Интервју со Марија Роглева за соработката со модната куќа во Париз: Твоите идеи се многу солидни, ја разбираш естетикатa на брендот, ми рече директорот на „Пјер Карден“
При изработката на модната колекција, најголем предизвик ми беше да го спојам мојот стил на цртање со естетиката на брендот „Пјер Карден“. Сакав да создадам поразличен дизајн, но во согласност со визијата на модната куќа.
Марија Роглева (22) од Богданци неодамна беше дел од работилница организирана од модната куќа „Пјер Карден“ во Париз. Оттаму носи искуство, но и можност да ги оствари своите соништа во модата. Марија е студент на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје и седум години активно се занимава со мода и уметност.
Препорачано
За Париз и како е да се биде меѓу првите луѓе што стојат зад познатиот моден бренд, Марија раскажа во интервјуто за „Слободен печат“.
Кога првпат сфати дека модата ќе биде повеќе од хоби за тебе?
– Уметноста ми беше страст уште од детството, но на 14 години сфатив дека модата ќе ми биде повеќе од хоби. Тоа беше моментот кога моите скици почнаа да добиваат внимание и признание. Тогаш почувствував дека преку дизајнот можам да ја пренесам мојата емоција и дека уметноста е мојот вистински пат.

Што беше најголем предизвик при изработката на колекцијата за конкурсот на „Пјер Карден“?
– При изработката на модната колекција, најголем предизвик ми беше да го спојам мојот стил на цртање со естетиката на брендот „Пјер Карден“. Сакав да создадам поразличен дизајн, но во согласност со визијата на модната куќа. Исто така, морав колекцијата да ја завршам за краток временски рок, и затоа ми беше потребна дисциплина.

Како изгледаше еден твој типичен ден во текот на работилницата во Париз?
– Мојот ден во Париз започнуваше рано наутро, со заеднички појадок со сите модни дизајнери. Потоа следуваше работа во студиото, скицирање, сликање и дизајнирање. Атмосферата беше инспиративна, се разменуваа различни идеи и искуства. Додека пак, вечерите најчесто ги поминував во прошетка низ Париз, кој сам по себе е уметничка инспирација.
Што најмногу те изненади или воодушеви во соработката со тимот од „Пјер Карден“?
– Во соработката со тимот најмногу ме воодушеви нивната почит кон младите дизајнери. Секој член од тимот на „Пјер Карден“ беше подготвен да даде совет, но во исто време ни даваа и простор за сопствен уметнички израз. Чувството дека мојата идеја се вреднува е навистина посебно.

Имаш ли некој совет или коментар од директорот Родриго Карден што посебно ти остана во сеќавање?
– Да, директорот Родриго Карден ми рече дека моите идеи се сосема солидни и дека многу добро сум ја разбрала визијата и естетиката на брендот „Пјер Карден“. Тој ме инспирираше и ме предизвика да размислувам креативно.
Како ти влијаеше ова искуство врз твојата самодоверба и креативен правец?
– Ова искуство влијаеше позитивно врз мене, ме направи посигурна и ми покажа дека сум на вистинскиот пат. Работејќи во таква професионална средина, стекнав храброст да експериментирам и да верувам повеќе во себе и во моите идеи.

Што би сакала да постигнеш во следната фаза, размислуваш ли за сопствен бренд или за нова колекција?
– Во мојата следна фаза би сакала да создадам нова колекција во рамките на моите академски студии. Би сакала да стекнам уште поголемо знаење и искуство пред да го создадам мојот сопствен моден бренд. Мојот бренд би ги обединил моите идеи со одржлива мода.
Дали имаш некое модно правило или филозофија по која се водиш?
– Мојата филозофија за модата е дека таа треба да биде баланс помеѓу креативноста и функционалноста. Според мене, модата треба да биде искрена, бидејќи облеката е најдобрата визуелна комуникација за човекот.

Кога не се занимаваш со дизајн, што те исполнува приватно и што те прави среќна?
– Најмногу ме исполнува времето поминато со мојата фамилија. Во слободно време сакам да сум со моите најблиски, бидејќи тие се мојата мотивација. Според мене, успехот е најголем кога имаме со кого да го прославиме и споделиме. Добро е да имаш успешна кариера, но уште подобро е да имаш среќна фамилија.



