Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

„Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност“, вели Сиљановска и повикува „да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество“

„Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време, и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро“, порача во обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник Св. Климент Охридски, која вечерва се одржа под нејзино покровителство.

На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици, претседателката рече дека Свети Климент Охридски е нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител, рече таа, е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство.

-Писменоста ширена од Св. Климент им овозможила на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Откриле дека посилните се должни да ги заштитат послабите и дека личната благосостојба зависи од заедничкото добро. Луѓето од Климента научиле да се грижат за вдовиците и сираците, за болните и сиромашните, да бидат гостопримливи кон туѓинците и да имаат мир, независно од околностите.

Таа потсети дека Охридската книжевна школа едуцирала 3.500 ученици коишто станале учители на словенските народи, а од нејзините препишувачки центри произлегле раскошни ракописи коишто како временски капсули сведочат за континуитетот на македонскиот јазик. Охридска архиепископија, пак, вели, освен духовно засолниште за народот, станала и заштитничка на уметниците. Под нејзина закрила славните неимари го хуманизирале просторот, градејќи во симбиоза со природата, а не наспроти неа. Генијалните зографи, ослободени од стегите на конвенциите, станале предвесници на Ренесансата. Вештите резбари во дрво ги оживеале библиските сцени.

„Не треба да заборавиме дека овие трајни вредности коишто оставиле печат врз европската цивилизација, се всушност плод на живот исполнет со смирение пред Бога и милост кон луѓето. И токму затоа опстанале 11 века, надживувајќи империи, династии, системи и идеологии. Но, ако денеска погледнеме околу нас, колку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот, во секојдневните меѓучовечки односи, во домот и во училиштето, на работа и на улица?“, рече претседателката.

-Се прашував и ве прашувам, дали ќе ги искусиме во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор? Дали македонското општество денес ги отсликува двете доблести кодирани во Климентовото име? Дали сме милостиви? Дали имаме мир? Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ад хоминем-напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес?, додаде Сиљановска – Давкова.

Според неа, меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме „епидемија на малодушност и рамнодушност“, вклучително и кон личните и колективните трагедии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот