И да ни дојде вакцината во Македонија, со маски и на дистанца ќе бидеме уште две години!

Корона кризата ќе потрае и барем уште две години ќе мора да носиме маски, да одржуваме дистанца и да ги применуваме мерките за заштита, дури и кога на повидок би била вакцината, анализираат експертите од областа на епидемиологијата.

Ќе бидат потребни најмалку две години за да се вратиме на начинот на живеење од пред пандемијата со коронавирусот, а граѓаните во меѓувреме ќе мора да носат маска и да одржуваат дистанца, дури и кога би се вакцинирале, проценува за ,,Слободен печат” директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов. Оваа негова оценка се темели на фактот што при дистрибуцијата на вакцината можно е да произлезат низа компликации и проблеми со капацитетите, кај дел од граѓаните ќе има отпор да ја примат вакцината, но и македонскиот здравствен систем ќе мора да се потруди од петни жили брзо да дистрибуира 400.000 дози до населението, како што препорачува Светската здравствена организација.

Клучот за успешна борба со пандемијата од Ковид 19 во земјава и понатаму според епидемиолозите кои ги контактиравме ќе останат да бидат протоколите и нивната одговорна примена. Иако постојат протоколи за сите настани, за функционирањето на трговските објекти и за сите општествени случувања, тоа не е доволно за да се излезе како победник од корона кризата. Од тоа колку доследно граѓаните и бизнисите ќе ги применуваат мерките и протоколите ќе зависи и со какви последици ќе излезе државата по пандемијата, оценуваат здравствените власти.

Тоа што веднаш по почетокот на функционирањето на градинките се појавија и првите случаи на носители на Ковид 19 меѓу вработените, за епидемиолозите не е никакво изненадување. Стојанов тврди дека потегот да се отворат градинките е правилен.

-Една учителка во Битола позитивна на Ковид 19 била во контакт со децата од една група и сите се изолирани. Тоа е калкулиран ризик. Не може да очекуваме од толку градинки и вработени да нема ниеден заболен ни од децата ни од персоналот. Според алгоритамот се ставаат во изолација оние што биле во близок контакт и како и за сите други, доколку има симптоми се пристапува кон лекување и се прават тестови. Меѓутоа, мораше да ги отвориме градинките, во земји со многу полоши епидемиолошки состојби градинките отворија. Ние мора да се сочуваме со примена на мерките, а не со запирање на животот, вели Стојанов.

Тој додава дека Комисијата за заразни болести, советодавно тело на министерот за здравство, во последно време се соочува со навалица од барања од разни трговски објекти и организатори на настани, да се разлабават мерките и да се дозволи организација на настани кои би претставувале ризик од ширење на коронавирусот. Така на пример, угостителиерите бараат организација на свадби, игротеките бараат да почнат со работа, разни организации сакаат да организираат улични трки, претстави на отворено и на затворено и за сето тоа се бара дозвола од Комисијата.

-Мислам дека ова се прави за да се префрли топката кај Комиисијата за заразни болести и да се прикрие одговорноста, но ваквите барања ни ја отежнуваат секојдневната ситуација бидејќи сепак ние сме тело кое што треба да ја следи и состојбата во регионот и да се синхронизираме со регионот. Од нашите анализи, секаде во регионот каде што беа дозволени свадби, бројката на новозаразени растеше. Исто е за сите настани во затворен простор. Но, проблем е што и покрај тоа што ние не даваме препорака за големи настани, тие сепак се организираат без да се спроведуваат протоколите, додава директорот на ЦЈЗ Скопје.

Иако формално постојат механизми со кои државата има обезбедено начини со кои ќе ги добиеме вакцините од сите производители кога тие ќе бидат готови, сепак инстант решение за справување со кризата нема да има, туку надминувањето на пандемијата ќе се одвива етапно, во подолг временски период кој може да трае и со години.

-Бројката на новозаразени не е оптимистична, вчера имавме 140 случаи. Навистина би сакале да ја нема оваа пандемија, но некако тешко ни оди и не само нам, туку и во цела Еврпа. Еве во Франција има 10.000 нови случаи дневно. Раст на новозаразени има и во Италија, Хрватска, Словенија. Во Албанија постојано процентот на новозаразени е 20, а кај нас се движи од 7 до 9 проценти од бројот на тестирани. Според последните претпоставки, барем уште две години ќе бидат потребни за да застанеме на нозе и за тоа време ќе мора да носиме маски, да одржуваме дистанца. Сметам дека пред пролет нема да ја добиеме вакцината, а на почетокот со толку многу скепса меѓу граѓаните, ќе има луѓе што нема да сакаат да ја примат. Понатаму, дури и кога населението би се вакцинирало во оптималниот процент, сепак е прашање колкав временски период вакцината ќе овозможува имунитет. Можеби имунитетот ќе трае кратко, па така, дури и кога сите би се вакцинирале, пак ќе мора да ги почитуваме мерките, изјави Стојанов.

Последните истражувања за руската вакцина покажуваат дека таа дава добар имун одговор, меѓутоа, епидемиолозите сметаат дека овој индикатор не е доволен за да се прогласи крај на принципите на носење маска, одржување дистанца и добрите хигиенски практики, затоа што ќе треба подолг временски период за да се изврши вакцинацијата.

-Можно е да произлезат логистички проблеми. И да излезе одлична вакцина, само за да се распредели во земјите од светот, потребни ќе бидат осум илјади џамбо џет авиони, поради тоа што станува збор за големи количини. Во Македонија Светската здравствена организација препорачува да дојдат 400.000 дози, што е голема бројка и мислам дека целиот здравствен систем во еден период ќе мора да работи само тоа, да вакцинира граѓани. Тоа ќе трае со месеци, ќе мора да се ангажираат многу луѓе, тврди Стојанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот