Имаат ли одговорните лични карти?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Граѓаните без пасош се „заробени“, а оние без лична карта се целосно блокирани во своето нормално функционирање. Кога овие документи од „технички причини“ не може да се извадат, државата како да потпишала привремен стечај за граѓаните.

Најважните документи во една држава се пасошите и личните карти. Кога овие документи од „технички причини“ не може да се извадат, државата како да потпишала привремен стечај за граѓаните. Тие не може да излезат од државата, оние што се во странство, а на кои во меѓувреме им истекле пасошите, не може да се вратат, а оние што се без лична карта се целосно блокирани во своето нормално функционирање – од неможноста да ги користат своите банкарски сметки, до сѐ она каде што е неопходно да се приложи документот за лична идентификација.

Да им се сервираат вакви проблеми на граѓаните е, најблаго кажано, недопустливо. На овој начин се газат права и слободи што на граѓаните им ги гарантира Уставот. И, што е најстрашно, ова не е инцидентен и прв случај. Ова веќе станува практика. Само што сега причината се најде во пандемијата, во долгиот застој, затоа што институциите не работеа со полн капацитет. Пандемијата како причина не може да се игнорира, а разумни се и објаснувањата од МВР дека по олабавувањето на мерките има огромен број пријавени граѓани што бараат пасош и други документи дека нивните бројки не соодветствуваат со една вообичаена динамика. Но, дали пандемијата е единствената причина за тоталното фијаско со документите на граѓаните? Ако малку се присетиме, и 2020 година, пред пандемијата, почна со недостиг на обрасци за лични документи, лични карти, возачки дозволи и пасоши. Тогашниот техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека недостигот на обрасци за патни исправи и лични карти е резултат на лошата анализа што била направена, но посочи и дека нема обрасци и за возачки дозволи. Тогаш беше најавена и внатрешна контрола за утврдување на проблемот. И толку…

Сега термини за нови пасоши нема затоа што се барале и по 4.000 пасоши дневно, не може да се издадат одреден тип возачки дозволи затоа што за нив нема обрасци, а немаше ни регистарски таблички за возила поради жалбена постапка на тендер, но овој застој според МВР добил разрешница откако пред една недела е склучен договор со привремен економски оператор. Во однос на личните карти, пак, надлежните уверуваат дека причина за тоа зошто граѓаните не може во нормален рок да си ги подигнат личните карти и зашто нови термини се добиваат дури во август, е затоа што има огромна навалица за лични исправи, но неофицијално се зборува дека ова се случува поради тоа што немало пластифицирани обрасци за личните карти!

Оправдување од типот – некој се жалел на тендер, па затоа нема регистарски таблички за возила, затоа снемало пластифицирани обрасци и слични „аргументи“, треба да бидат причина за казни и за повикување на одговорност. Има ли некој во државава што го води тој процес? Имаат одговорните во институциите име и презиме? Ако имаат, а имаат, дали некој ги повикал на одговорност? Ако е проблем недоволната прецизност на регулативата за тоа кој кога распишува тендер, има ли во институциите луѓе кои го гледаат тоа, кои ќе предложат измени? Одговорите се очигледни – ниту има одговорност, ниту има ред. Пандемијата е олеснителна околност, но далеку од тоа дека таа е единствениот виновник за хаосот со документите кои може да им предизвикаат многу главоболки на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот