Интервју со Наташа Малинкова, пејачка: Со Кире сме 23 години во брак, тајната е во слободата што си ја даваме, почитта и чувството за хумор
Наташа Малинкова со години е дел од македонската музичка сцена. Овој период го одбележува со нова песна, љубовната тема „Нема правила“, која неодамна ја промовираше.
Препорачано
Во пресрет на летото, кога мислите се насочени и кон одмор и нови планови, разговаравме со Наташа за нејзините музички активности, приватниот живот, инспирациите, семејството и за тоа како изгледа еден ден во нејзиниот свет – исполнет со љубов, музика и искрена посветеност.
Со оглед на тоа дека започна летото, дали овој период од годината ти е еден од омилените и дали веќе планираш некаде да одиш на одмор?
– Летото е мојата сезона! Сонцето, долгите денови, дружбите под отворено небо – тоа ме полни со енергија и живот. Веќе сме во планирање на неколку кратки одмори на море, но и некое бегство за викенд во природа. Сè уште не знам точни дестинации, но сигурно ќе има спонтани авантури!

Што е за тебе идеален одмор?
– Идеален одмор за мене е онаму каде што ќе го исклучам телефонот, ќе дишам длабоко и ќе го слушам само гласот на природата или смеата на моите ќерки. Без стрес, без план – само добар разговор, вкусна храна, музика и блиските околу мене.
Ајде малку за музиката. Што се случува на музички план, каде настапуваше и дали е во план авторска музика?
– Музиката никогаш не мирува кај мене. Во последниот период имав многу настапи што ми беа особено драги – и поради атмосферата и поради публиката, а нѐ очекуваат уште многу настапи што се веќе запишани во нашата агенда. Работам и на нова авторска музика, всушност, штотуку го објавив новиот сингл „Нема правила“, љубовна тема со потпис на „Аврамов рекордс“. Планирам уште неколку нови песни до крајот на годината. Не брзам, сакам спонтани проекти, музика што прво лично мене ќе ми легне и никогаш не форсирам по секоја цена.

Тука ми се наметнува и прашањето за почетоците. Од каде љубовта кон музиката и колку беше тешко да се наметнеш на музичката сцена?
– Љубовта кон музиката ми е од најмала возраст. Отсекогаш сонував за ова што го живеам денес – што би рекле, „внимавај што ќе посакаш“. Пеев пред огледало, правев концерти за куклите, пред гости дома, а години подоцна, тоа се претвори во мојата професија и страст. Не беше лесно да се пробијам, особено ако сакаш да останеш свој, но верувам дека искреноста, упорноста и љубовта кон она што го правиш – те водат напред.
И ако направиш споредба, како ја гледаш сцената некогаш и денес?
– Некогаш сцената беше поромантична, сè се правеше со срце и труд. Денес има повеќе брзина, визуелност, социјални мрежи… Но, доброто секогаш излегува на површина. Јас се трудам да останам верна на себе и на оние што ја чувствуваат мојата музика. Вметнувам и нови елементи и стилови, но сепак сакам да останам своја и како таква – препознатлива.

Каква е Наташа приватно? Што те исполнува и те прави среќна?
– Приватно сум едноставна, топла и понекогаш хаотична жена. Среќна сум кога сум дома, со моите луѓе. Отсекогаш ме радувале малите нешта, скромноста и искреноста се мојата најголема врлина и нема да дозволам да замине детето од мене. Секоја насмевка на моите деца, радоста во очите на фановите или блиските пријатели ме исполнува и ме прави среќна. Тоа ми е најголемата мотивација во животот.
Мајка на две ќерки – Султана и Емилија. Како изгледа вашето секојдневие и колку можеш да кажеш дека освен ќерки, тие се и твои најдобри другарки?
– Секојдневието ни е полно со енергија, разговори, планови, понекогаш и хаос. Но, убав хаос. Султана и Емилија не ми се само ќерки туку вистински сојузнички, искрени критичари, советници и најдобри пријателки. Имаме отворен однос, многу споделуваме разни мислења и искуства – и тоа е моето најголемо богатство.

Со сопругот Кире сте 23 години во брак. Која е тајната и како Кире излегува на крај дома со три дами?
– Кире е еден редок маж што знае да слуша, да поддржи и да се смее кога е најпотребно. Нашата тајна е слободата што си ја даваме, почитта и чувството за хумор. Со три жени дома му е весело, но и живописно – секогаш има духовитост во неговото обраќање кон нас трите, и во моменти кога можеби ќе претераме… како жени.
За крај, како ја одржуваш убавината и воопшто изгледот?
– Искрено, се трудам да се негувам, внимавам да користам поприродни производи, редовна физичка активност и многу вода. Немам строги режими, но внимавам на исхраната и сонот. И најважно – убавината доаѓа кога си задоволен со себе, кога љубиш и кога си љубен.



