Интервју со Александар Ношпал, моден дизајнер и костимограф: Облеката мора да ги носи мирисот и енергијата на човекот
Александар Ношпал е еден од најзначајните македонски модни дизајнери и костимографи, чија кариера се протега од модните куќи во Париз до сцените на балетски спектакли низ Европа.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, тој зборува за наследството на Џорџо Армани, личниот пат од Скопје до Париз, местото на модата во денешниот свет, предизвиците во костимографијата и улогата на менторството како негова најголема животна мисија.
За почеток, неодамна нѐ напушти Џорџо Армани, една од најголемите модни легенди. Што претставуваше Армани за светската модна сцена, но и лично за вас како дизајнер?
– Џорџо Армани беше една од најголемите и највлијателните личности-легенди во историјата на светскиот моден дизајн. Неговото присуство и неговиот едноставно-лежерен, спортско-елегантен, класично-современ израз остави неодминлив и уникатен печат и започна една нова страна во модата. Неговиот универзален интелект (студиите по медицина пред да ја започне својата модна приказна) и неговата сестраност и присутност во неколку области од културата за облекување (дизајнер на костимите за неколку култни филмови како што се „Недопирливите“ и „Американски жиголо“; дизајнер на полициската униформа на Италија; дизајнер на спортските униформи на фудбалскиот тим Челси и олимписката репрезентација на Италија во 2006 и 2012 година итн.), се карактеристики што ги поседуваат мал број негови колеги, кои ја сочинуваат историски елитата на светската мода.
За мене, пак, претставува неизоставен дел од плејадата великани како Кристобал Баленсијага, Кристијан Диор, Валентино, МекКвин, Лагерфелд и Галијано, кои, секој на свој начин, имаат оставено длабок печат во мојата работа.

Што ве поттикна да се посветите на модата и како изгледаше заминувањето во Париз на само 19 години, во еден нестабилен и бурен период за регионот?
– Љубовта кон облеката, феноменот на дизајнирање и изведба, односно конструкција на предмети за облекување, префинетоста при рачната доработка во изведбата, и постојаното откривање на нови хоризонти, техники и инспирации при реализацијата на едно парче се главните двигатели и причинители да навлезам длабоко во оваа професија и слично како Армани, да се развијам подоцна и во повеќе сегменти на културата за облекување. Тука се воедно и неверојатната жед за авантура, за откривање на непознатото, постојаната потрага и глад за знаење, патување и надградување. И тоа сѐ уште трае. За мене модата е уметност без граници, можеби лимитирана од формата на човечкото тело: но човекот е суштество, кое го карактеризираат многу специфични работи како што е емоцијата, интелигенцијата и креативноста, па тоа создава бескрајни можности, варијации и предизвици во креирањето на облека. Да не заборавиме: ние луѓето сме единствените суштества на оваа планета што ја користиме облеката како медиум и како потреба.
Какво влијание имаше париското искуство врз формирањето на вашиот стил и професионален пристап?
– Париз мене ме изгради не само како професионалец, туку и како личност. Влијанието на овој град врз она што сум јас денес е неоспорно и значително важно и големо во секоја смисла. Да го добиете знаењето во областа на Високата мода во центарот на Високата мода и да ја почувствувате магијата во вистинска смисла професионално работејќи во тој сегмент во Париз е неповторливо и доживотно искуство. Париз до ден-денес е дел од мојата животна приказна и мислам дека така и ќе остане: Париз го чувствувам секој ден работејќи во Скопје и низ светот, а воедно тоа е мојот втор „роден“ град каде јас се чувствувам најсигурен кога го посетувам.

Модата секогаш бара нова инспирација. Каде ја пронаоѓате денес и дали можеме наскоро да очекуваме нова колекција?
– Инспирацијата е насекаде, во секој сегмент од животот: таа не може да пресуши доколку сте отворени за светот, сакате да „впивате“ нови искуства, нови информации, а воедно и да ги паметите оние од минатото и историјата. Изворот е голем: уметност, литература, театар, филм, актуелни случувања, општеството глобално и коментари на истите. И што повеќе се надградувате, толку повеќе спојот е поневообичаен, покреативен и иновативен.
А тоа веднаш го дава и одговорот на следното прашање: една колекција е премал подвиг сето од горенаведеното да се опфати. Јас сум човек што сака, како што претходно реков, да експериментира, и постојано да одговара на нови предизвици. Тоа значи дека колекција можеби некогаш, но во моментов, има многу други медиуми и начини преку кои ја изразувам мојата креативност во сегментот на облекувањето, бидејќи за мене во овој момент колекција треба да има свој мотив, причина или предизвик.
Како го дефинирате вашиот моден потпис и како тој се менувал низ годините?
– За ова мислам дека најдобро треба да го искоментираат компетентни личности, новинари или критичари во област на модата, кои за жал, тука речиси и да ги нема. Или евентуално мои колеги. Јас лично сметам дека сѐ уште не сум го постигнал зенитот, ниту сум се задржал предолго во конкретно еден сегмент на креирањето облека, за да можам да дадам точен опис. Или, пак, сум премногу самокритичен.

Кога соработувате со јавни личности или клиенти, како го балансирате својот креативен израз со нивните барања?
– Секако дека мора да постои баланс, бидејќи облеката го губи своето значење доколку е вон контекст на една личност и нејзините карактеристики и специфичности, или пак, вон контекст на еден настан, случување, повод, односно причина. Облеката можеби е уметност, но таа е применлива, односно применета уметност, и доколку не е носена од човекот, се претвора во статична инсталација или неподвижна скулптура. Таа мора да ги носи мирисот, потта и енергијата на еден човек за да добие на вредност. Затоа и најмногу се наоѓам можеби во креирањето на балетски костими, бидејќи таму применливоста и комоцијата се неприкосновени: непобитни предуслови човекот да ја чувствува облеката како втора кожа.
Костимографијата е комплексна и бара длабока посветеност. Кој проект ви е најпредизвикувачки или најдраг од оваа област?
– Дефинитивно досега приматот го има проектот „Мајката Гуска“ во Париската опера, каде костимите беа изработени во техниката оригами, но од ткаенини. А уште повеќе заради тоа што требаа да ја задржат скулптуралноста, а притоа и перформансите за движење, односно танцување. Наизглед пластични, цврсти и строго геометриски, а во суштина меки, лесни и ергономски.
Како ја доживувате улогата на професор и ментор? Што е најважно што им го пренесувате на младите дизајнери?
– Тоа го сметам за мојот најголем успех во животот: да се биде професор и да се создава иднината на генерациите што доаѓаат е најголемата мисија што некој некогаш може да ја оствари. Немаше ниту јас денес да бидам ова што сум да не беа моите професори и ментори, посебно мојата професорка по Висока мода Мишел Монсара во Париз. Пренесувањето на искуството, знаењето и вештините е она што ја гради цивилизацијата и ја прави да се развива и да се усовршува. И токму тоа е она што сакам да им го пренесам на моите студенти: во ова време на стагнација на умот и прогресивната мисла кај нас, секое будење на сетилата и креативноста и покажувањето на патот кон професионализмот и еснафот, патот кој не може да се постигне никако поинаку освен со работа, труд, интегритет и постојано себесознавање, е она што е најважно да им го пренесам на новите генерации. Колку тоа да изгледа моментално во бројка минорно, сепак со текот на годините е квантитативно и квалитативно огромно.

Како изгледа „одмор“ за еден креативец како вас? Дали успевате понекогаш да се исклучите од постојаното размислување и создавање?
– Хахаха, одмор? Што беше тоа… одморам само кога спијам или пак, кога се забавувам, танцувам, пеам, кога љубам… а понекогаш најчесто и тогаш сонувам!
Кој е најголемиот мит за модните дизајнери што би сакале да го разбиете? И како ја гледате иднината на македонската мода?
– Митовите се приказни во кои главниот фокус е животот на боговите, а модните дизајнери не се богови. Легенди можеби да, но не богови или митски суштества. Но, за да се стане легенда, а не митско суштество потребно е неизмерно да ја сакате својата работа, да се трудите да не прифаќате компромиси, да не се плашите од ништо во животот и да верувате во тоа што го правите или во она што го живеете. Како што ги напоменав горенаведените модни легенди. Тогаш ниеден мит не може да ја разбие сликата за вас.
А што се однесува до иднината на македонска мода? Па да не бев оптимист немаше сѐ уште да живеам овде, одовде да работам низ целиот свет, а пред сѐ, бескомпромисно да се трудам и да се борам да го пренесам моето знаење на идните генерации.



