Интервју со Дарио Панковски: Случајно ги најдов оригиналните текстови на „Косоока“ и „Ладна како камен“, за миг се вратив во 1991 година
Јас дома имам една огромна „стара школа“ (old school) архива, составена од безброј исечоци од печатени медиуми, односно написи посветени на моите песни, албуми, концерти, на целата моја кариера во период од 1980 година, па сѐ до денес.
Дарио Панковски со децении е дел од македонската музичка сцена како автор и изведувач чии песни одамна го надминаа времето во кое се создадени.
Препорачано
Со новата песна „Ковчег со злато“, неодамна промовирана, Панковски повторно отвора длабоки прашања за животните вредности, искреноста и вистинското богатство. Неодамна привлече внимание откако случајно ги пронајде оригиналните, рачно напишани текстови на „Косоока“ и „Ладна како камен“.
За новата музика, старите ракописи, сцената денес и личниот „ковчег со злато“, зборуваме со Дарио во интервју за „Слободен печат“.
Неодамна ја промовираше новата песна „Ковчег со злато“, какви се првичните реакции и дали публиката ја препозна пораката што ја носи?
– Првичните реакции се повеќе од одлични, а слободно можам да кажам повеќе и од моите очекувања, затоа што сепак текстот содржи сериозна животна филозофија и порака, а таквите пораки можат да ги препознаат и вистински да ги разберат само луѓе со доволно животно искуство зад себе. Што се однесува до оние многу помладите, се надевам дека навреме ќе сфатат барем еден мал дел од текстот како животна едукација за понатаму.
Во „Ковчег со злато“ се отвора темата за човечките вредности и вистинското богатство. Што за тебе денес е најважната вредност во животот?
– Секој човек си создал своја сопствена слика за тоа што претставува вистинско богатство и вредност во неговиот живот и за тоа не може да се дискутира и да се генерализира, но тие вредности дефинитивно се менуваат со текот на времето, со начинот на живот и со неговото сфаќање. Јас лично, вистинските мои вредности си ги кажав во самата песна.

На социјалните мрежи објави оригинални, рачно напишани текстови од безвременските „Косоока“ и „Ладна како камен“, стари 35 години. Каде ги најде? Какво е чувството повторно да ги видиш овие ракописи?
– Јас дома имам една огромна „стара школа“ (old school) архива, составена од безброј исечоци од печатени медиуми, односно написи посветени на моите песни, албуми, концерти, на целата моја кариера во период од 1980 година, па сѐ до денес. Покрај тоа, тука се и плакати, флаери, билети, фотографии, обвивки од касети и цедеа и уште многу други детали. Е, па, токму при прегледувањето на сите тие купишта од документи, при барање нешто сосема друго, на мое големо задоволство ги пронајдов оригиналните текстови од овие два големи хита. Чувството беше како во рок од една секунда да се вратив во 1991 година, во истото студио со истиот оној мирис на огромна младешка возбуда и еуфорија во создавањето нешто сосема ново.


Кога ги читаш тие стихови денес, дали го препознаваш истиот Дарио или гледаш колку си се променил како човек и автор?
– Јас и денес го гледам потполно истиот Дарио од тогаш, со истите идеали, истата петарпановска енергија, истиот непоправлив ентузијазам, истиот пркос и истиот романтизам… само многу поискусен и нумерички повозрасен за 35 години.

Дали тогаш, на почетокот на 90-тите, можеше да претпоставиш дека тие песни ќе траат и ќе станат дел од колективната музичка меморија?
– Ниеден уметник никогаш однапред не може да претпостави или уште помалку да биде сигурен дека создава нешто големо и сериозно што ќе трае со децении и децении. Може да има намера, желба и очекувања, но гаранција никогаш.
Низ сите овие децении на сцената, што те држи и понатаму љубопитен и мотивиран да создаваш нова музика?
– Да бидам искрен, не знам ниту јас самиот, тоа е еден вид необјаснива и неизлечива зависност. Тоа е една хемија помеѓу мене и текстовите, музиката, рефрените, но сепак мислам дека е најмногу поради онаа неверојатна хемија помеѓу мене и мојата публика, која не би сакал никогаш да ја изневерам.

Како денес гледаш на македонската музичка сцена во споредба со времето кога почнуваше со „Миг-21“?
– За првпат ќе бидам брутално искрен на оваа тема. Сѐ додека по забавните емисии на македонски медиуми се појавуваат македонски пеjачи и пеjачки без свој сопствен идентитет кои изведуваат туѓи песни наместо свои, а што е уште пострашно, тие песни се исклучиво од српското и хрватското говорно подрачје, но и најчесто во турбо-фолк манир, е па сѐ дотогаш оваа македонска музичка сцена ќе се наоѓа во една самопонижувачка, саморазнебитувачка, деструктивна, неоригинална, безидејна и неинвентивна слепа улица! Да се разбереме, секоја чест и респект за ретките исклучоци што се трудат да одржат некаков баланс, на моите колеги професионалци што можам да ги избројам најмногу на прстите од двете раце.
Ако еден ден зад тебе остане симболичен „ковчег со злато“, што би сакал луѓето најмногу да паметат за Дарио, како музичар и како човек?
– Максимално искрен музичар и максимално нормален човек.


