Холандска министерка предлага да се воведе еврокомесар за одбрана

Кајса Олонгрен / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен предлага во составот на следната Европска комисија да има и комесар за одбрана, чија надлежност би биле набавките на оружје и воените трошоци во ЕУ.

– Мислам дека би било добра идеја следната Европска комисија да има европски комесар кој сто проценти од своето време ќе го посвети на одбраната, изјави синоќа Олонгрен во интервју за холандското радио БНР.

Според неа, ваквата функција е потребна бидејќи кога станува збор за одбраната повеќе се пристапува од перспектива на националниот интерес.

– Сегашната Комисија веќе презеде одредени мерки, но особено во одбранбената индустрија овој ресор е се уште прилично фрагментиран, додаде Олонгрен, кој е позната како застапник за поголема улога на ЕУ во рамките на НАТО.

Според неа, комесарот за одбрана би работел на зголемување на производството на оружје во Унијата и на воведување „општи стандарди за промоција на кохезијата меѓу земјите членки“.

Ресорот одбрана во моментов е во надлежност на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, кој воедно е и потпретседател на Европската комисија.

Предлогот на холандската министерка доаѓа во период кога ЕУ работи на усогласување на Стратегијата за европската одбранбена индустрија, која е замислена како сеопфатен патоказ за производство на оружје и муниција. Се очекуваше Стратегијата да биде подготвена уште оваа година, но еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон минатиот месец најави дека документот ќе биде презентиран во текот на првиот квартал од 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот