ИНТEРВЈУ Сања Лукаревска: Тврдам и ќе докажам дека не сме неми набљудувачи во случајот „Рекет“

Управата за јавни приходи пред една недела соопшти дека ќе почне да ги чешла фирмите поврзани со случајот „Рекет“, односно, дека ќе го проверува работењето на фирмите „БМЈ медиа груп“, „Меѓународен сојуз“ и телевизијата „1 ТВ“.

Во интервју за „Слободен печат“, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, открива детали во врска со контролите во фирмите поврзани со случајот „Рекет“, а зборуваме и за апликацијата МојДДВ, повратот на ДДВ, сузбивањето на сивата економија.

Зошто УЈП не вршело порано контроли на фирмите поврзани со случајот „Рекет“, туку сега кога е почната истрагата?

– Управата за јавни приходи одлично комуницира и се координира со сите сродни институции, вклучувајќи го и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. По однос на случајот популарно наречен „Рекет“ сакам да истакнам дека УЈП постапува согласно законот и колку некои и да сакаат да прикажат дека сме анемични во овој случај, тврдам дека не сме неми набљудувачи од страна. УЈП и претходно вршела контроли, а по информациите кои излегоа во јавност, самостојно влеговме во контрола на фирмите кои што се посочени во случајот популарно наречен „Рекет“. Инспектори на УЈП доставија налози во петокот и од понеделникот почнаа да вршат увид во документацијата. Се проверува даночното работење. По првичните информации коишто ги добивам од колегите, очекуваме дека ќе имаме можност за проширување на контролите.

Дали УЈП досега има проверувано сметки на некои од обвинитите од страна на СЈО во повеќе предмети и доколку не, зошто не било сторено тоа?

– Да, сме постапувале по случаи кои се инзволивари во предметите на СЈО, во делот на даночното работење. УЈП редовно соработува со надлежни истражни органи и за секој случај за којшто од нас е побарано да постапиме тоа сме го направиле, а кај дел контроли се спроведени и самостојно.

Како УЈП ќе постапи во врска со новиот предлог-закон во врска со оддалечувањето на објектите на приредувачите на игри на среќа на воздушна линија од 500 метри?

– Ние значи имаме надлежност во наплатата на паушалите кои постојат за приредувачите на игри на среќа и забавни игри. Ќе доставиме и наши размислувања во делот на новиот закон, меѓутоа тоа е во надлежност на Министерството за финансии. Сметам дека треба да се поразговара со сите засегнати страни и тогаш да се донесат конечните критериуми. Ние сме само имплементатори, па така, како ќе биде одлучено, ние така и ќе ги спроведеме одлуките.

На големо се зборуваше дека УЈП врши акција на „Пластичарска улица“, каде има голем број на објекти за кои и во јавноста се говори дека во многу од нив не се издаваат фискални сметки. Како се одвиваше целата акција?

– Морам да истакнам дека успешно поминавме таму. Имаме околу 12 казни од 42 објекти, ние ги таргетиравме повеќе од 60, меѓутоа кога пристигнавме таму и влеговме кај некои од нив, останатите ги затворија и не можевме да извршиме контрола. Ќе напоменам дека многу од објектите работат според сите законски прописи и нивните фискални каси беа во ред.

Дали лично Вие сте имале искуство со недобивање на фискална сметка или компјутерска или можеби сметка на парагонче?

– Да, имам искуство со тоа. Во еден угостителски објект кога побарав сметка да платам, доаѓа личноста што не служеше и ми вели 480 денари. Потенцирав дека сакам да ми биде донесена сметката, дури одговорот на вработената беше „Ту ту да не ме тепаш!“. И одговорив дека не станува збор за тоа, туку Законот важи така, дека треба да се донесе фискална сметка. На тоа вработената ми одговори – „Де де ете ќе ја искуцам и ќе ти ја донесам“. Малку ме изиритира таа реакција и повторно реагирав и на крајот ја добив фискалната сметка.

Колега наш, јадел во две пицерии и од двете претходно добил фискална со пресметан ДДВ од 18 проценти. По една недела истите повторно ги посетил и сега вредноста на ДДВ била нула. Зошто? Како е можно да се смени ставката за ДДВ?

– Во ваков случај секој корисник на апликацијата МојДДВ, но и секој граѓанин, случајот треба да го пријави на линијата 198 по што Управата за јавни приходи ќе може да постапува. Покрај линијата 198, сакам да информирам дека граѓаните може да пријавуваат нерегуларности и на посебната емаил адреса [email protected] и [email protected]. Без увид во фискалните сметки коишто ги спомнувате, одговорот би бил паушален, односно би шпекулирале со можните причини за разликата во фискалните сметки.

Веќе нагласивте дека сметките за струја, вода, телефонски услуги и слично не треба да се скенираат, но што е на пример со сметките на Телекабел? Дали граѓаните смеат или не смеат да ги скенираат?  

– Согласно член 2 став 2 од Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица (Сл.весник на РСМ, Бр.133 од 28.06.2019), одредбите од овој закон не се однесуваат и на фискалните сметки кои се издадени заедно со сметките кои се издаваат од лицата кои извршуваат континуиран промет и за кои се предвидени  последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго). Што значи дека фискалните сметки од месечна претплата за Телекабел не треба да се скенираат. Но, токму затоа нашиот тим изработи веб апликација МојДДВ преку којашто граѓаните, покрај детален увид во фискалните сметки и износот за поврат, ќе имаат можност и да ја повлечат фискалната сметка којашто ја скенирале ненамерно.

Дали УЈП ќе даде еден преоден период додека граѓаните да научат што смеат, а што не смеат да скенираат. Според Законот, ако од незнаење скенираш сметка од фирмата, на пример сметка за наполнет бензин од фирма, ќе добиеш казна од 200 евра со образложение дека тоа е сметка за која фирмата си бара поврат на ДДВ?

– Во Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица нема предвидено одредба со која се дава преоден рок, но, граѓаните кои скенирале по грешка сметки што не се дозволени за скенирање, со пуштање во функција на веб апликацијата за преглед на скенирани сметки имаат можност за поништување на сметки кои ги скенирале по грешка. Па поради тоа од страна на УЈП ќе има разбирање во овој период.

Зарем мораше ова да влезе во закон, зарем не можеше едноставно овие сметки да се изземат ако веќе за казнување може да се евидентира оној што ја скенирал сметката?

– Управата за јавни приходи е извршен орган којшто ја реализира мерката поврат на 15 % од МојДДВ согласно Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица. Со цел едноставно, брзо и лесно сотаврување на поврат, УЈП ја креираше апликацијата МојДДВ преку којашто граѓаните ги скенираат фискалните сметки. Нашата примарна цел е на граѓаните да им овозможиме да го остварат правото на поврат, а не да ги казнуваме. Токму затоа и ја креиравме веб апликацијата МојДДВ преку којашто корисниците ќе може да ги повлечат, односно да ги избришат фискалните сметки коишто ги скенирале по грешка, ненамерно или поради недоволна информираност.

Какви се очекувањата за сузбивање на сивата економија со оваа мерка?

– МојДДВ веќе ги дава резултатите за целите за кои е воведена – ги враќа парите кај граѓаните и влијае на намалување на сивата економија. Тоа што го очекувавме со воведувањето на МојДДВ се покажа дека се случува и во пракса. Во јули 2019 година постигната е повисока наплата на данокот на додадена вредност за 10,31%. Во однос на истиот месец минатата година. Во текот на досегашниот тек на реализацијата се докажа дека граѓаните навистина се наши партнери во борбата против неформалната економија. Бројот на пријави за неиздавање на фискални сметки и други нерегуларности поврзани со фискалните сметки е зголемен за 100 %. Од почетокот на мерката поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ 01.07.2019 до 29.08.2019 години регистрирани се 342 пријави за нерегуларности со фискални сметки.Во истиот период минатата година имало само 162  јавувања. Покрај редовните контроли, Управата спроведува и контроли по пријавите на граѓаните низ цела држава. Резултатите од реализацијата на МојДДВ веќе се евиденти. Даночните обврзници се повеќе увидуваат дека просторот за манипулации и измами со фискални сметки е сведен на минимум, а граѓаните се почесто инсистираат да добијат фискална сметка за производот којшто го купуваат или за услугата којашто ја користат, без разлика дали цената што ја плаќаат е повисока или пониска. Заклучно со 29.08.2019 година, скенирани се 14,497,871, остварен е промет од 7,425,776,384 денари, вкупниот ДДВ изнесува 807,988,400 денари, а повратот од 15 % е 121,198,260 денари. 

Кога може да очекуваат граѓаните да добијат назад пари?

– Со цел да се запазат даночните периоди, во декември 2019 година на трансакциските сметки на корисниците на МојДДВ ќе бидат исплатени првите паричните средства од 15 % поврат од ДДВ за три месеци, односно за јули, август и септември. Понатаму исплатата ќе биде на секои три месеци, февруари, мај, август и ноември.

Колку каравани се одржани досега, колку се планирани вкупно и како граѓаните реагираат на нив?

– МојДДВ карваните се со цел да бидеме поблиску до купувачите и токму затоа промотивните штандови се лоцирани во супермаркетите за лично да ги информираме граѓаните за бенефитите од користењето на МојДДВ. Досега имаме организирано 20 промоции кои ќе продолжат во наредните денови. Своја поддршка дадоа министри, градоначалници, пратеници, но и уметници кои препознаа дека МојДДВ  е корисен и за граѓаните и за државата.

Во врска со вработените во УЈП кои држеле околу 40 фирми во повластена положба, што е превземено во врска со нив, дали добиле некои мерки?

– Сите индиции за евентуални прекршувања за законите или злоупотреба на позицијата од страна на службени лица, Управата за јавни приходи ги разгледува сериозни и презема соодветни мерки. Дел од тие службени лица се прераспределени, а за дел се покренети и постапки пред Јавното обвинителство, бидејќи и самите даночни обврзници сами ги пријавиле за  незаконско работење. Сега имаме видоизменета структура по однос на инспекторирањето.

Редовно на „црната листа“ на УЈП се јавни претпријатија. Таму е проблем што не може УЈП да им одземе пари затоа што вршат јавна функција, дали се очекува нешто да се промени во врска со ова?

– Јавните претпријатија како специфини даночни обврзници се подолг период опсервирани од страна на УЈП и во однос на истите се изнаоѓаат начини за наплата на нивните долгови без да се оневозможи нивното непречено функционирање при извршување на јавна дејност, согласно позитивните прописи.  .Последна активност од страна на УЈП се доставените Дописи до Директорите на ЈП и оснивачите со кои истите се официјално известени за нивните обврски и одговорност за плаќање на заостанатите даночни долгови .Оваа активност од страна на УЈП е започната со цел низ партнерски однос со одговорните лица во ЈП да се изнајде начин за целосно плаќање на заостанати даночни долгови на јавното претпријатие и постигнување на целосна доброволна усогласеност во понатамошното исполнување на даночните обврски.Со ваквите известувања баравме одгорните лица во ЈП да посветат целосно внимание и сериозност и воедно ги информираме дека во претстојниов период јавното претпријатие ќе биде контактирано од страна на даночни службеници, при што очекуваме максимална соработка .

Колкава е бројката на блокирани сметки од страна на УЈП на оние кои должат?

– Согласно податоците во Менаџерскиот извештај на УЈП заклучно со 30.06.2019 година донесени се вкупно 41.968 решенија за присилна наплата од парични средства (блокади на сметките на должниците во деловните банки) по основ на долгови за сите видови даноци и други јавни давачки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот