ИНТЕРВЈУ Ејуп Рустеми: Вистинско време е Пошта да го модернизира своето работење

Со појавата на здравствената криза се случи огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Ликвидноста на компанијата е нарушена, бидејќи поради неработењето на Еуростандард банка на шалтерите на Пошта од 12 август годинава, не може да се обезбедат финансиските услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица.

И Пошта на Северна Македонија не остана имуна од пандемијата. На намалениот обем на работа, поради отежнатиот транспорт, се надоврзаа и стопираниот платен промет на поштенските шалтери. До крајот на годината е одложена и либерализацијата на поштенскиот сообраќај. Овој период требаше да се искористи за целосно осовременување на услугите, но и тука пандемијата ги одолжи плановите.

Корона-кризата навлезе во сите пори на македонската економија. Како сето ова се рефлектираше врз работењето на Поштата во изминатиот период?

– Во услови на пандемија, невозможно беше да се остварат проекциите од стратегијата за деловната 2020 година. Од моето доаѓање за генерален директор на „Пошта на Северна Македонија“ во 2018 година, компанијата ја заврши годината со негативен финансиски резултат од 168 милиони денари. Во 2019 година успеавме да ја намалиме загубата на 65 милиони денари и во првите три месеци од 2020 година, Пошта успеа да ги зголеми писмоносните приходи во внатрешен сообраќај за 9,8 милиони денари, а расходите беа намалени за 4,9 проценти. Со здравствената криза се случи огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Остварениот финансиски резултат во првото полугодие од годината изнесува минус 52,5 милиони денари. Планот за првите шест месеци од 2020 година се остварува со 96,2 отсто, а планираните приходи изнесуваат 586,5 милиони денари. Во делот на трошоците остварени се 616,8 милиони денари. Приходите од поштенските услуги во внатрешниот сообраќај за првите 6 месеци од  годинава изнесуваат 362,9 милиони денари, односно реализацијата на планот изнесува 92,6 проценти. Приходите на поштенските услуги во меѓународниот сообраќај изнесуваат 69,1 милиони денари. Реализацијата на финансиските услуги во однос на планираното се извршуваат со 95,7 отсто и споредено со минатата година, приходите од овој вид услуги се поголеми за 10,6 отсто за првите 6 месеци од годината.

Во изминативе недели, вашата компанија влезе во фокусот поради пропаста на Еуростандард банка. Со какви проблеми се соочивте и дали е нарушена ликвидноста на Пошта?

– Ликвидноста на компанијата е нарушена, бидејќи поради неработењето на Еуростандард банка на шалтерите на Пошта од 12 август годинава, не можеме да ги обезбедиме финансиските услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица. Остварените приходи во првите шест месеци од 2020 година од овие услуги што Пошта се уште не може да ги обезбеди, изнесуваат 110 милиони денари и претставуваат 19,4 проценти од нашите вкупни приходи. Овде сакам да напоменам дека повеќе од 870 вработени во Пошта целосно или делумно извршуваа работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги. Приходот остварен од овие услуги обезбедува плата за околу 560 вработени во Пошта. Искрено жалам за настанатата ситуација, за сите граѓани и фирми, корисници на нашите услуги, со кои имавме одлична соработка, а кои сега се оневозможени тоа да го прават на шалтерите на Пошта.

На почетокот на годината Владата препорача петто одложување на либерализацијата на поштенскиот пазар. Пошта на РСМ ќе го задржи ексклузивитетот во цената на резервираните поштенски до крајот на 2020 година. Дали го искористивте периодот да инвестирате во осовременување на поштенската мрежа и да креирате други (нови) услуги?

– Владата на РСМ усвои измена на член 92 од Законот за поштенските услуги, со која му се продолжи ексклузивното право на давателот на универзална услуга (национален оператор) да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2020 година. Периодот што националниот оператор требаше да го искористи за преземање потребни активности пред настапувањето на целосната либерализација, беше период на пандемија, во кој друштвото се соочи со голем пад, како на поштенските така и на финансиските услуги. Сето ова ја оневозможи имплементацијата на предвидените плански активности за 2020 година. Како и да е, годинава се спроведуваше Твининг-проектот со поддршка на Делегацијата на ЕУ, кој се однесува на унапредување на капацитетите на Агенцијата за пошти како главен корисник и истовремено на Министерството за транспорт и врски и Пошта на Северна Македонија, како сокорисници и засегнати страни на пазарот на поштенските услуги. Благодарение на Проектот и вклученоста на стручните служби од Компанијата, знаеме кои чекори треба да се преземат за да се либерализира пазарот, вклучувајќи ја модернизацијата на поштенскиот сектор, прифатливи цени и задоволни корисници. Свесни сме дека проектот е од голема важност за сите институции вклучени во него и искрено се надевам дека крајниот резултат ќе биде задоволителен за сите страни. Поштата е местото од каде што треба да почнат процесите, така што сега е вистинското време да се насочиме кон модернизација во своето работење.

Дали се плашите од конкуренција по целосната либерализација?

– Распространетата поштенска мрежа со повеќе од 300 единици и расположливите човечки ресурси се предност на националниот оператор на поштенскиот пазар и не оставаат простор за страв од конкуренцијата. Овде сакам да напоменам дека во моментот постои резервиран дел за националниот поштенски оператор, а тоа се пратките за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. Ексклузивитетот за резервираната поштенска услуга не значи исклучување на другите даватели на поштенски услуги. Ексклузивитетот се однесува само на цената на пратките во резервираниот дел. Би сакал да напоменам дека  АД Пошта на Северна Македонија – Скопје е единствен давател на поштенски услуги со обврска за обезбедување на универзалната услуга на цела територија на државата. Универзалната услуга е услуга од јавен интерес и претставува прием, пренос и врачување на: писмоносни пратки со тежина 2 кг (вклучувајќи ги и препорачаните поштенски пратки и пратките со означена вредност), пакети со тежина до 10 кг во внатрешен поштенски сообраќај и до 20 кг во меѓународен поштенски сообраќај и пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид со тежина до 7 кг.

Со годинисенамалува обемот на писмата и поштенски картички. Како е кај другите услуги и дали граѓаните се задоволни од вашите услуги?

– Намалувањето на обемот на писма е светски тренд својствен не само за АД Пошта на Северна Македонија. Во првото полугодие на 2020 година постои тренд на намалување и на останатите услуги, во меѓународен поштенски сообраќај, како последица на пандемијата. Во однос на обемот на услуги, незначителни се рекламациите и поплаките на корисниците на нашите услуги. Но, АД Пошта на Северна Македонија – Скопје постапува по секоја рекламација и поплака и презема одговорности согласно законските прописи.

Владата конечно даде „зелено светло“ за почеток на преговори со друга банка? Се надевате ли на брз договор и што ако никој не е заинтересиран да ги преземе вашите шалтери?

– Пошта е во интензивна комуникација со Владата на РСМ како основач на АД Пошта на Северна Македонија и со НБРСМ како регулатор, за изнаоѓање брзо и прифатливо решение за сите. Ова решение е во интерес и на Пошта, за да не изгуби значителен дел од своите приходи. Веќе, испративме писмо до Владата од Собранието на акционери за да добиеме согласност за почеток на преговори со деловна банка. По добиената согласност, УО на компанијата донесе одлука да се испрати писмо со намери до сите деловни банки и до МБА, за обезбедување услуги на платен промет. Заклучно со 10 септември, за соработка со Пошта се јавија вкупно 8 банки. Сега, процедурата тече. А, до изборот на банка, со која ќе соработуваме во идниот период, и во интерес на преговорите, не би откривал други детали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот