Инаетот не е политичка стратегија

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога два пати дневно барате оставки од разни луѓе во власта, јавноста веќе не може ни да ве следи што и за кого зборувате, бидејќи сето тоа станува само една непријатна врева во која партискиот портпарол Димче се доживува како маалски неранимајко кој со клуч им ги гребе колите на комшиите.

Повторно една неверојатна дилема во Собранието: во услови на светска пандемија, кога десетици парламенти во светот, меѓу кои и во најстарите демократии, поминаа на можноста работата на пратениците да може да се одвива и со онлајн присуство на седниците на пратениците на собраниските или комисиските расправи, кај нас се отвора бескрајна расправа дали за да се примени тоа практично, иако принудно технолошко решение, треба да се менува и Уставот на државата?!

Додека Илон Маск напреднато развива програма за колонизирање на Марс веќе за оваа генерација Земјани, нашите собраниски расправии се како во средниот век. Врвното тело во државата кое ги крои или одобрува политиките за што поголем број граѓани да можат да работат од дома, ќе се туфка со месеци дали пратениците се Вонземјани кои мораат да креваат рака за да се јават за дискусија и да гласаат за предложените закони само со физичко присуство на заседанијата. Еден превеан демагог дури вика и дека ако не се смени Уставот, може сите онлајн дебатирани и изгласани закони, во иднина – кога тие ќе дојдат на власт, разбира се – да се прогласат за неважечки!

А со оглед на трендовите со вирусната зараза, не само што Собранието мора што побрзо да премине и на работа онлајн, туку треба да се подготви што ќе се случува со Домот на демократијата ако десетици – а не само два-тројца, како сега – од актуелните пратеници покажат симптоми на заразеност? Ќе останеме без функционално Собрание со месеци, можеби дури и до пролет?!

Политички, тоа е блокадата што ја посакува и на која работи опозицијата. „Колку полошо, толку подобро“ е, сè уште, нивната единствена стратегија за државата. Како со Македонија да владее некаков странски окупатор, а не легално избрана власт на демократски избори кои сегашната опозиција ги губи во неколку последователни циклуси. Како оние кои гласале за опозицијата на изборите да не се обични граѓани кои имаат право на нормален живот и кога не е нивната опција на власт. Како сите да треба да сме постојано во ровови, со гас-маски на лицата и со бајонети на пушките, на штрек кога ќе стигне командировката за следниот јуриш, со трчање преку минско поле, за симнување на „ненародниот режим“ од власта!

Тоа е логиката која стои и зад одбивањето да се прилагоди работата на Собранието согласно здравствената криза во државата. Односно, не е таа опција сосема отфрлена, но за неа треба да има политичка трговија, некоја отстапка, нешто, што било, како функционирањето на институциите во државата да е обврска само на власта.

Но, сето ова може да биде и само политичко морализирање, доколку на опозицијата таквата стратегија им дава опипливи политички резултати. На пример, кога тоа што го бараат да се сфаќа доволно сериозно во јавноста (а не само во нивните комитетски фејсбук групи), па Бислимовски да си поднесе оставка… Филипче да си поднесе оставка… Димова да си поднесе оставка… Рускоска да си поднесе оставка… Гувернерката на НБМ да си поднесе оставка… Е, па, кога двапати дневно барате оставки од разни луѓе во власта, јавноста веќе не може ни да ве следи што и за кого зборувате, бидејќи сето тоа станува само една непријатна врева во која партискиот портпарол Димче се доживува како маалски неранимајко кој со клуч им ги гребе колите на комшиите… Така, од инает!

Со инает не се освојува власта. Може кило сол да се изеде, ама не е препорачливо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот