ИНТЕРВЈУ Ѓорѓи Христов: Премиер лига, искрено посакувам Џани тоа да го почувствува што побрзо!

Секако дека Косово е противник за респект, но мислам дека ние можеме да ги поминеме, вели нашиот поранешен репрезентативец.

Лидс после 16 години успеа да се врати во Премиер лигата освојувајќи го првото место во Чемпионшип. Воедно придонес кон тој пат имаше и македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски, па така и нашата земја по подолг период ќе има претставник во елитата.

Претходно во Премиер лигата настапуваа уште неколку наши фудбалери, Ѓорѓи Христов (Барнсли), Артим Шаќири (Вест Бромвич Албион), Горан Попов (Вест Бромвич Албион) и Гоце Седлоски (Шефилд Венздеј). Во Англија играше и Величе Шумуликоски во дресот на Ипсвич и Престон.

Ексклузивно за веб порталот на „Слободен печат“ зборуваше поранешниот играч на националната А селекција, Ѓорѓи Христов по повод пласманот на Лидс и Алиоски во Премиер лигата.

Лидс јунајтед после 16 години успеа да се врати во Премиер лигата, а и Македонија по подолг период повторно ќе има свој играч во една од најсилните европски лиги..

– Лидс Јунајтед по мене е еден од најдобрите англиски клубови. Клуб со голема традиција, одлични навивачи и секако клуб каде што пред Манчестер јунајтед играше по мене еден од најголемите играчи во Премиер лигата, Ерик Кантона. 16 години беа долг период за Лидс да се врати каде што припаѓа. Можам да замислам каква еуфорија владее таму, добро го познавам тој менталитет, бидејќи Барнсли и Лидс се само 20 км оддалечени.

Вие имате искуство од Премиер лигата со настапите за екипата на Барнсли, па доколку можете да го споделите вашето искуство, колку таа лига значи, колку е силна за самите играчи и секако за уште поголем развој во овој случај на Алиоски?

Премиер лигата нè потсети на мајсторијата на Ѓорѓи Христов! (ВИДЕО)

– Лично ме радува што после долги години ќе имаме наш претставник во најсилната лига во светот и се надевам дека Алиоски ќе го покаже својот квалитет меѓу најдобрите. Споредби никогаш не сум сакал да правам. Минаа 23 години од кога јас како прв Македонец заиграв во Премиер лигата и многу нешта се променија, но страста, љубовта, пасијата што ја има само таму и понатаму е иста. Имав можност да одиграм 25 натпревари и да постигнам четири голови. Тоа се посебни моменти и искрено посакувам Џани тоа да го почувствува што побрзо.

Сигурно ги следите и настапите на македонската А репрезентација, поради ситуацијата со Ковид-19 двапати се одложи дуелот со Косово во Лигата на нации. Новиот термин е 8 октомври. Како ги гледате шансите да се пласираме на следното Европско првенство 2021 до кое ни се потребни уште две победи?

– Самиот податок што имаме играчи што настапуваат во најсилните лиги во Европа веќе неколку неколку години беше предуслов да се направи ваков успех, што сме на чекор до едно големо натпреварување. Секако дека Косово е противник за респект, но мислам дека ние можеме да ги поминеме. Играме дома и доколку има и публика тогаш шансите ни се големи. А финалето е посебна приказна, дај Боже да стигнеме до таму, па тогаш ќе прогнозираме.

Македонија и Косово ќе играат на 8 октомври, финалето кое носи виза за ЕП на 12 ноември

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот