Насловна корица на сликовницата „Големиот сон“

Инклузивна промоција на сликовницата „Големиот сон“ ќе се одржи во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода

Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода во сабота (30 мај), со почеток во 17 часот, ќе се одржи промоција на сликовницата „Големиот сон“ од авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко, со илустрации на Алексеј Костовски.

На инклузивната промоција како специјални гости ќе настапат Дац и Александар, инспирацијата за главниот лик во сликовницата – Ана Витанова, како и Марија Савеска. Авторот Јанкуловски и илустраторот Костовски накратко ќе ја претстават сликовницата.

Сликовницата „Големиот сон“ на неодамнешниот Саем на книгата го освои првото место за поттикнување општествена одговорност, признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

„Сликовницата, како и претходните дела на Јанкуловски, е напишана со цел да поттикне прифаќање на различностите, кои не се и не смеат да бидат пречка во остварувањето на соништата. Денис Јанкуловски е докажан борец за правата на децата и лицата со попреченост, силен и активен гласноговорник за подигнување на свеста за нивна инклузија во нашето општество“, се вели во образложението на жири-комисијата.

– Оваа сликовница е приказна за девојчето Тина, која ја сака музиката повеќе од сѐ. Таа пее насекаде – додека си ги мие забите, додека го храни маченцето Папи и додека го шета кучето Бела во својата сина количка со нотички на тркалата. Нејзиниот најголем сон е еден ден да стане вистинска ѕвезда. Кога добива покана да пее на фестивал, Тина учи дека со храброст, добри пријатели и верба во себе, секој сон може да стане реалност – велат од издавачот „Прозарт медиа“.

„Големиот сон“ е во издание на „Прозарт медиа“, а објавувањето е поддржано од „Зегин“ и Фондацијата „д-р Верица Маханџиска“, „Шпаркасе Банка“, „Пакомак“, Министерството за култура и туризам, „Сити Флауерс“ и „Дата Понс“. Промоцијата се организира во соработка со Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот