

За жал, некои т.н. стручни комисии во Министерството за култура на Република Северна Македонија како минатата и оваа година оценија дека овој Фестивал не заслужува поддршка, за разлика од некои други многу покомерцијални проекти. Од друга страна, Град Скопје кој во годините претходно скромно но, сепак, ја поддржуваше оваа манифестација, исто така, не даде финансиска поддршка за Фестивалот.

Претходните две години во време на корона-пандемијата овој фестивал беше реализиран со наши групи, кои воопшто не беа „лакоми“. Напротив, тие учествуваа на „Блуз и соул фестивал“ затоа што го сакаат овој проект. Ние како организатори покривме само некои „ситни“ трошоци и секако, организациско-техничките потреби.

Како што сега стојат работите, многу веројатно е дека оваа година ќе нема „Блуз и соул фестивал“, иако сакавме и имаме поддршка од самите уметници и оваа година да биде посветена на домашната сцена, додека некои новоиспилени манифестации од сличен карактер добија поддршка од Министерството за култура и Град Скопје. Повторно ќе кажам, оваа година Дирекцијата за култура и уметност не доби никаква поддршка за своите програми од Град Скопје.

Што се однесува до „Есенски музички свечености“, нив ќе ги има. Добивме 201.000,00 денари од Министерството за култура и тие средства треба да ги оправдаме. Само не знам како ќе успееме тоа да го реализираме ако Фестивалот има 10 до 13 проекти во месец ноември. Веројатно тоа ќе биде како и со „Скопско лето“, каде шеесетина проценти од програмата беше обезбедена од странските амбасади.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 138, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот