Хисени: ДУИ продолжува со евроинтегративниот курс, АA да учи од грешките

Блерим Хисени, аналитичар, Фото: Архива

Демократската унија за интеграција (ДУИ) предводена од Али Ахмети во текот на 2021 година го продолжи својот евроинтеграциски курс во однос на надворешната политика и особено на решавањето на спорот со Бугарија, додека Алијанса за Албанците (АA) во опозиција предводена од Зијадин Села продолжува да биде изневерена од коалициските партнери и ѝ се случува втор пат, прво со движењето БЕСА, а сега и со Алтернатива, оценува политичкиот аналитичар Блерим Хисени.

– Ценам дека ДУИ овие години го продолжи својот евроинтеграциски курс во однос на надворешната политика, а од аспект на внатрешната политика интегративците беа стандардни следејќи ги трендовите во капиталните инвестиции како што е Коридорот 8 и Коридорот 10. ДУИ со една реченица ја продолжи улогата на сериозен пристап кон државните политики без никаква инстант авантура. Од друга страна, АА продолжува да биде изневерена од коалиционите партнери. Ценам дека АА треба да ја земе оваа година за пример и да анализира каде не успеа и кој беше факторот што не успеа, изјави Хисени за „Слободен печат“.

Според него, АА во 2022 година треба да ја смени стратегијата на дејствување, фокусирајќи се на понуди, а не на обвинувања против ДУИ бидејќи се докажа дека на тој начин не може да успее.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети уште еднаш го зацементира својот став против предвремените парламентарни избори. Ахмети на прес-конференција по повод новогодишните празници изрази убедување за брзо решавање на спорот со Бугарија. Тој рече дека има приближување на ставовите меѓу партиите, но побара спорот да не се политизира поради емоциите содржани во решавањето на овој проблем.

Од друга страна, првиот човек на АА, Зијадин Села во своето последно излагање за 2021 година изјави дека земјата доживеала тешка година. Села упати одредени критики за актуелната власт и кажа дека се надева на обединување на опозицијата за рушење на актуелната власт.

– Повеќе единство во она што ќе треба заедно како опозиција да го направиме, да ја урнеме оваа власт. Да изградиме подемократска и либерална влада бидејќи овие два термина одат заедно. Да се донесат промени во албанското општество, изјави Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот