И сојузниците му го вртат грбот на Орбан поради „чистиот нацистички говор“

Виктор Орбан/ Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

На расистичкиот говор најгласно реагираа заедниците на Евреите, особено поради тоа што Орбан во говорот алудираше и на нацистичките гасни комори на смртта во концентрационите логори

Жужа Хегедуш, долгогодишна блиска соработничка на Виктор Орбан, ја напушти функцијата советничка за социјална инклузија во знак на протест против неодамнешниот говор на унгарскиот премиер против „мешањето на расите“.

– Не знам како не забележавте дека говорот што го испорачавте е чиста нацистичка тирада, вредна за Јозеф Гебелс – порача во отвореното писмо со оставка Хегедуш, споредувајќи го премиерот Орбан со шефот на пропагандата на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер.

Хегедуш повеќе од 20 години е во тесниот круг советници на Орбан, наспроти неговите чести националистички изјави и политики. Говорот што „ја прелеа чашата“ Орбан го одржа во саботата во Романија, каде што има значително унгарско малцинство. Орбан ја осуди европската политика на интегрирање на мигрантите, оценувајќи дека „со мешање на расите оди кон пропаст“.

– Ние може да се мешаме едни со други, но не сакаме да станеме народи со мешана раса – истакна Орбан.

На расистичкиот говор најгласно реагираа заедниците на Евреите, особено поради тоа што Орбан во говорот алудираше и на нацистичките гасни комори на смртта во концентрационите логори. Критикувајќи го планот на Европската Унија за намалување на користењето природен гас за 15 отсто, Орбан забележа: „Минатото сведочи дека Германците знаат како се прави тоа“.

За време на Втората светска војна повеќе од половина милион унгарски Евреи биле убиени во нацистички концентрациски логори, главно во озлогласениот Аушвиц. Меѓународниот комитет на Аушвиц го оцени говорот на Орбан како „глупав и опасен“.

– Неговите зборови се вода во воденицата на сите расистички и ултрадесничарски сили во Европа – оцени Комитетот.

Шефот на романската дипломатија го осуди говорот на Орбан и изрази жалење што таа порака унгарскиот премиер ја испратил токму од Романија.

Реагирајќи на обвиненијата и на оставката на Хегедуш, Орбан се обиде да ги одбрани своите ставови.

– Вие подобро од сите други знаете дека во Унгарија мојата влада има нулта толеранција и за антисемитизмот и за расизмот – напиша Орбан на социјалните мрежи.

Комитетот на Аушвиц побара и од австрискиот премиер Карл Нехамер јавно да го осуди Орбан на денешната средба.

– Европската Унија мора што е можно повеќе да се дистанцира од расистичкиот став на Орбан и да му покаже на светот дека Орбан нема иднина во Европа – изјави потпретседателот на Меѓународниот комитет на Аушвиц, Кристоф Хојбнер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот