Фото: Приватна архива

Интервју со Катерина Шехтанска, актерка: По четири години пауза повторно сум на сцената каде што припаѓам

Актерката Катерина Шехтанска долги години е дел од Драмскиот театар. Освен глумата, балетот е нејзината голема љубов, особено времето кога настапуваше во „Ребис“. По подолга пауза, Шехтанска повторно е на сцената со претставата „Болва во уво“.

Во интервју за „Слободен печат“, актерката зборува за враќањето на сцената, за актерската кариера, за танцот, но и за некои приватни моменти од својот живот.

По подолга пауза, повторно си на сцената на Драмски. Прво, зошто те немаше и како го доживуваш ова враќање?

– Па, да, не баш долга, но за мене предолга, веќе четири години без премиера и, на мое изненадување, еве ме повторно таму каде што припаѓам… на сцената, нормално. Да, „Болва во уво“ во моментов е новата хит претстава на тековниот репертоар на мојата матична куќа, Драмски театар. Хм… Како го доживувам? Па не знам, што и да кажам, ќе згрешам. Театарот многу ми недостасуваше, не по моја вина, секако дека ме немаше, но за тоа треба да ги прашате нашите ценети режисери зошто прават една иста поделба секогаш и секаде. Имаме толку многу и толку разнолики актери и, реално, ако не се врзуваат како црева, сите можат да бидат еднакво искористени. Нашата професија е прекрасна и не познавам актер што не сака и не си ја работи професијата со љубов, и тажно е што се маргинализирани повеќето од нив само затоа што не припаѓаат на некој табор.

Фото: Приватна архива

„Болва в уво“ ја нарекуваш експлозија на енергија, страст и комика. Што беше најважно во градењето на твојата улога?

– За мојата улога во оваа претстава, искрено, немам што да кажам… Не е комплексна улога, туку со конкретно дејствие, и затоа ми е „боза“ за играње, освен деловите каде што се удирам од вратите (ретко ги погодувам), хахаха, и паѓам како балетска Жизела… Искрено, мило ми е што работев со една млада и надежна екипа, процесот како процес нема што посебно да издвојам, имавме релативно краток период за работа.

Фото: Приватна архива

Кога ќе погледнеш наназад, дали има улога или период што најмногу те обликувал како актерка и ти го сменил односот кон глумата?

– Не сум актер со некоја богата лепеза на одиграни улоги, за жал, и сериозно нема ниту една улога за која можам да кажам дека ме обликувала како актер, туку секоја нова ја сметам за искуство плус, и искрено, неколку се оние што со уживање сум ги играла… сѐ друго било страшно глупаво и немало нешто за што можам да кажам дека сум блеснала или сум направила не знам каква улога.

Фото: Приватна архива

Танцот и балетот се голем дел од твојата приказна. Како денес се сеќаваш на времето во „Ребис“ и колку ти недостасува тој период?

– Ах, времиња… „Ребис“, балетот, класиката, МОБ, тоа е мојот вистински живот. Премногу ми недостасува и никогаш нема да си простам што не направив балетска кариера, бидејќи за таму знам дека ќе бев успешна, додека тука, ако ти дозволат, ако не…

Фото: Приватна архива

Колку и балетот одиграл улога во градењето на актерската кариера?

– Кај мене балетот, освен што ме оформил како личност и физички, и тоа како помогнал, плус во односот и кон сцената. Во кариерата не ми помогна затоа што не знаеја да ме искористат, буквално за ништо. Неколку режисери се што знаеле тоа да го применат или да го искористат како плус, за останатите не знам сериозно што размислуваат и што и како гледаат на тоа.

Како изгледа Катерина дома – построга мајка или другарка со Клеоника и Филип? И што те научија тие за балансот во животот?

– Катерина по дома е како исфрлена од поплава. Повеќе другар со Филип и Клеа, но и ‘ржам понекогаш. Не им бев никогаш отсутна, постојано им бев достапна и на располагање за сѐ и сешто, што почнаа да ме злоупотребуваат, постојано сум „такси“. Филип има 20 години, веќе вози, а Клеа има 17 и за неа сум Убер. И така… шегата настрана, тука сум и како родител, пред сѐ, и како другар, поддршка, и секако за што и да сум им потребна, можат да се потпрат на мене. Би сакала, желба ми е најголема, пред сѐ, живи и здрави да се и да ги насочам на прав пат, а колку ќе успеам, времето ќе покаже. Имаат доста киксови правено, но и не можам да кажам дека се проблематични деца засега.

Фото: Приватна архива

Како и секоја жена, дали те плашат годините или те прават посигурна во себе?

– Да, за жал, почнаа да ме плашат… Не можам некогаш да сфатам колку години имам, затоа што, како велат, како се чувствуваш, така изгледаш. Дека нешто помудра сум станала, тешко, но дека повеќе внимавам во смисла на наивност и доверување, пак тешко, но ете, можеби нешто имам научено со текот на годините…

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот