Радован Милосовски, директор на „Нафтовод“. Фотографија: лична архива

ИНТЕРВЈУ| Радован Милосовски, директор на „Нафтовод“: Македонија ќе стане дистрибутер на дизел за соседните земји

Наскоро се очекува во употреба да се пушти нафтоводот Солун – Скопје. Цената на транспортот на дизелот ќе се намали, ќе се зголеми стабилноста во снабдувањето, а може да станеме и извозен центар

Наскоро треба да се пушти нафтоводот од Солун до Скопје, тврди директорот на државата компанија „Нафтовод“ Радован Милосовски. „Нафтовод“ е во секојдневна координација со скопската подружница на Претпријатието за нафтени цевководи Солун – Скопје Вардакс АД Солун како и со сите надлежни државни институции и веќе се направени сите административни и технички подготовки според европски регулативи.

– Во најскоро време јавноста ќе биде официјално известена за точниот датум на пуштање во употреба на продуктоводот Солун до Скопје – изјави во интервју за „Слободен печат“, Милосовски.

Што ќе значи овој нафтовод за Македонија?

-Ставањето во функција на продуктоводот Солун – Скопје го поврзува Солунското пристаниште со Скопје има значајно економско, енергетско и стратешко значење за Македонија. Продуктоводот не е само инфраструктурен проект, туку стратешки столб на нашата енергетска иднина. Имено, овој продуктовод за Македонија значи: енергетска сигурност односно ја намалува зависноста од увоз преку патни цистерни и други помалку ефективни начини на транспорт. Тоа ја зголемува стабилноста на снабдувањето со гориво за македонскиот пазар. Трошоците за транспорт на дизелот се значително пониски во споредба со транспортот со камиони, што може да влијае и врз поевтинување на цената за на дизелот за крајниот потрошувач. Се отвора шанса Македонија да стане центар за извоз на горива на соседните пазари (на пример, Косово, Србија и Бугарија) што ја зајакнува економската улога на земјата во регионот. Има и стратешки и геополитички ефект, поврзувањето ја намалува целосната зависност на Македонија од други надворешни пазари и инфраструктури. Ова ја зајакнува не само економската, туку и политичката и безбедносната позиција на земјата во регионот.
Гледано и од еколошки аспект, ќе се намали притисокот врз сообраќајната инфраструктура и емисијата на штетни гасови.

Дали постои можност да станеме на некој начин дистрибутивен центар за регионот за дизелот?

Како што напоменав во претходното прашање, со пуштање во употреба на продуктоводот се отвора голема шанса Македонија да стане дистрибутивен центар за Југозападна Европа, попрецизно, можеме да станеме главни добавувачи за соседните пазари, Косово, Србија и Бугарија. Во прилог на ставањето во функција на продуктоводот, ќе добиеме геостратешка позиција, ќе имаме многу инвестиции во инфраструктурниот развој, ќе имаме големо регионално влијание и ќе ја зајакнеме економијата, ќе станеме значаен фактор за енергетската безбедност на поширокиот регион.

Дали може да се очекува поевтинување на овие производи кај нас?

Берзанските услови секогаш ја диктираат цената на пазарот, но верувам дека со пуштање на продуктоводот треба да се намали цената на продуктите што ќе се транспортираат низ продуктоводот и очекувам дека ќе има позитивно влијание врз поповолна цена на домашниот пазар.

Од кога датира нафтоводот, зошто имаше со години застој?

Идејата за нафтовод Солун – Скопје датира од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, изграден е и пуштен во употреба во 2002 година, кога се средија политичко-финансиските услови.
Во јануари 2013 година, Рафинерија Миладиновци го сопре процесот на производство, до ден-денес, причина за застојот на работењето се повеќе околности што доведуваа до нефункционирање на продуктоводот. Сегашната Влада на Република Македонија, од претходната година успеа во напорите за ревитализација на овој проект, што ќе резултира со повторно пуштање во употреба на продуктоводот. Потребно беше време за усогласување на меѓународните договори и на регулативите помеѓу двете страни, потоа неопходна беше целосна техничка инспекција и модернизација на системот за да дејствува со тековните строги еколошки и безбедносни стандарди.

Во сопственичката структура, Македонија учествува со 20 отсто од акциите, останатите се на „Хеленик петролеум“. Дали има пресметки какви буџетски ефекти може да има нафтоводот?

Неспорно е дека Владата на Република Македонија е држател на 20 отсто од акциите во Претпријатието за нафтени цевководи Солун – Скопје Вардакс АД Солун, а и покрај фактот што е малцински акционер, пуштањето во употреба на продуктоводот неспорно ќе има во позитивна смисла значителни финансиски импликации врз буџетот на Македонија.
Државата директно ќе партиципира во профитот од работата на продуктоводот и тоа преку дивиденди, но и преку такси за пренос на енергенси. Зголемен обем на работа и дистрибуција значи и поголеми приходи по основ на данок на добивка. Со поевтинувањето на логистиката, јавните институции што се големи потрошувачи на горива ќе имаат помали трошоци, што би значело индиректна заштеда на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот