Интервју со Ружица Милошеска – Брчиоска: Ќерката Елена го наследи музичкиот талент од нас и е придружен вокал на „Ареа“

Фото: Приватна архива

Безвременските хитови на култниот македонски бенд „Ареа“, меѓу кои, „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Нешто недостасува“, „Јас сум ти пријател“, „Да пеам… сепак можам!“, ги пејат генерации и генерации. Ружица и Ивица, музичката-брачна двојка со секоја песна нѐ потсетуваат дека сѐ уште постои квалитетна музика на овие простори.

Фото: Приватна архива

Моќен и уникатен вокал, специфичен имиџ, енергичен перформанс на сцена, рок икона – веќе погодувате, односно знаете, тоа е пејачката и кантавтор Ружица од „Ареа“. Во интервјуто за „Слободен печат“ Ружица раскажува за многу работи од три децении долгото музичко патување, кое и понатаму трае – ги открива музичките планови на „Ареа“, зборува за почетоците на бендот, за музиката во услови на пандемијата, но и за љубовта со сопругот Ивица, за ќерката Елена која музичкиот талент го наследила од нив…

Фото: Приватна архива

Пред 30 години го основавте бендот „Ареа“, една од највпечатливите и најмаркантните групи во земјава, и направивите вистинска музичка револуција. Оттогаш сведочиме на бројни албуми и уште побројни хитови.  Како започна вашата музичка приказна? Кој е „виновникот“ за вашата огромна популарност која не стивнува ниту по три децении?

– Првиот јавен настап како група „Ареа“ го имавме на скопскиот „Рок Фест“ во 1992 година, кој во тоа време важеше за култна манифестација, а групата ја формиравме два месеци пред тоа. Ивица веќе имаше неколку идеи за песни за коишто јас напишав текстови, така што многу брзо комплетиравме три песни со кои настапивме на таа манифестација,  ја освоивме првата награда од жирито и го снимивме првиот албум. Од самиот почеток па сè до денес се трудиме да бидеме максимално оргинални и искрени во тоа што го работиме и најверојатно на тоа се должи тоа што и по речиси три децении сè уште имаме публика.

Фото: Приватна архива

Албумот објавен во 2000 година „Врати на имагинација“ постигна дотогаш невиден успех на македонските простори, а „Сите мои слики“ стана еден вид химна меѓу младите, но и на повозрасните генерации. Имате ли некоја автобиографска песна, некоја животна приказна или случка која сте ја преточиле во песна?

– Текстовите на песните не се конкретни раскажувања на случки, тие претежно опишуваат внатрешни доживувања и емоции поттикнати од надворешни настани од нашите животи, а доколку има раскажување, тоа е пренесено преку призмата на еден внатрешен свет на чувства. Така што, на некој начин може да се каже дека сите песни се автобиографски, односно доживеани на еден специфичен уметнички начин, а верувам дека тоа е и причината што текстовите допираат до срцата на слушателите.

Во мај ја издадовте песната „Отсекогаш“ и најавивте нов албум. Верната публика едвај го дочека вашиот нов производ. На што се должат големите паузи меѓу албумите и песните, но притоа да не го заборавиме фактот дека секоја ваша песна станува безвременски хит?

Фото: Приватна архива

– Издаваме музика тогаш кога сметаме дека сме направиле нешто добро, кое од сите аспекти, музички, текстуално, изведбено, ги задоволува нашите критериуми за да може да се пушти во етерот. Не работиме занаетски, значи по секоја цена не пуштаме песна, во меѓувреме созреваме и како луѓе и како музичари и она што го зрачиме, преку музиката, преку песните ѝ го пренесуваме на нашата верна публика. Мислам дека, во суштина, поради тоа се оние чести коментари, како: ‘пораснавме со вас’ и слично. Имам впечаток дека со публиката комуницираме преку песните на некое духовно ниво.

Вашата љубовна приказна со гитаристот Ивица, со кого сте во брак, трае со децении. Ја имате и ќерката Елена. Како започна вашата љубовна приказна? Како функционирате на професионално, а како на приватно поле како музичко-брачна двојка? Со што се занимава Елена?

– Ние сме школски другари од средно училиште, ха, ха. Инаку заедно сме од по завршувањето на средното училиште, па сè до денес. Гледајќи од оваа временска дистанца сметам дека за нашата врска и нејзиниот опстанок до денес, покрај љубовта помеѓу нас, одлучувачка беше и љубовта кон создавањето музика, не знам, можеби и се лажам, ха, ха. Професионалното од приватното до ден-денес не успеавме да го раздвоиме. Тоа од една страна е добро, а од друга страна и не е добро. Но, тоа сме ние, така функционираме. Нашата ќерка Елена го наследи музичкиот талент од нас и од пред две години се приклучи кон бендот „Ареа“ како придружен вокал на живите настапи. Инаку, Елена по професија е магистер архитект.

Вегетаријанка сте, зошто се одлучивте за ваква исхрана и ваков стил на живот?

– Вегетаријанка сум повеќе од 20 години и добро се чувствувам поради тоа. Верувам во единството на постоењето, единството меѓу човекот, животните и природата, верувам во Бога. Сметам дека животните се Божји созданија, исто како и ние и сметам дека ни се дадени за да ни помагаат на разни начини, а не за да се храниме со нив. Покрај тоа мое убедување, во текот на животот кај мене се разви и љубовта и сомилоста кон животните. Знам дека и тие чувствуваат радост, болка и страдање. Тоа е единствената причина поради која сум вегетаријанка

Ареа
Фото: Приватна архива

Македонската публика е гладна за добра музика и добар концерт, особено по повеќе од една година замрување на музичката сцена поради пандемијата на коронавирусот. Неодамна учествувавте на фестивалот „Аларм фест 2021“. Иако деновиве сведочиме на заострување на мерките, сигурно имате планови за во иднина на музичко поле? Што да очекуваме од „Ареа“? Ќе има ли големо враќање на „Ареа“?

– Ах, големо враќање, па ние сме секогаш тука, не би зборувала за некое враќање зошто ние никогаш не престанавме да настапуваме, освен во овој период на пандемијата, како и сите други изведувачи. Планираме да го издадеме наесен најавениот албум, а за концертите навистина не би можеле многу да кажеме, со оглед на секојдневните промени со ковид-состојбата и заострувањето на мерките. Но, ние сме подготвени за настапи, секогаш кога за тоа ќе се отворат можностите.

Вие заедно со „Ареа“ сте своевиден столб на рок-музиката во земјава. Им одолеавте на многу музички превирања и трендови. Што мислите за хиперпродукцијата на инстантни песни и спотови, за кои се потребни многу пари, а квалитетот на финалниот музички производ е дискутабилен?

– Интернетот и социјалните мрежи го променија начинот на кој се промовира музиката. Порано постоеја музички уредници во телевизиските куќи, радијата и весниците и имаше критериуми кои требаше да бидат задоволени за да се најдеш на нив и да бидеш промовиран. Сега, кој сака може да сними и да постави песна и видео на интернет, може да се промовира преку веќе разработени јутјуб-канали, а главно мерило за квалитет се посетите и лајковите, што не одговара на реалната слика. Секоја чест на исклучоци, но главно, за жал, се соочуваме со голема популарност на изведувачи на банална музика кои го окупираат вниманието на помладите генерации, чии песни имаат краток рок на траење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот