Имагинација без граници: Неповторливи креации на визуелниот уметник Матеј Богдановски

Неодамна во Скопје беше изведен музички перформанс посветен на писателот Славко Јаневски според стрипот „Улица“ на ликовниот уметник Матеј Богдановски. Настанот беше премиерно изведен во Националната опера и балет во Скопје. Го организира продукцијата „Кино филм“, а е поддржан од Министерството за култура.

Стрипот „Улица“ е направен за минатогодишното чествување на два јубилеи: 70 години од создавањето на романот и 100 години од раѓањето на Јаневски. Плод е на соработката со Фондацијата „Славко Јаневски“, а работен е според повеста на Јаневски, што се случува за време на Втората светска војна, каде улицата игра голема улога во животот на еден млад човек. Како што објаснува Богдановски, кој го конвертира ова дело во модерен контекст, целта му е да ја долови животната школа што ја дава улицата.

Стрип-авторот Матеј Богдановски е роден во 1979 година. Го завршил средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на сликарскиот оддел, а завршил и постдипломски студии на истиот факултет. Има изложувано свои дела на самостојни и групни изложби кај нас и во странство. Автор и издавач е на стриповите „КШШЦ“ (2010), „Патенталија и Тентелина епизоди 1 и 2“ (2011), „Патенталија и Тентелина – Чиста десетка“ (2016), боенката за креативно опуштање „Разговори“ (2017), збирката на мимови „Скопје радост ти ќе бидеш“ (2017), книгата „Приказни од Чудновија“ (2018), „Улица“ (2020) и „Џукела и Пацоф“ (2021).

Иако според него е зголемен интересот на публиката за стрип, сепак, смета дека медиумите недоволно ја промовираат оваа уметност, и дека ликовниот и литературниот аспект на стрипот треба да стане дел од образовните програми.

„Слободен печат“ го праша Богдановски колку е тешко да се стави Јаневски во контекст на денешно време за да биде соодветно протолкуван од новата генерација, и дали приказната на Јаневски е недораскажана.

– Не мислам дека беше тешко. Мене ми беше интересно да го истражам тоа време во кое се одвива приказната на „Улица“, а мислам дека ќе им е интересно и на читателите, да го запознаат Скопје од едно друго време. Сметам дека стрипот е добар медиум да го пренесе тоа. Лично ми беше додатно интересно што и јас во мојот стрип „КШШЦ“ правев приказна која се одвива во Скопје, но мое современо Скопје, и ми беше фасцинантно кога ќе помислам дека ликовите од двете приказни газат по речиси истиот простор, но само во друг временски период и амбиент. Е сега, колку денес кај нас се читаат стрипови, тоа е друга приказна. Мислам дека ниту една приказна за некој човек што создавал уметност не е дораскажана, односно дека може секогаш да се открие нешто ново и да се додаде во таа приказна. Додека има кој да се грижи за нивното дело, приказната ќе трае и ќе се продолжува, ни раскажа Богдановски.

Музичкиот перформанс посветен на писателот Славко Јаневски беше поставен според стрипот „Улица“ на Матеј Богдановски

Инаку, во музичкиот дел на перформансот „Улица“ свој придонес дава Џијан Емин, кој од селекција на неколку вонвременски песни на Јаневски создава сосема поинаков пристап и кохезија помеѓу книжевната поезија и музичките стилови. Богдановски објаснува дека оваа несекојдневна компилација го постигнала посакуваниот ефект.

– Во перформансот работен по стрипот јас немам друг придонес освен што ги дадов правата да се користат сликите од стрипот. Тој проект е заслуга најмногу на Филип Херин, кој го иницираше, водеше и успеа да собере добра екипа, сите професионалци во своето поле, за да го реализираат. Џијан Емин одлично успеа да ги вклопи во ритам и звук, во музика, песните на Јаневски, разиграни со кореографијата на Олга Панго. Да не ги набројувам сите, но секој во екипата дава свој засебен печат. Резултатот е несекојдневен спектакл кој допрва треба да го покаже својот сјај кога ќе се изведува екстериерно, како што првично е замислен – посочи Богдановски.

Најновиот предизвик за Матеј Богдановски е создавањето „весник поезија“

Дека имагинацијата нема граници, покажува и најновата колаж-уметност на Богдановски што ја прави со исечоци од весници.

– Периодов работам повеќе на колажи. Интересна ми е играта со можностите кои оваа техника ги нуди. Низ повеќе фази сега стигнав до правење „весник поезија“. Тоа го правам со исечоци од насловите и реаранжирајќи ги во нов поетичен контекст. Патем, во голема мерка го користам токму вашиот весник. Ми се допаѓа фонтот на насловницата, ни раскажа Богдановски.

Видео на денот