Интервју со кардиохирургот академик д-р Жан Митрев: Нашата најдобра реклама се задоволните пациенти

Повеќе од 3.000 операции, најголемиот дел од нив кардиоваскуларни интервенции, се направени лани во „Жан Митрев клиник“, што е рекорден број на годишно ниво.

Во периодот кога го одбележувате 20-годишниот јубилеј, Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“ веќе е минато и сега сте препознатливи по брендот „Жан Митрев клиник“. Колку жртви, енергија, личен ентузијазам и посветеност, откажувања и вложувањата од секој аспект беа потребни за од прва бајпас операција изведена во Македонија, да се стаса до поставување вештачко срце?

– Низ целиот процес на создавање и развој во овие 20 години сè до денес, многу работи се променија. Во оваа работа 20 години се еден човечки век, според интензитетот и оптоварувањето во секој поглед. Морам да изразам благодарност и до медиумите, кои будно нè следеа, некогаш и многу критички, меѓутоа треба да се знае и да се има предвид сè што се правело. За да се изоди патот дотука, каде што сме сега, во сите овие години потребни беа голема посветеност, стручност, енергија.

Тогаш почнав со една операциска сала и со 12 болнички кревети, сега имаме 120 кревети, болницата е дизајнирана по моја желба во однос на развојот, па имаме 40 кревети на интензивна нега, по најнова технологија и мониторинг, колку што можеби нема во медицинските центри во цела Македонија вкупно. Тоа е така затоа што нашето тежиште на третман се најтешко болните пациенти. Имаме пет големи оперативни сали и четири помали, интервенциски сали.

Пред 20 години пациентите се праќаа во Србија и во Бугарија на кардиохирургија, сега едни од најдобрите српски лекари доаѓаат да работат тука. Вложувајќи во обука на кадар, во нови софистицирани технологии и процедури, веќе имаме направено осум операции на вештачко срце, сите пациенти се живи и сè помина без компликации. Станува збор за скапа операција каде што само едно мало „топче со технологија“ во една кутија чини 100.000 евра, плус подготовки на пациентот со недели, операции, долготрајно закрепнување…

„Жан Митрев клиник“ е меѓународно вистински акредитирана, од регионот во Грција има само една таква болница, која сепак не може да се носи со нас, што ми дава за право да кажам дека постигнавме огромен успех за 20 години.

Лично, овие години поминаа многу брзо и мошне бурно. Почнав како млад ентузијаст и мислев дека ќе го сменам светот со тоа што го правам, но со текот на времето, една по една си ги добив лекциите. Нивото во медицината, во здравствената сфера, кога пред 20 години дојдов во Македонија, беше ниско, сега генерално бележиме огромен исчекор, многу работи се променети во здравството, некои работи сега дури се и водечки во регионот. И во поглед на технологијата во оваа сфера, пред две децении Македонија беше на многу ниско ниво, а сега може да се споредува во здравството со најразвиените земји, за што мора да се гордееме, затоа што напредокот е огромен.

Јас сум среќен што директно имам придонесено во тоа, затоа што сега веќе сме први во развиена приватна медицина во регионот. Тоа, пак, од друга страна, создаде динамика и државата мораше да нè следи и да инвестира во јавното здравство.

Како што самиот велите, во оваа работа 20 години значат еден човечки век, што и ќе се обидете да го доловите на 1 март на симпозиум каде што ќе бидат присутни врвни и докажани меѓународни авторитети од сферата на кардиоваскуларната хирургија, кои го препознаваат и го почитуваат успехот на Вашиот тим и, пред се, на Вас лично. Доктор Митрев, дали и државните минати и сегашни авторитети го вреднуваат Вашиот придонес во развојот и во огромниот исчекор на медицината во земјава?

– Бројките и резултатите се незанемарливи, тие се за почит, а тоа ќе се покаже на денот на симпозиум по тој повод, каде што ќе присуствуваат докажани медицински авторитети. Тоа ќе биде убав повод за нивно дружење со колегите од Македонија, од регионот.

Во поглед на препознавањето на нашите успеси, уште од времето кога се раѓаше нов квалитет почнаа дилеми, бранувања, дискусии. Секогаш работите се поставуваа така, како „на Жан Митрев му даде државата“. Инаку, кога излегов од Воената болница, оставив комплетно функционална и опремена болница на 4.000 метри квадратни, со развиена инфраструктура, комплетно опремена, со сите медицински апаратури, со тогаш пресметана вредност од 8 милиони евра, моја инвестиција. А државата преку МО, кога почнав како потстанар таму,  инвестираше во реновирање 600 квадрати и во еден дел од болницата со фиксна опрема. Значи, стократно вратив назад, на државата, и сметките се расчистени.

Во овие 20 години секогаш мораше да се докажуваме со институциите, оттаму немаме позитивен ветер во грб. Процесите се развлечени, а капацитети што постојат не само кај нас туку воопшто во приватните болници и поликлиники, не се доволно искористени, иако имаат врвна технологија.

Направив многу, но најголем успех е оваа болница, многу успеси се постигнати и мене лично тие ми прават големо професионално задоволство, затоа што успехот и резултатите се препознаени и на меѓународно ниво.

Сепак, многу работи можеа да се направат побрзо, побезболно, можеше помалку да се „крвави“. За да се помести секоја работа во позитивна насока се трошеше многу енергија, се создаваше атмосфера на борба, иако интересот е ист – да се има подобро здравство за пациентите.

Во поглед на прегледи и операции, „Жан Митрев клиник“ може да се пофали со импозантни бројки во европски размери. Оттука, преку бројки што се несоборливи аргументи, што сè се направи на клиниката минатата година и колку интервенции воопшто во две децении направи кардиохирургот Жан Митрев со неговиот тим?

– Со добра организација, дневно оперираме меѓу 15 и 20 пациенти, најмногу кардиоваскуларни пациенти, но застапени се и операции од други дејности, кои се развиваа со текот на времето, како ортопедија, абдоминална хирургија, урологија, гинеколошка онкологија. Минатата година ја завршивме со повеќе од 3.000 операции, од кои 1.000 со екстракорпорална циркулација, и 2019-та е нашата најуспешна година, но не само по бројки. Лани беа извршени над 80.000 прегледи и интервенции, што е огромна бројка. За овие 20 години откако постоиме, бележиме 1,5 милион прегледи и интервенции, односно 35.000 операции.

Тоа се импозантни бројки во европски размери, особено кога многу центри во светот бележат пад на бројот на операции. Ние во тој дел имаме континуиран раст, затоа што одамна сме етаблирани и сме добро препознаени. Ако некој во нашата средина има проблем со кардиоваскуларниот систем, прво што му паѓа на памет е да оди кај Жан Митрев.

Имаме и пациенти од странство, а според интерни истражувања, повеќе од 90 отсто од пациентите во странство се препорачани од друг пациент, исто така од странство. Ние сме малку застапени со реклами во странските медиуми, но нашата најдобра реклама ни се пациентите. Тоа е и најмакотрпната реклама. Нашата цел и политика како институција е задоволни пациенти, за што доволно зборуваат не бројките, кои укажуваат на обемот, услугите, организацијата, туку квалитетот и резултатите, што е најважно за мене.

Лани имате нула (0) интрахоспитални инфекции на рани, како успеавте во тоа?

– Среќен и горд сум што заедно со мојот тим лани успеав да го достигнам таргетот и годината ја завршивме без инфекции на рани, односно со 0 интрахоспитални инфекции, што не постои во литературата. Дури и најдобрите клиники во светот имаат некој процент на инфекции и секаде интрахоспиталните инфекции се голем проблем.

Организацијата и строгата поделеност и контрола во оперативниот блок, која не дозволува мешање на пациенти, доведе до висок безбедносен квалитет за интрахоспиталните инфекции. Верував во сè она што е вградено во оваа зграда, што е од суштинско значење за многу процеси во болницата, процеси на организација и стандардизација. Последните три-четири години откако сме во новиот објект, главен приоритет ми беше процесите на комуникација со пациент да бидат строго пропишани и ете, тоа вроди со плод. Тоа е најважно, тоа е едно од најголемите достигнувања лично за мене.

Воспоставивте хуман, етички пристап за секој пациент, односно успеавте во заложбите приватната медицина да стане достапна за секој човек, без разлика на социјалното ниво, во што имавте своја, тешка борба со отпорот на кој наидувавте од институциите. Какво е темпото на државата и препознавате ли волја кај надлежните да ги олабават бирократски пречки за да се прошири достапноста и за други видови операции за болниот?

– Воспоставив приватна медицина, достапна за секој човек, кој без разлика на кое социјално ниво припаѓа, да добие највисок стандард на здравствена услуга, а ништо да не плаќа. Тоа функционира веќе 20 години, но на почетокот имаше големи отпори за потпишување на договорот за услуги. Се изборив тој пристап да биде реалност, засега само за операции на срце и на крвни садови. Се променија многу луѓе, многу партии во овие 20 години, но ригидноста на системот остана. Концептот на осигурување останува централизиран, а во кардиоваскуларната сфера не може да се чека.

Во региoнот побрзо одат трансформациите на осигурителниот систем. Ние имаме само еден здравствен фонд, но ако сакаме како држава да одиме во Европа, тоа не значи да избираме само здравствена институција, туку да можеме да избереме и осигурување, што е основна придобивка на демократијата. Придобивките од здравственото осигурување, кои многу пациенти ги уживаат, мора да станат уште подостапни.

Изминатата година-две доживеавме малку поголемо разбирање од ФЗО, од здравствените власти, се подобри достапноста, тие станаа попријателски кон пациентите. Благодарение на тоа, воведовме многу скапи процедури, како што е и вградувањето на вештачки срца, што директно беше овозможено од тоа разбирање.

Доктор Митрев, која е најголемата закана за здравствениот систем во земјава, а која, пак, е Вашата визија и стратегија за тоа да се реши без поголеми ризици и „жртви“?

– На здравствениот систем му претстои колапс ако не се случат суштински промени, преку примена на основните правила што важат во Европа. Не разбирам зошто мојата институција не се зема како позитивен пример, кој може да се примени како концепт во државата, како исчекор за сфаќањето на медицината.

Сега имаме негативен процес што е многу брз, едуцираме млади лекари кои дури по пет години ќе дадат фидбек, но колку лекари и сестри ќе заминат во меѓувреме. Не само државата, туку и регионот е во опасна ситуација, под голем ризик. Неопходни ни се квалитетни здравствени услуги, затоа што каде што има добро здравство, таму луѓето се побезбедни и постојат услови за социјален развој. Сè е важно, сè е есенцијално, но само додека не се разболите. После тоа ништо друго не е важно освен да преживеете, затоа што болниот човек е исклучен од активностите, од процесите. Општеството мора посериозно да го негува здравството.

Во сите делови каде што гледам можност за развој, тоа го правам континуирано, а за следните две-три години планираме развој со инвестиции од 15 милиони евра. Како и животот, така и медицината, не запира. Согледувајќи ги сите заканувачки појави, ако здравствениот систем ни ги препознае капацитетите, ќе воведеме процедури што се олеснителни за пациентите. Ако сакаме врвна медицина и ако сакаме да бидеме атрактивни, ќе мора да се препознае дека не само од регионот, од Хрватска, туку и од Германија и од Швајцарија доаѓаат пациенти кај нас во клиниката на операција. Општеството мора тоа да го препознае, пред 15 години некој од развиена држава овде да оперира срце беше мисловна именка. Сега овие придобивки се реалност, а поминуваат недоволно забележани и афирмирани. Но, за тоа да стане нормален процес, ќе мора да се олеснат многубројните административни процедури што го обременуваат тој процес.

Мора да бидеме флексибилни, мора да препознаеме што имаме, неминовно е државата тоа да го препознае и да даде можност за понатамошен раст на овој позитивен тренд. За здравствен туризам требаат сериозни институции, значи некој ви го доверува својот живот, тоа се реални вредности.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот