Интервју со Ѓорѓи Јолевски: Актерот во својата вокација ја има потребата од слобода

По низа главни ликови што во изминатите години оставиле неизбришлива трага во неговата меморија, како Калигула, Естрагон, Хамлет, Ставрогин, Оргон, Оберон, Мефисто, актерот првенец на Македонскиот народен театар, Ѓорѓи Јолевски, го прифати предизвикот на Крап, од драмското дело „Последната лента на Крап“ на Семјуел Бекет.

Актерите што целосно се посветени или обземени од театарската уметност можат со неверојатна точност да почувствуваат во кој период од нивната работа се подготвени да остварат одреден драмски лик. Тоа особено е важно кога станува збор за ликови напишани од големите автори во најзначајните дела на светската драматургија.

Актерот Ѓорѓи Јолевски веќе повеќе од 30 години е активен на македонската театарска сцена и зад себе има огромен број драмски ликови. Минатата година интуитивно почувствувал дека е дојдено време да го постави делото „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет. Премиерата се случи на малата сцена во Македонски народен театар на 30 декември 2020 година. Ликот на осамениот старец Крап, кој со своите сеќавања живее во самоизолација, отвори низа прашања околу поставувањето на претставата сега и тука.

На самиот крај на 2020 година премиерно ја изведовте монодрамата „Последната лента на Крап“. Протоколите на памдемиската година речиси и да не дозволуваа поставување класични театарски претстави со повеќе актери на сцената, но дали само камерниот амбиент во претставата беше причина да го поставите ова дело од Семјуел Бекет?

– Во времето кога се подготвував да ја работам „Последната лента на Крап“, пандемијата не беше ни на повидок. Кога еднаш ќе се инфицирате со Бекет, тој останува како антивирус во вашите мисли и што било да работите тој останува како чувар и водич кон естетските вредности во делата што ги планирате, мислите или работите. Имав среќа на почетокот на деведесеттите години на 20 век да бидам дел од екипата што ја работеше „Чекајќи го Годо“ од Бекет во режија на Љубиша Георгиевски. Го толкував ликот на Естрагон, скитникот сонувач кој целиот живот го проаѓа во чекање да дојде тој, Годо, кој ќе го спаси од страдањето. Ликот на Естрагон на некој начин стана парадигма на моето поимање на светот и местото на човекот во него. Оттогаш до сега се провлекува во различни форми низ ликовите што ги толкувам и како што доаѓав во позрела доба толку повеќе ми се наметнуваше мислата на врвното, автобиографско дело на најголемиот драмски автор на дваесеттиот век, дека треба да се впуштам во оваа авантура. Појавата на пандемијата од една страна ја запре подготовката на почетокот на планираната реализација на претставата, но, од друга страна, се покажа како предвидување, бидејќи Крап, главниот протагонист, е човек кој е во самоизолација 40 години, одбивајќи да живее во светот таков каков што е. „Сè што е таму, сè на овој посран свет… нека се носи!“.

Филозофските дилеми во текстовите на Бекет иницираат поглед кон внатрешноста на душата, кон сопствените спознанија и искуства. Имајќи предвид дека сте во зрела актерска доба, како Вие го прочитавте текстот на Бекет?

– Текстот е напишан во периодот по Втората светска војна, по ужасот што ги поставува клучните човекови дилеми. До каде може да оди човечката суровост? Која е смислата на живот? Вреди ли да се живее во ваков свет? Имаме ли волја да живееме? Прашања што се карактеристични за егзистенцијализмот на чиј правец, на некаков начин, припаѓа и Бекет. Во сите негови дела тој се занимава со индивидуалецот кој тешко и неволно го прифаќа светот во којшто живее, свет во којшто секој миг од живеењето е мачен, тежок, бесмислен до апсурден, времето не проаѓа и тоа го фрла во очај, мракот и темнината му стануваат пријатели каде што се чувствува најудобно, во постојана дилема дали да продолжи да живее или не.

Во ликовите на Бекет можете да ги препознаете и Раскољников на Достоевски, Хамлет на Шекспир, Франц К. на Кафка… Ликови кои ги имаат сличните, ако не и истите, дилеми како и Крап на Бекет. Од друга страна, пак, самата приказна на драмата, којашто е напишана во фрагментарна драматургија далеку пред постмодерната во драмата, е многу топла, љубовна приказна за еден осамен старец, наглув, полуслеп и во фаза на деменција, кој е во постојан дијалог со самиот себе, преку магнетофонските ленти што во континуитет ги снима и преслушува, влегува во конфликт со себеси од пред 30 години не согласувајќи се со ставовите на средовечниот Крап што ги има кон младиот Крап, 28-годишен надежен писател. Неговата потреба да почувствува, да се сети на љубовта и љубената, да најде смисла на неговото постоење, запишано е како аудиозапис на „кутија 3, ролна 5“. Таму е неговиот живот, таму е неговата љубов, таму е сето, додека тој живее во ништото. Доколку можам за едно драмско дело да кажам дека е совршено, би рекол дека тоа е токму ова.

Од самиот почеток на мојата професионална кариера се обидувам да бидам многу внимателен во изборот на улоги што ги играм (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Едновремено се појавувате и како режисер на претставата, што не е првпат во Вашите досегашни креации. Како режисерот Ѓорѓи Јолевски го води актерот Ѓорѓи Јолевски?

– Од самиот почеток на мојата професионална кариера се обидувам да бидам многу внимателен во изборот на улогите што ги играм. Бидејќи една улога води кон друга. И секоја следна е последица на претходните. Паралелно со претставите што ги работам во матичната куќа работам претстави што ги сметам за неопходни во дадениот момент од моето живеење. Теми што за мене се актуелни во тој миг и јас едноставно морам да ги реализирам. Така почнав да се занимавам со продукција и режија многу одамна. Се обидувам да пронаоѓам, или да достигнам, нови форми на изразување, експериментирање со текстот, актерските перформанси и идеите за различен третман кон одредени теми. На оваа претстава најголема помош во водењето на режисерската линија во правец на реализирање на драмата беше самиот автор. Бекет не може и не смее да се режира без неговите сугестии, ремарки. Во сите негови дела, вклучително и во „…Крап“, ремарките и паузите што ги сугерира авторот се од клучно значење. Драмата е напишана како музичко дело. Како симфонија. Едноставно нотен запис. Не може да се скрати ниту еден збор, ни да се додаде, се разбира, не смее да се прескокне ниту една пауза, ниту, пак, да се дејствува спротивно од неговите сугестии, бидејќи тоа веќе не е тоа дело, тоа не е Бекет. Убавината и радоста, но и тешкотијата во овој процес беше одгатнувањето на загатките што авторот ги има низ делото. Откривање на скриените пространства кои се невидливи. Бекет не нуди решенија, туку дејствува преку недореченостите и ве наведува на патека за која не сте ни сонувале дека постои, а кога ќе ја откриете ви изгледа многу едноставна. Исто како и со стиховите на Шекспир. Колку е рамката потесна за дејствување толку е поголема слободата на креирање, бидејќи сте сигурни во трасираниот пат. Овие два и пол месеци беше уживање да се талка по мракот постојано имајќи ја светлината како водилка.

На оваа претстава најголема помош во водењето на режисерската линија во правец на реализирање на драмата беше самиот автор Бекет, кој не може и не смее да се режира без неговите сугестии, ремарки (Фотографија: Кире Галевски)

Иако сте сам на сцената, во подготовката на претставата е вклучена цела театарска екипа, а техничките детали се реализирани до совршенство. Како течеше процесот на поставување на претставата, имајќи ги предвид ограничувањата со протоколите?

– Прекрасна екипа која беше, и сè уште е, посветена на реализацијата на претставата. Висок професионализам, кој впрочем и се очекува. Почнувајќи од преводот на Владимир Јанчевски, сосема нов превод од англиски јазик, кој секој збор, пауза, мисла и дејство го промислуваше и менуваше пред и за време на пробите. Со Владимир ова ни е четврта заедничка претстава и радоста да се споделуваат идеите со пасиониран Бекетијанец е неизмерна. Ивана Каранфиловска со нејзината загриженост и посветеност во креирањето на костимот, Сергеј Светозаров и неговите емотивни доживувања на текстот и реализирањето на сценографските решенија, суптилноста во пристапот на Дарко Младеновски кон обликување на светлото, ангажманот на Никола Кимовски во поврзување и реализирање на сите продукциски потреби на проектот. Нина Николиќ и нејзината „Перипетија продукција“ се со мене од самата идеја за претставата и нејзината поддршка е незаменлива. Ненад Трпеноски, кој го работеше дизајнот на звукот на претставата, всушност, е и мој партнер на сцената. Иако драмската форма е моноизведба, практично на многу нивоа претставата е дијалог. Ненад, кој до совршенство го доведе звукот што го говорам на магнетофонската лента, што е барем половина време од претставата, мора и емотивно да влезе во психосостојбата на ликот што го толкувам и паралелно со мене, сочувствувајќи, да биде подготвен како струна на реакција која не предвидува импровизации. Менталната подготвеност е адекватна на актерската, бидејќи во 60 минути изведба не постои ниту една импровизација и нема простор за никаква грешка. Се разбира, целата екипа на Македонскиот народен театар влезе во реализацијата со висока професионалност, ангажман и додатен ентузијазам, бидејќи да се биде на сцена и да се работи претстава по долга пауза за сите беше не обврска, туку и радост, желба и љубов.

Цели дваесет години сте дел од актерскиот ансамбл на МНТ и не е можно на едно место да се набројат сите Ваши улоги, но следејќи го примерот на уште една Ваша монодрама (ЕЕГ, Театар Квартет, 2008), имате ли објаснување како улогите се таложат во мислите на актерот?

– Како што веќе напоменав, секоја улога е последица од претходната. Актерскиот континуитет на одреден тип на ликови кои меѓусебно се надополнуваат, конфронтираат или негираат е неизбежен. Темите што ги обработуваат големите автори преку своите главни ликови оставаат неизбришлива трага во актерската меморија, емотивното паметење, чувствувањето и поимањето на светот во којшто живее. По одигрувањето на Калигула, Естрагон, Хамлет, Ставрогин, Оргон, Оберон, Мефисто и други ликови, не може да се остане имун и да не се признае дека ликовите ми го одредуваат животот и начинот на мислење. Така животот ми станува детерминиран во барањето на ликови што ќе го продолжат тој континуитет во пронаоѓање на ликови кои се опседнати со слободата и потрага по истата. Актерот во својата вокација ја има потребата од слобода. Слобода на живеење, но и слобода на творење. Со сите пречки што животот и општеството ги прави да се дојде до неа или не.

Животот ми станува детерминиран во барањето ликови кои ќе го продолжат континуитетот во пронаоѓање ликови кои се опседнати со слободата и потрага по неа (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Минатата (2020) година во периодите на карантин и изолација се појавија нови театарски форми (виртуелен театар, театар во живо пренесуван преку интернет и сл.). Каков е Вашиот став кон новите форми, имајќи предвид дека поставивте класична претстава, која во наредниот период би ја видела редуциран број публика?

– Да се биде уметник значи да се биде отворен кон новите форми. Да се биде во постојано истражување и да не се поставуваат ограничувања. Новата ситуација со пандемијата отвори многу прашања за тоа која форма на изразување во овој миг е потребна. Не само во театарот, туку воопшто во сите сфери на уметноста. Главно прашање е дали постоиме? И дали има потреба од нашето постоење? Дали во време кога човекот се плаши за својот живот уметноста има смисла? Дали духовноста е таа што може да го спаси светот? Што значи да се преживее а да се биде празен сад полн со ништо? Дали е тоа живот? Шекспир би рекол: „…Та што е човекот штом главна добивка и корист му е храната и сонот? Сал скот и ништо друго…“. Секој уметник го користи својот стил на изразување и техника за реализирање на својата уметност која е вистинска во однос на делото кое го користи за самоизразување. Новите технологии предизвикуваат да се бавиме со нив и да ни бидат средство за изразување. И контакт со евентуалните гледачи. На почетокот на работата на „Последната лента на Крап“ имав идеја да применувам различни технологии за реализација и изведба, во еден период пробав на големата сцена со големи екрани, неколку камери, со идеја за онлајн изведба, но самиот процес на претставата полека но сигурно ги отфрли овие идеи и останав на идејата за таканаречен класичен пристап кон театарот.

Што, според Вас, беше, е и ќе остане театарот како уметност?

– Еден актер – еден гледач. Еден монах – еден верник. Жив контакт.

Во претпоставени „нормални“ услови за креација на нова претстава, кој би бил Вашиот следен актерско/режисерски предизвик?

– Она што посакувам е да имам можност да ја играм претставата и другите претстави кои ми се на репертоар. Театарот да работи со полна сила. Се надевам дека сето ова ќе пројде како во лош сон, дека човештвото ќе ја препознае пораката дека мора да се живее со вистински вредности, бидејќи човекот е како прашинка во космосот а не Бог. Оваа година би требало да ја чувствуваме како опомена и време на преиспитување, со надеж дека ќе нè направи подобри од тоа што бевме и какви што сме. Има повеќе нешта што сакам да ги работам, но во овој период ми претстои време на контемплација, како по секоја премиера. Во моментов со продуцентскиот тим работиме на промоција на претставата во и надвор од земјата на адекватни фестивали. А што се однесува на новите дела очекувам дека следната тема ќе ме исполни барем еднакво како Бекетовата „Последната лента на Крап “.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот