Илиевска: Градоначалникот Коњановски сака да носи одлуки со двајца тројца, а да им ги усвојува Советот

Фото: Слободен печат

По донесувањето на Решението од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен, во областа на Инспекцискиот надзор и прекршочната постапка со која што е усвоена жалбата на претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска против Решението на Државниот инспектор за локална самоуправа, денеска прес-конференција одржа претседателката на Битолскиот совет Габриела Илиевска.

-По донесувањето на ваквото Решение на второстепената комисија градоначалникот Тони Коњановски треба да им се извини на сите советници и на сите граѓани на Битола, за сите лаги кои што тој ги има пласирано во врска со работата на Советот во јавноста во изминатите неколку месеци. Според Решението кое што стигна во Општината Битола јасно се гледа дека сепак не сме згрешиле. Во оваа прилика би сакала јас да го прашам градоначалникот зошто Решението што во Општината пристигнало на 10 август, зошто до вчера, кога во некои медиуми излезе дека е стигнато такво Решение, градоначалникот Коњановски на јавноста и пушти соопштение, а претходно кога се работеше за лажни вести, во кои што не го испочитуваа ниту рокот што требаше и мораше да го почекаат ги соопштуваа радосно, како којзнае што да се направило во градот, а за жал во тоа време се уназадува градот – вели Илиевска.

Таа информираше дека по добивањето на Решението на второстепената комисија повеќе од јасно е дека овој Совет работи така како што налага законот и дека со Решението се уважува жалбата која што јас како претседател на Советот ја поднесов до второстепената комисија. Во изминатиот период, Илиевска посочува дека градоначалникот Коњановски постојано изјавува дека сака да работи транспарентно, дека сака да работи заеднички, дека мора политиките да ги оставиме надвор од Советот.

Во оваа прилика сакам да нагласам дека јас како претседател на Совет и како советничка група на “Поинаку” не сме исконтактирани од градоначалникот и од Општина Битола и воопшто не сме запознати со она што ни пристигна на мејл адресата, она што го планира Општина Битола. За другите советнички групи не можам да кажам, но од она што го имам слушнато од нив и тие не биле координирани. Јас по писмен пат се обратив до градоначалникот и општинските служби да ни објаснат што налага Министерството за финансии. Го бараме документот што го пушти Министерството за финансии – додава таа.

Претседателката на Советот на Општина Битола истакна дека јавноста треба да знае дека ребалансот е донесен од страна на сите советници едногласно.

Не може да згреши претседател на Совет, бидејќи одлуката не ја носам јас самата. Ни една одлука во Советот не може да се донесе без мнозинство. Одговорот на нашето барање ни беше даден на 10 минути пред да почне оваа прес-конференција во кое писмено известување градоначалникот ми кажува што треба да направи Советот. Зошто да носиме нов ребаланс кога ние ребаланс на буџетот имаме донесено и кој содржи амандмани кои ги изгласале мнозинството советници. Станува се појасно дека законите, транспарентноста, роковите не значат ништо за оваа локална самоуправа – порача таа.

Во писмото, Илиевска вели дека градоначалникот ги советува донесениот ребаланс да се стави вон сила.

Класично замајување е за битолската јавност дека Советот не работи. По којзнае кој пат ќе повторам дека Советот на Битола едногласно донесе ребаланс на буџетот и дека тоа значи и советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за тој ребаланс. Во него се вградени сите амандмани што ги предложија сите советнички групи. Никој во Советот не може да разбери според кои закони работи оваа локална самоуправа. Сите работи што им се должност не ги прават. Ако Општина Битола е блокирана како што вели градоначалникот Коњановски, како тогаш се работи на повеќе локации – рече Илиевска.

Апсолутно неколку месеци нема никаква комуникација меѓу градоначалникот и Советот. Незаконски е градоначалникот на своја рака да пушта до Советот нов ребаланс ако притоа има веќе усвоен ребаланс, кој е објавен во Службен гласник. Ние веќе повеќе од 4 месеци не комуницираме и градоначалникот не информира на мејл или преку медиумите. Јас новиот ребаланс што го пласира во јавноста градоначалникот Коњановски немам намера да го разгледувам бидејќи ние веќе имаме донесен ребаланс.

Требаше да се формираат работни групи и тие групи требаше амандманите да ги вградат со потребните средства во рамката и така да ги пуштат во Министерството за финансии, појаснува Илиевска и додава дека до овој момент одлуки во Општина Битола носат двајца или тројца луѓе и сакаат тие нивни одлуки да ги гласа мнозинството во Советот и тие одлуки да ги наметнат како приоритети на битолчани.

-Во овој град ништо не се работи, граѓаните се незадоволни и секој ден сме сведоци на прес-конференции на кои се гради чист популизам. Советот постои и функционира, носи одлуки, ништо не е закочено а единствениот човек кој не сака да функционира заедно со Советот е градоначалникот на Битола Тони Коњановски-рече на денешната прес-конференција претседателката на Битолскиот Совет, Габриела Илиевска.

Одговарајќи на обвинувањата изнесени на прес-конференцијата на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, градоначалникот Коњановски во изјава за медиуми истакна дека во Решението на второстепената Комисија кое што и Илиевска го има добиено никаде не стои дека таа била во право.

-Таму има некои технички забелешки за кои информации јавноста ќе добие од Инспекторатот за локална самоуправа. Што се однесува до транспарентноста и соработката, јас секогаш ги повикувам координаторите на советничките групи, мојата врата е постојано отворена за разговор, постојано сум на терен- рече битолскиот градоначалник Коњановски.

Инаку, во Решението на Второстепената комисија се нагласува дека во повторната постапка првостепениот орган треба да ги отстрани утврдените недостатоци на начин што ќе изврши инспекциски надзор во согласност со член 82 од Законот за инспекциски надзор. Против ова Решение на второстепената комисија како правна поука против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од триесет дена од денот на неговото доставување, но тужбата против донесеното Решение не го одлага извршувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот