Илјадници нови предмети се дадени на извршување

Фото: Архива

Од лани во јуни, сите евидентирани и архивирани барања кои се чуваа во фиоките на извршителите, експресно почна да се испраќаат, како едвај да дочекале, вели за „Слободен печат“, Маријан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ).

Според него, во периодот додека траеше извршителскиот мораториум, покрај старите, се натрупале илјадници нови налози за извршување. Ристевски вели дека сега сите надежи се вперени во Собранието, кое треба што побрзо да ги донесе ветените законски решенија за опрост на каматите на старите долгови и да дозволи тие да се плаќаат на рати.

-Поради препораките во кризава не можеме да протестираме, иако секојдневно ни се јавуваат граѓани кои тоа го бараат од нас. Од друга страна, извршителите си ја тераат работата и како едвај да дочекаа, почнаа да пуштаат налози за извршување. За време на четиримесечниот мораториум се собраа нови илјадници предмети, кои се надоврзаа на претходните. Се товарат и граѓаните и фирмите во кризава со огромни камати, што е непојмливо и нехумано – вели Ристевски.

Претседателот на КСОМ е дециден дека најавата за бришење на каматите за долговите кон јавните претпријатија на локално и централно ниво, ќе биде големо олеснување за граѓаните, па затоа се надева дека пратениците ќе покажат доблест и на првата наредна собраниска седница ќе го изгласаат законот. Ристевски додава дека и натаму ќе инсистираат да се смени Законот за облигациони односи за каматите.

Синдикатот со години се бори за конечно бришење на на долговите и каматите на сметките за струја од старото ЕСМ, бидејќи некои граѓани добиваат неплатени сметки и од 1995 година, со ужасни камати?! Во моментот над 180 илјади сметки се блокирани.  

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот