Светска банка го презентираше редовниот извештај/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Имаме најмал раст во регионот и најголем буџетски дефицит: Обесхрабрувачки извештај од Светска банка

За да се приближат приходите кон ЕУ, што би довело и до намалување на иселувањето треба поголема фокусираност на структурните реформи што се во тек, порачаа од Светска банка

Минатата година Северна Македонија заврши со најмал економски раст, а такви се прогнозите и за оваа година, во споредба со другите земји од Западен Балкан. Невработеноста се намалува, но треба да се работи на запирање на одливот на младите. Инфлацијата забавува, но сè уште не е достигнат поранешниот просек. За да се забрза економскиот раст, треба да забрзаат и структурните реформи што се во тек. Ова се главните поенти од презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан, што вчера се одржа во Скопје.

Според презентираните податоци, Македонија и минатата и оваа година ќе ја дели истата судбина во однос на економскиот раст. Годинава за Македонија се очекува економски раст од 2,5 проценти, слично како и во Босна и Херцеговина каде што се проектира раст од 2,6 проценти, потоа е Албанија со очекувања за 3,3, па Црна Гора за која се смета дека ќе има раст од 3,4, Србија 3,5 и Косово 3,7 проценти. Лани, исто така најмал беше растот во Македонија, само 1 процент, а највисок во Црна Гора 6 проценти.
Во однос на минатогодишниот најнизок економски раст, од Светска банка коментираат дека тоа се должи на два фактора – нереализиран извоз според очекувањата и мали залихи кај компаниите.

– Помал извоз од очекуваниот е пред сè поради забавувањето на германската индустрија, односно на автомобилската со која е поврзано македонското производство. Кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар. Северна Македонија треба да размислува за диверзификација на своето извозно производство – вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка.

Овогодишниот раст од 2,5 проценти се темели на раст на градежни работи, изградба на инфраструктура и проекти во енергетскиот сектор.

Дополнителен проблем во нашата земја е фискалната консолидација. Сите земји во Западен Балкан успеале со своите политики, но не и Северна Македонија.

– Имавме забавување на растот, приходите не се остварија на очекуваното ниво и тоа доведе до зголемен буџетски дефицит – рече Маџаревиќ-Шујстер.

Фискалниот дефицит во нашата држава е најголем и изнесува 5,2 отсто од БДП за 2023 година по две технички буџетски прераспределби за да се приспособат дополнителните трошоци за плати и трансфери.

Според Маџаревиќ-Шујстер, изборните циклуси го забавуваат економскиот раст, а и мерките што тогаш се преземаат не одговараат секогаш на макро и на фискалната одржливост.

– За да се приближат приходите кон ЕУ, што би довело и до намалување на иселувањето, треба поголема фокусираност на структурните реформи што се во тек – забележува Маџаревиќ-Шујстер.

Во однос на инфлацијата што сè уште е голема болка кај нас, според прогнозите на Светска банка, годинава ќе биде 3 проценти.

– Трендот на намалување на инфлацијата продолжува, а забавеното враќање на нормалата е резултат на второстепените ефекти на инфлацијата. Ова значи дека ако на почетокот инфлацијата главно беше предводена од растот на цените на храната и на енергијата, сега тој раст се пренесува во самото производство, во производите што ќе излезат со повисоки цени, како и на услугите, затоа што има повисоки трошоци што се поврзани не само со материјалните инпути, туку и со повисоки трошоци за работната сила – објасни Јоана Маџоска, економист во Светска банка.

Според Маџоска, замрзнувањето на цените на храната е само привремена мерка што дала одреден резултат, но таа не може да биде долгорочна и не е структурна мерка кон која треба да се насочат креаторите на политиките.

Сања Маџаревиќ-Шујстер нагласи дека Северна Македонија повеќе треба да се потпре на сопственото земјоделско производство, затоа што во минатото таа беше земјоделска земја со искористени компаративни предности, а сега е голем увозник на храна.

Не се штеди струја

Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка, вели дека македонските граѓани не ја почувствуваа енергетската криза во сметките, затоа што државата издвојуваше големи пари за субвенции од буџетот.

– Мојата лична сметка, во земјата од која доаѓам, е 50 проценти поголема отколку во 2020 година. Ние многу внимаваме како ја трошиме електричната енергија. Овде не го видов тоа – изјави Маџаревиќ-Шујстер, која живее во Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот