Идеи за детски роденденски подароци

Ви предлагаме идеи за подароци за деца од 1 до 7 години.

Роденденските прослави обичо со себе носат грижа и недоумица што да се подари. За детскиот прв роденден најдобро е да се консултирате со неговите родители, па така ќе проверите дали некои работи детето веќе ги има, за да не купите нешто што нема да му користи. На децата најчесто им се купуваат играчки, но децата брзо се заситуваат од играчката.

Во продолжение ви предлагаме идеи за додароци за деца до седумгодишна возраст. Се надеваме дека барем малку ќе ви го олесниле купувањето на подарок.

За првиот роденден

За првиот детски роденден идеални подароци се оние кои помагаат во развојот на моторичките способности на детето како што се дрвени играчки со кои детето сложува различни облици или други слични играчки. Ако купувате играчка, имајте на ум дека не треба да биде составена од ситни делови, за да не дојде до тоа некои од деловите детето да ги голтне. Играчките за оваа возраст треба да бидат заоблени и без остри делови. Децата на оваа возраст сакаат сè што е шарено, нешто што има звуци, што свети или што трепка. Исто така, може да му купите некој шатор/куќичка, или мала фотелја наменета за таа возраст. Со оглед дека децата на таа возраст учат да одат , можете да му купите туркач или трицикл.

За вториот роденден

Двегодишните деца сакаат да се преоблекуваат, затоа идеален подарок би бил некој костим на животно или на омилениот лик од цртаните филмови. Освен тоа, играчките на четири тркала ќе го одушеват момчето, додека девојчињата би ги одушевиле со пластичен прибор за готвење или сет – чајник или храна.

За третиот роденден

Децата на оваа возраст сакаат да возат, па идеален подарок би бил ромобил или велосипед на три тркала. Децата на оваа возраст веќе ја развиваат својата креативност, затоа можете да им купите ликовен прибор како што се боички, пластелин, плоча за цртање и слично.

За четвртиот роденден

Деца со наполнети четири години се активни и веќе не ги интересираат едноставни игри. Подарете им „пазлс“  или лего коцки кои сите денешни деца ги сакаат. На девојче можете да му подарите кукла или креативен комплет на накит, а на момче – топка.

За петиот роденден

Со наполнети пет години детето доволно е пораснато да биде свесно кои му се омилени играчки. Најдобро би било да го прашате детето што сака за роденден. На оваа возраст за децата поинтересни се интерактивни играчки/игри, сложувалки, бројалници, боенки, детски кујни или куќи за кукли и барбики.

За шестиот роденден

Дете со шест години почнува да оди на предшколска настава, затоа можете да му купите прибор кој му е потребен како што се ранец, прибор за цртање или некоја книга која може да му помогне за полесно совладување на читањето. Исто така, на децата на оваа возраст интересни им се друштвените игри како што се Твистер, Не лути се човече, Монопол.

За седмиот роденден

Со седум години се подготвуваат за своите први училишни денови. Совршени подароци се школски ранец, кутија за молив и останат прибор потребен за на училиште, тренерки, патики. Исто така идеален подарок се ролерки, велосипед или опрема и реквизити ако детето се занимава со некоја спортска активност .Нема да згрешите ако се одлучите да купите рачен часовник, а девојчињата сигурно ќе се израдуваат на комплет со производи за разубавување (наменет за нивната возраст ) или комплет за изработка на накит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот