Интервју со Маријана и Мишела Димоска: Чувството на подиумот со најголемите карате шампиони е неописливо!

-Постојано патуваме и можам да кажам дека пораснавме со каратисти од целиот свет и тоа е она што навистина нè исполнува и со нетрпение чекаме за следното видување – вели Мишела.

Веб изданието на „Слободен печат“ направи интервју со каратистките Мишела и Маријана Димоска, двете сестри кои пораснаа со каратето и многу успешно се претставуваат досега во овој спорт на турнирите.

Најголем успех за Мишела и Маријана е освоениот сребрен медал на Светското првенство во Индонезија, следуваат двете бронзи на Европските првенства во Кипар и Португалија..

За нивните резултати, самите тренинзи, како се стекнува мотивацијата, подготовките со најуспешните спортисти, поддршката во текот на натпреварувањата, повеќе прочитајте во продолжение…

Кои се вашите почетоци во каратето, што ве инспирираше да бидете дел од оваа боречка вештина?

МАРИЈАНА: Заедно со Мишела започнавме да се занимаваме со карате уште на 3 години. Нашите родители се тренери и ние пораснавме со овој спорт. На три години веќе вежбавме заедно со другите и така се роди желбата за карате. Сега не можеме да замислиме еден ден без тренинг.

Колкав е предизвикот во овој спорт, кои се неговите позитивни страни и дали вреди и другите помлади луѓе да го применуваат?

МАРИЈАНА: Секогаш е предизвик да се биде успешен спортист без разлика во кој спорт. Секојдневните тренинзи, откажување од многу работи, посветеноста, упорноста се дел од овој спорт. Да се биде во врвот е навистина тешко и треба многу работа и упорност, но затоа чувството кога го делиш подиумот со најголемите шампиони во карате е неописливо. Постојаното шетање во различни држави, запознавање на луѓе од различни култури е тоа што го прави секој спорт посебен. Тие се пријателства што траат цел живот. Ние веќе долги години сме дел од сениорската репрезентација и сме посетиле многу држави, а исто така запознавме секакви луѓе кои и сега се дел од нашиот живот, постојано се среќаваме на натпреварите и навистина е убаво чувството да имаш пријатели каде и да одиш. Секако има уште многу позитивни страни и навистина би сакала многу од младите да почнат да се занимаваат со овој спорт.

Освен самите настапи и медалите, натпреварувањата донесуваат и бројни патувања и нови пријателства. Како вие гледате на тоа?

МИШЕЛА: Сметам дека тоа е една од најдобрите страни на спортот. Како што кажа и Маријана претходно, постојано патуваме и можам да кажам дека пораснавме со каратисти од целиот свет и тоа е она што навистина нè исполнува и со нетрпение чекаме за следното видување. Покрај дружбите, со секое патување во различна држава ние учиме за различни култури и начини на живеење што е навистина позитивно и прекрасно искуство.

Дали каратето е скап спорт, дали и колку финансиите се важни за обезбедување на услови и опрема?

МАРИЈАНА: Во споредба со другите пример како што е тенисот, каратето не би го сметале како премногу платен спорт, но сепак има големи трошоци за секое патување, но и за опремата. Секако дека една од најважните работи за успехот се условите за тренинг. Јас и Мишела бевме дел од институтот за спорт на Австралија 2 години, односно првите каратисти во Австралија кои некогаш биле дел од оваа институција. Видовме и почувствувавме како е да се биде во најдобрите спортисти во и како е зад тебе да стои цел тим кој што те подржува и прави се за да бидеш најдобар. Тој тим на луѓе се најуспешните во Австралија кои што се грижат за сите спортски звезди, светски рекордери, олимписки медалисти во сите спортови. Ние 2 години имавме шанса да тренираме и да се подготвуваме заедно со тие спортисти, и навистина позитивната атмосфера на секој тренинг, мотивацијата која што ја добивавме од нив секој ден е незаменлива.

Кои се вашите најголеми успеси, резултати на домашната и меѓународната сцена…

МИШЕЛА: Најголем успех за мене и сестра ми е сребрениот медал на Светското првенство во Индонезија. Потоа следуваат двете бронзи на Европските првенства во Кипар и Португалија, како и повеќе од 10 медали на сениорските Премиер Лиги од кои 5 освоивме под знамето на Австралија во изминатите 2 години. Морам да ги спомнам и медалите на Светските купови во поединечна конкуренција каде што јас имам освоено 4 медали од кои последниот сребрен беше пред 1 година под 21 година, додека Маријана има освоено 5 медали. Како дел од Австралиската репрезентација освоивме 4 медали на континенталното првенство на Океанија во Нов Зеланд и 3 години по ред се најдовме во финалето на националното првенство. Исто така морам да напоменам дека 2 години со ред сме дел од институтот за спорт на Австралија каде што имавме можност да вежбаме со најдобрите спортисти во Австралија и светот, олимписки медалисти и светски рекордери како и да работиме со најврвните професионалци во спортот. За државните првенства во Македонија нема потреба да зборувам затоа што од кога почнавме да се натпреваруваме сме двете во финале.

2020 Токио е олимписка година, кои се вашите следни активности што ве очекуваат во наредниот период?

МАРИЈАНА: Следната голема цел за нас е Европското првенство кое ќе се одржи на крајот на Март во Азербејџан. После тоа следуваат премиер лиги како и најважното натпреварување за нас оваа година, Светското првенство во ноември.

(само напомена дека од македонската карате федерација информираа дека поради мерките за заштита и ширење на коронавирусот, Европското првенство за сениори закажано во Баку од 25-29 март е одложено).

Како изгледа еден ваш обичен ден, освен каратето, секако тука е и образованието…

МИШЕЛА: Точно така. Покрај каратето ние почнавме да студираме спортска наука на факултет во Перт што е исто така голем предизвик затоа што спортот во Австралија е на такво високо ниво што луѓето кои работат со врвните спортисти треба да се навистина спремни и најдобри во тоа што го прават. За да се постигне тоа треба навистина посветеност и работа, а секако дополнителен предизвик за нас е и тоа што и самите ние сме врвни спортисти и сакаме да научиме што е можно повеќе во оваа област. Нашиот ден отприлика изгледа вака. Наутро имаме фитнес тренинг или тренинг за сила во теретана и потоа имаме сесија за ослободување на мускулите и тензијата од тренингот. Останатиот дел од денот пред вториот тренинг за карате го поминуваме на факултет, во учење или ако сме слободни со дружба со пријателите или фамилијата и одмор за следниот тренинг. Вториот тренинг е карате тренинг како што веќе кажав погоре. Остатокот од вечерта одмараме или повторно излегуваме кратко да се релаксираме за следното утро. Се разбира во текот на денот внимаваме на исхраната и секогаш гледаме да бидиме доволно одморени за да дадеме максимум на следниот тренинг.

Доколку не се одлучевте за каратето, со ваков спорт ќе се занимававте или воопшто професија?

МАРИЈАНА: Искрено не би можела да замислам еден ден без карате, бидејќи како што кажав започнавме на 3 години. Но, еве можам да го издвојам пливањето и атлетиката како нешто што секогаш го сакам и се навистина интересни, а имав можност и да присуствувам на неколку натпревари во Австралија. Па би можела да кажам дека ако не беше каратето би се занимавала со пливање или атлетика.

Која е најголемата поддршка во вашата спортска приказна и животот?

МИШЕЛА: Најголема поддршка за мене и сестра ми отсекогаш биле нашите родители Златко и Елизабета кои се занимаваат со карате над 40 години и се едни од најуспешните тренери во светот, како и судии со светски лиценци. Тие се нашите тренери и секогаш се тука за нас, секогаш ни помагаат во каратето и во сè во животот и се разбира тие се едни од најзаслужните за нашите успеси. Исто така, тука е целата фамилија, пријателите, карате тимот и се разбира институтот за спорт на Австралија.

Што според вас е клуч за еден каратист, односно спортист да постигне еден голем успех, резултат?

МАРИЈАНА: Како што кажав и претходно да се биде успешен спортист треба многу вложување во себе си, напорни тренинзи откажување од многу работи, упорност, посветеност, желба, и се разбира никогаш да не се откажуваш без разлика дека некогаш ќе загубиш или ќе победиш да се биде упорен се додека не го достигнеш врвот, односно целта која што си ја поставил. Да се биде спортист е привилегија на најдобрите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот