Интервју со Ирена Спировска: Со ќерка ми учиме една од друга и се осознаваме себеси и животот

Фото: Приватна архива

Долги години е присутна во медиумите и на многу јавни настани и се чини дека јавноста знае сè за животот на Ирена Спировска.

Ако се одлучела да продолжи со медицината по средното училиште, ќе станела забен техничар или можеби наставник или професор по македонски јазик по студиите, или, пак, манекенка по нејзиното искуство и во оваа област, и изгледот секако. Сепак, Ирена вели дека професијата некогаш нè избира нас, а не ние неа.

Нејзиното срце, пак, го избра Душко Исајловски, со кој ја делат заедничката страст кон спортот и планинарењето. Иако е внимателна кога станува збор за споделување на деталите од приватниот живот, во интервјуто за „Слободен печат“ Ирена зборува и за Душко, за ќерката Зорица и за други важни нешта што го прават нејзиниот живот комплетен.

Неодамна беше гостинка на 20-тиот јубилеј од Модната недела Скопје. Какви сеќавања носиш од времето кога добиваше титули за убавина?

– Неодамнешното одбележување на 20-годишниот јубилеј на Модна недела Скопје по чиј повод, на иницијатива на менаџерот Милорад Цајиќ, беше организирана модна ревија со поранешни манекени и манекенки, беше одлична можност да се потсетиме на годините кога често дефилиравме на модните писти и бевме учесници на големите модни настани што ги диктираа тогашните модни трендови. Иако поминале повеќе од 30 години од кога јас за првпат зачекорив на модната писта, убавото чувство кога носиш модел што го презентираш пред модната публика останува непроменето. Беше задоволство да се биде дел од оваа јубилејна модна ревија заедно со сите оние што беа дел од модниот свет во нашава земја во изминатите децении. Со некои од учесниците се немавме видено со години, па самата средба по толку долго време беше несекојдневно доживување на задоволство на сите нас. Евоциравме прекрасни спомени од времето на нашата младост и констатиравме дека почесто ни се потребни вакви настани, кои ќе соберат на едно место повеќе генерации што биле инволвирани во модните случувања кај нас.

Во една пригода спомена дека си сакала да се запишеш на медицина и еден постар човек те посоветувал дека најдобрата професија за жена е наставничка, учителка. Дали сега жалиш што не го послуша?

– Па, јас завршив средно медицинско училиште, отсек забни техничари, и токму еден од професорите чија сопруга беше просветен работник, во една пригода ни обрна внимание на тоа колку изборот на професијата влијае врз начинот на кој ќе го живееме животот. Тој беше убеден дека неговата сопруга има една од најубавите професии што може да ги работи една жена, а тоа е учителка. Тоа ме поттикна да размислувам кои професии би сакала да ги работам. Иако се одлучив да студирам книжевност и македонски јазик со желба да бидам просветен работник, сепак, станав ТВ-водител, што значи дека понекогаш професијата нè избира нас, а не ние неа.

Паралелно со студиите се подготвуваше да станеш мајка, беше бремена со ќерката Зорица. Како го менаџираше тој период, беа ли професорите попустливи кога ќе видеа студентка во блажена состојба?

– Имав три испити до крај на студиите пред да ја родам Зорица и уште за време на бременоста почнав да ги подготвувам, а веднаш по породувањето ги положив. Бев многу активна и за време на бременоста и по породувањето, започнав да работам како водител на ТВ БИНГО на Лотарија на Македонија кога Зорица имаше само два и пол месеци и немав класично породилно отсуство од девет месеци.

Фото: Приватна архива

Малку зборуваш за ќерка ти во јавноста. Колку години има, со што се занимава. Да не ти е ќерка, како би ја опишала?

– Би сакала така и да остане. Таа е млада девојка која, како и сите други, има право на свој живот, амбиции и соништа, кои сметам дека е непотребно да ги експонирам во јавноста.

Дали сè уште живеете заедно и колку сте си другарки и потпора една на друга, освен што сте мајка и ќерка?

– Можам да кажам дека учиме една од друга и на тој начин се осознаваме и себеси и животот.

Долги години си во врска со Душко Исајловски, но сè уште не се решивте за брак. Како гледаш на таков некој следен чекор, официјализирање на врската, дали планирате такво нешто?

– Се надевам дека љубопитните нема да ми замерат, но за приватните планови не би сакала да зборувам. Иако работам јавна професија секогаш се трудам приватниот живот да го одделам од професионалниот.

Фото: Приватна архива

Децении си во водителската професија, доаѓа ли до презаситување во еден период – замор од присутност во медиумите, од камери… Што правиш кога сакаш да се одмориш од сè?

– Оваа професија е многу динамична и интересна, па тешко може да здосади. Низ годините постојано се менуваат проектите, сум водела разни емисии: неделно попладне, емисии за забавна музика, утрински и ноќни програми, емисии за народна музика, квизови… Секогаш се настојува да се погоди вкусот на публиката и да се анимира и тоа ја прави оваа професија несекојдневна и привлечна.

Позната си како страстен планинар. Која е вашата следна авантура со Душко, кој планински врв ви е предизвик во наредниот период?

– Слободното време и двајцата сакаме да го минуваме активно и во природа, тој повеќе на велосипед, а јас повеќе на планина. Имаме прекрасни планини во нашава земја, прекрасни планински реки, езера и водопади, планински села што вредат да бидат посетени и видени. Времето поминато на планина секогаш ме прави исполнета, задоволна и неизмерно среќна. Планините се прекрасни и во лето и во зима, но сепак се најубави токму во овој период кога природата се буди, кога се расцветува и раззеленува. Шар Планина е нашата омилена планина и најчеста дестинација.

Во изминативе години те гледаме на ТВ Алфа, како дел од Утринската програма и „Везилка“, заедно со Благоја Грујовски и Адријана Алачки. Ќе се снима ли и понатаму тој проект и има ли идеи за нов?

– „Везилка“ ги надмина сите наши очекувања! „Везилка“ се емитува веќе три години и сè уште е најгледана емисија (и тоа не само на Алфа туку општо во ТВ- етерот). Досега посетивме повеќе од 80 општини ширум земјава, запознавме многу скриени убавини, стари цркви, села, манастири, слушнавме безброј интересни преданија и легенди надополнети со убава македонска народна песна, оро, богатите и уникатни македонски народни носии… Убавините на Македонија се многубројни, а нашиот фолклор е неисцрпна ризница, има уште многу нешта што треба да бидат презентирани и раскажани во следните изданија на „Везилка“.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот