Фото: Приватна архива

Интервју со Мери Акиевска, шампионка во бодибилдинг: Се спремаме за свадба, по сите светски титули, љубовта е најголемата победа

Мери Акиевска, носителка на повеќекратни светски титули во бодибилдинг, деновиве се сврши во Охрид. За романтичното запросување, љубовта, бодибилдингот и поддршката од најблиските, зборуваме во интервјуто за „Слободен печат“.

Неодамна се сврши во Охрид. Каков беше тој момент, го насети предлогот за запросување или целосно те изненади?

– По сите врвни титули, оваа титула можам да кажам дека е една од најзначајните во мојот живот и гласно реков „да“. Реално, многупати разговаравме околу оваа тема, но не очекував дека ќе се случи токму на роденденот на мојот свршеник. Беше огромно изненадување за сите, бидејќи беше толку тајно испланирано.

Колку време бевте во врска и што најмногу те освои кај него?

– Можам да кажам дека долго време се знаеме, но во врска не сме баш долго време. Најмногу ме освои неговиот став и мажественоста – денес реткост е да имаш покрај себе стабилен, силен маж, кој внимава на тебе, посветува внимание и те разбира. Како двајца спортисти, тоа уште повеќе придонесува за стабилна врска. Мојот свршеник е поранешен кикбоксер и сегашен тренер, но можеби наскоро повторно ќе го видиме во рингот.

Фото: Приватна архива

Дали веќе размислувате за свадбени ѕвона или сакате уште да уживате во свршеничкиот период?

– Уште веднаш, па дури и пред да ме побара, имавме идеи. Веќе се прават организации и планови околу свадбата.

По сите животни премрежја денес си цврсто изградена како личност. Кој беше најголемиот извор на сила во твојот живот?

– Најголемиот извор на сила ми беше да ја направам мајка ми најсреќна на светот. Имам еден родител – мојата мајка – и таа заслужува да биде најсреќниот човек на светот.

На 19 години почна да тренираш бодибилдинг. Што те привлече кон овој спорт?

– Во овој спорт навлегов со 19 години. Со моите гени се пронајдов во спортот и целосно се посветив – само јас пред огледалото, кујната и „теретаната“.

Колку се напорни подготовките пред натпревар и како изгледа еден твој типичен ден во тој период?

– Жртвата е огромна. Јас сум многу строга кон себе и мислам дека токму тоа ми овозможи да ги достигнам тие титули што ретко кој во светот може – да освоиш сè што може да се освои и да го повториш успехот три години по ред.

Фото: Приватна архива

Освои четири златни медали од светски натпревари. Што значи тоа за тебе, и како спортистка и како Македонка?

– Освојувањето на четири златни титули на светско ниво, од кои три апсолутни, е неверојатен успех. Можеби е среќа еднаш да се освои, но да останеш на врвот е многу потешко. Прво мораш да се победиш самата себе.

Што би им рекла на младите девојки кои размислуваат да влезат во светот на бодибилдингот?

– Јас сум најголемата поддршка на сите спортисти. Сечиј успех го гледам како мој. Има премногу таленти кои не се истакнати, а ми е жал за оние што немаат поддршка. Знам како е – и јас сама се снаоѓав за моите настапи, но имав и неколку луѓе околу мене кои ми помагаа. Благодарност до мојата мајка, мојот матичен клуб „Магнус“ и поединци од институциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот