Хумористични или апсурдни – амандманите ја преиспитуваат функционалноста на Собранието

Несомнено е потребен консензус за измена на Деловникот, но не смее да се прави обид за собирање политички поени во вака сериозна ситуација, сметаат дел од аналитичарите

Лавина реакции, но и поделени мислења околу правната издржаност на измените на собранискиот Деловник, предизвикаа трите илјади амандмани на опозициските парламентарни партии, со кои се блокира можноста за работа од дома на народните избраници за време на епидемија.

И покрај амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците за предлог измените поднесени од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, бурни критики пристигнаа на адреса на двата пратеника на „Левица“. Политичките опоненти од владејачката СДСМ на социјалните мрежи споделија фотографии од амандманите потпишани од левичарот Борислав Крмов, чија дискутабилна содржина многумина ја оценија како апсурдна. И додека собраниските служби се уште ги преведуваат поднесените амандмани, аналитичарите го поставуваат прашањето дали партиите ја сфатиле сериозноста на коронакризата и веројатноста сред кризна состојба државата да нема функционално Собрание.

-Содржината на амандманите не ми е во фокусот, туку самиот потег да се блокира работата на Собранието. Веројатно некои ќе ги толкуваат како шега, но повеќето како апсурд. И претходно сме биле сведоци на слични дејствија, како на пример од пратеници на ДУИ, кои поднесуваа амандмани каде бараа во одредена реченица да се додаде запирка, а потоа бараа истата запирка да се избрише. Во случајов велигденските јајца и пижамите се ствар на хумор. Не сметам дека на овој начин ќе се придобијат политички поени, бидејќи јавноста нема добро да реагира на деструктивни активности, оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски, а слично мислење споделува и комуникологот Бојан Кордалов.

-Во минатото сме можеле да видиме затрупување на законодавниот дом со топови хартија, чукање со тенџериња, забрани за одржување седници, црвени и жолти картони, па дури и читање поезија од македонски и други автори. Деновиве се отиде и чекор понапред во пристапот, преку употреба на хумористичен или досетлив јазик што евидентно предизвика реакции. Како граѓани имаме веќе три децении зрелост и лесно се оценува што за секој граѓанин е прифатливо, а што ја преминува границата. Жал ми е што овојпат „каменот на сопнување“ е дигитализацијата, вели Кордалов.

Во меѓувреме власта повикува што поскоро да се изгласаат деловничките измени, додека пак за опозиционерите ваквите измени се спротивни на Уставот и за работа онлајн ќе е неопходно да се менува највисокиот правен акт.

Се соочуваме со дилемата дали Собранието ќе работи онлајн или нема да работи. И од власта и од опозицијата може да се зарази пратеник, а за промена на Уставот е предвидена расправа што ќе трае сто дена. Дотогаш можеби и нема да сме во епидемија. Во секој случај несомнено е дека треба консензус за промена на Деловникот, но треба во ваква ситуација да се постигне џентлменски договор меѓу партиите, смета Арсовски.

-Она што континуирано го апелирам како начин на комуникација со граѓаните е ставање на интересите на граѓаните во прв план, а не дневно-политичките поени, како и заедништво на сите политички актери за клучните општествени прашања. Потребно е да се ориентираме сите заедно кон решавање на проблеми, бидејќи доволно ги има во целата држава, но воедно почитувајќи ја демократијата, додава Кордалов, нагласувајќи дека партиите во овие моменти имаат и национална одговорност.

Инаку, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на социјалните мрежи кусо искоментира „кога е бал, нека е маскенбал“, додека од друга страна премиерот Зоран Заев го оцени амандманите како срамна непочит кон македонските граѓани.

-Уште еднаш ги повикувам пратениците од опозицијата да не посегнуваат кон загрозување на помошта за лозарите, пензионерите, самохраните родители, филмските работници, за сите граѓани, напиша Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот