Фото: Стефан Рајхл / Приватна архива

Интервју со Горан Папаз, саксофонист: На одмор дојдовме со два полни автомобили и три бебиња, овој хаос е најубавата среќа

Во интервју за „Слободен печат“, зборуваме за летото во родното Пештани, за хаосот и убавината на родителството, љубовта со Наташа и за тоа како изгледа животот кога љубовта, музиката и пелените се дел од секојдневието.

Горан Папаз е музичар што публиката го препознава по страсните настапи и беспрекорното свирење на саксофон. Но зад сцената, неговиот живот стана уште побогат, откако стана татко на тројка. А, тука е и постариот син Дамиан.

Во интервју за „Слободен печат“, зборуваме за летото во родното Пештани, за хаосот и убавината на родителството, љубовта со Наташа и за тоа како изгледа животот кога љубовта, музиката и пелените се дел од секојдневието.

Лето е. Какви се плановите за летото? Планирате ли одмор и како изгледа летување со три мали деца?

– Летово сме „преселени“ во моето родно Пештани. За на море сè уште се мислиме дали е паметно, со оглед на тоа што со два преполни автомобили дојдовме тука, со најосновните работи. Нека пораснат уште некој месец, засега ова им е првиот летен одмор.

Фото: Приватна архива

Како се справувате со предизвиците на родителството? Каков е еден вообичаен ден кај вас дома? Колку е хаос, а колку е љубов?

– Претежно се доста мирни бебиња, очигледно тоа го наследиле од мајката. Бабите и дедовците ептен ни помагаат. Организирани сме на смени, секој си има своја смена и обврска, па еве нè, шест месеци ги поминавме супер. Сладок замор е ова, за нив живееме.

Какво е чувството да се биде татко на тројка?

– Да бидам искрен, ми требаа два месеца да ми легне информацијата. Нема поубаво чувство, особено сега кога знам дека се здрави бебиња и кога гледам како брзо растат. Уживам во секој момент поминат со нив.

Фото: Приватна архива

Како реагираше постариот син Дамиан, на доаѓањето на тројката? Како се снајде во новата семејна динамика?

– Дамиан кога првпат ги виде, сфати дека не е шега. Имам чувство дека преку ноќ порасна во друго дете, сфати дека не е најмалото дома и веднаш се постави заштитнички кон нив. Неуморен е кога треба да направи нешто за братот и сестричките. Постаро братче како по книга.

Што ви беше најтешко, а што најубаво во првите денови по раѓањето на тројката?

– Емотивно најтешки ми беа првите денови додека беа во инкубатор, и Нате додека беше на клиника, се молев само да бидат добро сите. Знаев дека се во сигурни раце таму, но кога не ги гледаш постојано, стравот е поинаков. Најубаво ми беше кога одевме на клиника да ги кенгурираме, ти ги ставаат на гради под маица, кожа на кожа и така гушнати заспиваат на вас. Тоа чувство никогаш нема да го заборавам.

Фото: Приватна архива

Како влијаеше оваа голема животна промена врз твојата музичка кариера?

– Па можеби побавно ги остварувам некои зацртани цели, но не застанав воопшто. Интересно е колку енергија имам сега, нешто што не сум знаел дека постои во мене, сега излегува.

Како го балансираш татковството со сцената?

– Па мислам дека добро балансирам, тоа треба Нате да каже, досега не ми се пожалила што значи дека е добро. Не сум откажал досега ниту еден настап, како што реков, тука излегуваат во пресрет бабите и дедовците и не се чувствува дома дека недостасува човек за да придржува некое бебе.

Фото: Приватна архива

Твоите настапи се секогаш полни со енергија. Од каде ја црпиш инспирацијата и од каде љубовта кон саксофонот? Има ли некоја лична приказна зад тоа?

– Мотивот е сосема поинаков сега. „Летам“ на секој настап и се трудам да дадам што повеќе енергија. Клиентите и публиката сакам да уживаат во тоа што го слушаат и гледаат, и нормално сакам повторно да имаат желба да ме видат и чујат во иднина. Инспирација ми се Дамиан, Лена, Луна, Лазар и Нате. Не е мала инспирацијата, да бидам искрен.

Саксофонот почнав да го изучувам во средно училиште и оттогаш сме „залепени“ еден со друг. Најубав инструмент на светот.

Ајде малку и за љубов. Како почна вашата приказна со Наташа?

– Имаме многу заеднички пријатели и така почнавме да комуницираме и да се дружиме, спонтано во целост. Нате е прекрасна личност во секоја смисла на зборот, со широко срце и неверојатна смисла за хумор. Малку ми требаше да ја засакам со сета душа. На сите им посакувам ваков хармоничен брак.

Фото: Стефан Рајхл

Во слободно време, ако го имаш, што правиш за себе? Дали имаш некој ритуал или хоби што ти помага да се релаксираш?

– Слободно време немам сега, но ете како ритуал ќе го издвојам првото утринско кафе, сакам да го испијам во помирен амбиент, па потоа денот нека тече како сака.

За крај… Ако мораш да одбереш – семејна прошетка со колички или вечерна свирка со бендот?

– Семејна прошетка, но нека пораснат и ќе си направиме фамилијарен бенд, па ќе те видам тогаш дали ќе ми го поставиш ова прашање (хахаха).

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот