Интервју со Ива Спасовска, модна дизајнерка: Врсничкиот булинг ме изгради во смела личност

Фото: Приватна архива

Таа е една од нашите најталентирани млади дизајнерки. Својата креативност Ива Спасовска ја открива уште како многу мала, за на 16 години да започне со изработка на накит, а потоа приказната ја проширува и на фустани, капути, козметика. Ива по природа е многу хумана и емпатична личност, а тоа го покажа во март, кога по нејзиното модно шоу помогна на две социјално загрозени семејства и донираше храна за бездомни животни. Искрено раскажува дека врсничкиот булинг во тинејџерските години ја направил посилна. Денес, таа е среќна и реализирана жена, вљубена во Бурак Биркан од Турција. За првпат во јавноста, Ива ја открива својата приватна страна и ја раскажува љубовната приказна со Бурак поради кого денес одлично го зборува турскиот јазик.

Фото: Приватна архива

Фустани, накит, костими за капење… што е следно од твојата кретивна работилница?

– Со оглед на тоа што пред 16 години започнав со изработка на накит, потоа корсети, венчаници и свечени фустани, па капути, тренчови, сакоа и панталони, беретки, чанти, украсни маски, исто така пред 3 години лансирав сјај за усни „Diamond Lipgloss“ by Iva Spasovska, пред една година воведов онлајн продажба на готов накит и најново за првпат на спектакуларното модно шоу „Angel“ лансирав колекција на 4 парфеми, од кој најпосебниот го носи името „Angel“. Следно имам на ум козметичка линија, летни додатоци како бикини и наметки, повторно накитот и свечени тоалети и комплети сосема уникатни.

Фото Приватна архива

Твоето модно шоу „Angel“, имаше хуманитарен карактер, дали си задоволна од одзивот на луѓето, успеавте ли да им помогнете на социјално загрозените семејства?

– Искрено сум благодарна на сите што донираа, од 600-тини гости јас и мојот тим успеавме да ја кренеме свеста и да помогнеме сите заедно со 23 кг храна за бездомните животни и 47 кг храна и 20 кг хигиенски продукти за две загрозени фамилии. Исто така, во дворчето на втората фамилија дошло мало кутре, кое по констатација на ветеринарите откако го згрижив, ќе живеело уште максимум два дена, со моја помош и терапија еден месец, денес е пресреќно во домот на Николина Славковска (која го играше и симболизираше ангелот на истото модно шоу „Аngel“). Целата симболика од хуманитарен карактер прерасна во една вистинска приказна која допрва ќе усреќува, а тоа ме мотивира и мене и сите од тимот да продолжиме со ваквите хумани настани.

За оние што не знаат, како стана дизајнер, постои ли конкретен момент кога го откри твојот талент?

– Мојот талент бил секогаш присутен уште кога бев дете, од ништо правев нешто, од ситни елементи – уметност, подоцна од глина, накит и сега сериозни тоалети за прекрасни клиентки.

Ова е време во кое, за жал, владее врснички булинг, во еден разговор ми напомена дека и ти си била жртва на булинг како дете, како се случи тоа, како се избори понатаму со последиците?

– Во основно училиште претрпував секојдневен булинг од едноставна причина што сум роден бунтовник и не сакам да се согласам со толпата бидејќи не е во склоп со мојата природа. Кога сите носеа црно, јас носев светкаво и розово, итн. Интересното е што во ниту еден момент не се почувствував во улога на жртва, напротив како победник. Булингот ме изгради во смела, стабилна и личност која е задоволна од себеси.

Фото: Приватна архива

Сега си среќна и реализирана жена, во љубов со Бурак Биркан. Како се запознавте и кога знаеше дека тој е вистинскиот?

– Се запознавме точно пред вратата на моето ателје пред 2 години, кога тој инсистирал да ме запознае преку пријател. За да знам дека е вистинскиот тоа времето го покажува, а сега-засега според сѐ, така е.

Одлично го зборуваш турскиот јазик, дали Бурак беше твојот учител?

– Јас во принцип лесно учам и сакам јазици. Турскиот јазик го научив благодарение на секојдневната комуникација со Бурак (тој кога се запознавме, си го знаеше само својот мајчин јазик, кој јас не го знаев воопшто) и на мојата професорка и блиска пријателка Дениз Ариф, на која сум ѝ доживотно благодарна не само за јазичните туку и за животните лекции.

Ива и Бурак/Фото: Приватна архива

На едно видео на вашите инстаграм-профили го учиш да се прекрсти. Наидовте ли на предрасуди од околината поради различната вера и националност?

– Бидејќи тој живее со мене во Македонија, често ги следи христијанските ритуали како одење во црква, вапцање јајца итн. Воопшто не сме се сретнале со таков тип предрасуди, ние двајцата, а и блиските околу нас сме многу слободоумни во тој поглед и не сме претерано страсни кон религиските ставови.

Колку тој е близок со твоето семејство и ти со неговото?

– Блиски сме доволно за да бидеме во хармоничен баланс со огромна почит, но среќни сме што живееме посебно односно сами со партнерот, каде што си имаме поставено наши принципи на функционирање, благодарение на сличниот животен стил и пред да бидеме заедно.

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот