Интервју со астрологот Александар Јанковиќ: Нѐ очекува динамична и драматична 2023 година!

Фото: Приватна архива/Pexels

Што ме очекува во Новата 2023 година? Прашање кое секој си го поставува на крајот на годината, но оние на чии предвидувања најмногу им веруваме и најчесто им се обраќаме за совет, се астролозите, „читачите“ на ѕвезди. Овојпат прашањето што во Новата 2023 година можат да очекуваат родените во зодијачките знаци му го поставив на нашиот познат астролог, Александар Јанковиќ.

Со грутка во грлото прашувам: каква 2023 година нѐ чека, општо земено?

– Ова е еден историски момент, зашто ова се случува многу ретко, имено, големите трансцедентални планети, Плутон, Нептун и Уран, кои се многу бавни, сега ги менуваат своите знаци. За илустрација, Плутон е најоддалечената планета (иако од науката е проглесена за не-планета) – тој низ еден знак поминува цели 20 години, што значи дека целиот зодијачки круг, сите зодијачки знаци, ќе ги помине за 248 години. Нептун тоа го прави за 165 години, значи во еден знак е отприлика 14 години, Уран го поминува зодијачкиот круг за 84 години. Тоа е сѐ многу бавно, цел еден животен век. Од 2023 до 2025 година сите овие планети ќе ги сменат зодијачките знаци, а тоа се случува многу, многу ретко. Оваа промена ќе опфати многу генерации (затоа тие уште се викаат генерациски планети), а последиците ќе бидат многу значајни, да не кажам историски.

Плутон на 23 март го менува знакот и влегува во водолија, каде ќе остане кратко и пак ќе се врати во јарец, но 2024 година дефинитивно ќе влезе во водолија и таму ќе остане 20 години. Плутон е нешто што се нарекува трансформација, меѓутоа, на едно пежоративно ниво – за оние со пониска свесност – го интересираат само пари и секс. За оние со повисока свесност ќе значи голема трансформација и драматични промени.

Може да се каже дека 2023 ги носи и почетоците и краевите на некакви глобални случувања и циклуси, а на личен план тоа ќе се доживува во зависност од знакот и подзнакот.

Што ни кажуваат ѕвездите за секој знак одделно?

Овенот – во првата половина ќе бидат „најсреќни“. Планетата на среќата и благосостојбата, Јупитер, од 20 декември е навлезена во знакот на Овенот и за шест месеци, до 19 мај, ќе бидат поддржани, особено ќе имаат финансиски успех, подолги патувања, некои ќе се експонираат во учење, односно, личноста ќе има поддршка во онаа насока во која е подготвена да се развива. Најмногу поддршка ќе имаат Овновите родени во последната декада.

Родените во Бик сѐ уште ќе бидат под исклучително неповолно влијание на Уран кој е ретрограден (а сето ова што се случува на светско ниво е под негово влијание – Уран е експлозија, ненадејност).Тој внесува немир на личен план, и бара промени, за кои припадниците на овој фиксен знак не се многу подготвени. Треба да внимаваат многу на своето здравје. Во мај Јупитер ќе влезе во нивниот знак, па тоа барем малку ќе им ја олесни положбата со пари.Но, треба да внимаваат на партнерските односи, затоа што имаат некои влијанија од лунарните затемнувања кои може да ги пореметат партнерските односи.

Близнаците ја дочекуваат годината со ретрогдраден Меркур, кој е и владетел на нивниот знак, но и со ретрограден Марс, се’ со 18 јануари, а тоа значи предизвици, конфликти кои ќе се префрлат во Новата година. Од средината на мај имаат поддршка на Јупитер. Во деловна смисла може да има непланирани и не многу пријатни деловни промени, но доколку инсистираат на повисок статус и унапредувања мора да бидат одговорни и доследни, а тие не се многу познати по ова.

Раковите од крајот на април и почетокот на мај и од средината на октомври до крајот на годината ќе имаат големи осцилации на расположението. Марс од 25 март влегува во Рак, а тоа значи голема енергија, агресивност, кои инсистираат на значајни случувања: во приватниот бизнис, значајни чекори во купување на недвижнини, а за женскиот дел може да значи стапување во брак или зачнување, зашто во посочените периоди кај женските ракови е изразена фертилноста.

Лавовите не се наклонети кон промени, а ни планетите не им се баш наклонети следната година. Плутон влегува во Водолија кој се наоѓа точно наспроти нив и ќе ги „толчи“, а од друга страна транзитот на Уран низ Бик е во квадрат со нивните сонца, што значи Лавовите ќе бидат најпритиснати, најоптоварени, особено по прашањето на домот и семејството, работата, кариерата. Ќе има многу промени во работата и добро е да ги направат, зашто промени се бараат. Сѐ до септември слободните Лавови ќе имаат шанси за нови емотивни врски.

За Девиците следната година ќе биде прилично напорна, затоа што имаат негативно влијание од Нептун во Риби. Преку нивниот знак се манифестираат лагите, измамите, идеализирањата, неможноста јасно да се видат ниту себеси ниту другите. Во нивната куќа на односи во март влегува Сатурн, а тој значи односи со партнери и ќе донесе многу тешки лекции за Девиците. Ќе има многу разводи, особено ако врските им се разнишани во претходниот период. Оние што имаат тајни врски треба да бидат особено внимателни, зашто тајните врски можат да им ја закомплицираат ионака разнишаната постојана врска или брак.

Девиците немаат толку силна психолошка енергија за да го издржат ваквиот притисок.

Терезиите/Вагите почетокот на годината го дочекуваат со Јупитер во седмата куќа на односите, партнерствта. Тоа може да биде исклучително добро, особено за оние во стабилни врски кои ќе се зацврстат уште повеќе. Оние со разнишани врски, доколку се многу разнишани, ќе имаат тенденција да пропаднат, но може и да се оправат, а за тоа одлучува слободната волја и свесноста на луѓето. Во текот на летото Венера која владее со овој знак, ќе проаѓа низ знакот на Лав ретроградно и тоа ќе влјае врз односите, при што е можно некои пријателства да прераснат во љубовни врски. Полош период можат да очекуваат оние кои се родени во последната декада, особено по прашање на здравјето. Задолжително треба да бараат второ мислење за секоја дијагноза.

Скорпиите во смисла на брак и партнерски односи немаат баш најдобра година. Нешто позитивно може да се случи до мај, кога ќе им помогне Јупитер, но од мај натаму никако, зашто Јупитер ќе се најде во Бик, отспротива, и ќе ги „толчи“ нивните сонца, односно ега. Ќе имаат повредени ега од партнерот, партнерските односи и ситуации. Можни се проблеми со претпоставените на работа, а оние кои имаат приватни бизниси може да имаат проблеми со своите клиенти, коминтенти и тн. Може да се случат проблеми со здравјето на нивните родители, а некои од децата на Шкорпионите може да си заминат, што ќе им падне особено тешко.

Стрелците оваа година ќе имаат најмногу промени. Нови почетоци, предизвици. Во Новата година ќе влезат со Јупитер во Овен, што на Стрелците им е пријателски знак. Може да влезат во годината еуфорично и позитивно, со многу планови, во што ќе ги поддржи нивниот владетел Јупитер, кој е секогаш на нивна страна, но можно е да се „приземјат“ кон крајот на мај. Летото на некои од нив ќе донесе бурни, страствени врски. Можно е родените во првата декада да имаат проблеми во домот и семејството. Треба да се насочат кон себе и работата врз себе.

На Јарците им следи промена од март, бидејќи нивниот владетел Сатурн ќе влезе во риби и ќе го придвижи полето на мислите, на одлуките, на комуникацијата. Ќе бидат подинамични, ќе имаат многу кратки патувања, може да бидат зафатени со проблемите на некој помлад близок член на семејството. Од нивниот знак после долго време излегува Плутон, па од март до јуни ќе почувствуваат олеснување. За нив влијанието на Плутон е завршено и веќе нема да го почувствуваат до крајот на животот. Им следи една сосема нова животна фаза. Можеби тоа ќе биде бизнис со кој ќе заработат доста пари, вредности или пак нова партнерска врска.

Водолијата ќе биде во интензивни случувања оваа година, особено од март, кога ќе ги посети Плутон. Може да биде и исклучително напнато, затоа што Плутон ќе ги вади нивните стари животни приказни, истории фрлени под тепих. Ова може да делува и на емотивните односи и на менталните процеси, па и на здравјето. Ќе имаат коренити промени во врска со работата, со домот, на некои семејни односи со таткото или мајката. Меѓутоа, и нивниот приватен живот може да биде хаотичен, особено од март до јуни, и тоа ненадејно. Но овие лоши промени не мора да се случат. Треба многу да се внимава на финансиите, во смисла на некои губитоци, лоши проценки и инвестиции. Треба да се бега од ризични зафати и да се контролираат финансиите.

Рибите ќе проаѓаат низ сериозни лекции, зашто Сатурн, планетата на кармата и долгувањата, на 7 март влегува во нивниот знак и тоа значи дека родените во овој знак ќе проаѓаат низ сериозни лекции. Плутон ќе ја активира нивнтата куќа на потсвеста – сѐ што мислеле дека го премавнале, може повторно да дојде на соочување и преиспитување, особено стравовите. Но, Јупитер ќе им помогне во врска со парите, вредностите, финансиските вложувања, во смисла на зголемување, проширување. Рибите ќе поминат низ најтежок период, па совет до нив е да работат на внатрешната стабилност, подигање на свесноста. Никој не ги знае алгоритмите по кои се одвива иднината, затоа размислувањето и планирањето значат трошење на енергија која треба да се насочи кон проширување на електромагнетниот облак околу себе, кој нѐ штити од негативните влијанија и од луѓето и од технологијата.

Сѐ на сѐ, оваа година, а и 2024 и делумно 2025, ќе бидат исклучително динамични и драматични. Ќе се случуваат многу неочекувани работи за кои може да се зборува во детали, но за тоа во друга прилика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот