Им било кажано дека не се влезени во буџетот за 2021 година: Протест на работниците од „Еурокомпозит”, бараат пари за придонесите за кои имаат законско решение

Фото: mia.mk

Поранешните вработени на прилепски „Еурокомпозит” денеска го блокираа патниот правец Прилеп-Плетвар на излезот од градот и протестираа, револтирани зашто официјално им било кажано дека за исплата на заостанатите придонеси нема предвидена ставка во буџетот за наредната година, иако за исплатата има законско решение, донесено од Парламентот пред една година.

Цветан Бунтески од одборот на поранешните вработени вели дека револтот кај работниците е голем, нивната голгота е долга, а нема крај.

– Дефинитивно, ни рекоа, дека во новиот буџет нема ставка за нас, ниту за исплатата на придонесите. Нема ниту од најавите дека ќе се продава фирмата за да бидеме исплатени. Оваа наша голгота нема крај. Ни преостанува еднаш до двапати неделно да протестираме, а за среда да протестираме пред Владата, вели Бунтески.

Пеце Велјаноски од Одборот смета дека има шанса, со заложба на пратениците дури не е донесен буџетот за 2021 година, да се заземат со некој амандман за догодина да им се исплатат придонесите. Станува збор за околу 2,8 милиони евра за 320 работници за заостанати придонеси за 6,5 години.

– Законско решение имаме од пред една година што го донесе Парламентот. Апелирам до прилепските и до другите пратеници да се заложат за нас, да се предложи некој амандман за да има можност догодина да ни се платат придонесите, оти, дефинитивно ставка за тоа не е предвидена. Инаку, нам ни преостанува, во почетокот на јануари да ја тужиме државата за неспроведување закон. Правните аргументи се на наша страна, изјави Велјаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот