илустрација / Фото: Сител / скриншот

Ицко од Секирци едвај куртули во борба со мечка – му откинала дел од носот и скалпот

46-годишниот Ицко Милески од прилепското село Секирци е човекот кој вчера имал непријатна средба со мечка која нема да ја заборави – тој заедно со другар берел печурки, кога се појавила мечката и го нападнала, објави „Сител“.

Милески некако успеал да се оттргне од шепите на мечката и почнал да бара помош. Тогаш животното, најверојатно исплашено од звуците и викањето на двајцата печуркари, избегало кон шумата. Другарот некако успеал некако да го донесе тешко повредениот Ицко до автомобилот и веднаш го однел во прилепската болница. Таму Милески, кому мечката му откинала дел од лицето и носот, е итно примен на одделението за хирургија.

Според началникот на одделението, д-р Димитар Иваноски, човекот има тешки повреди на лицето, вратот и градниот кош.

„Кај пациентот првично се дијагностицирани или констатирани повреди на главата, откинување на скалпот на главата, има каснатини на лицето, на носот, каде дел од носот е откинат, има угризни рани на врат и на градеш кош. Првично од колегата се направени комплет иследувања. Пациентот е мониториран, измерени витални параметри, направена комјутерска томографија на гради, врат и глава, ординирана соодветна терапија и тетанична профилакса, која е потребна кај вакви напади од животни“, вели докторот.

Поради сериозноста на повредите, човекот итно бил испратен на клиниките во Скопје.

„Констатирано е дека има присуство на слободен воздух во градниот кош или пнеумомедиастин го викаме стручно, но поради сериозноста на таквиот тип на повреда пациентот е транспортиран со медицинска екипа, по претходна најава на Клиника за торакална хирургија во Скопје“, додаде Иваноски.

Жителите на селото денеска не сакале да зборуваат за тоа што се случило вчера попладнето. Тие велат дека досега речиси и да не слушнале мечка да нападне човек во овој дел од Прилепско. Нападот со мечката засега не е пријавен во МВР, јавува „Сител“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот