Гвардиола за Халанд: Имаме доволно играчи во првата екипа и академијата!
Манчестер Сити е еден од клубовите со кои се поврзува Ерлинг Халанд. Менаџерот Мино Раиола и таткото на одличниот напаѓач Алф-Инге Халанд вчера беа во Барселона и Мадрид на преговори, а деновиве се закажани средби во Англија со заинтересирани клубови.
Челниците на Сити ќе бидат на состанок со претставниците на Халанд, но изјавата на менаџерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола значително ги намалува шансите дека Норвежанецот ќе се пресели на „Етихад“.
– Имаме доволно играчи во првиот тим и интересни фудбалери од академијата. Со сегашната економија во светот на фудбалот, нема да ангажираме напаѓач – рече Гвардиола.
Серхио Агуеро го напушта клубот на крајот на сезоната, а Пеп зборуваше за потенцијална замена за него.
– Да бидам јасен – можеби, можеби ќе најдеме играч кој ќе го замени, но според она што го направи за клубот, никој не може да го направи тоа – додаде Гвардиола.
Сити е многу близу до титулата во Англија, има 14 бода предност пред второпласираниот Јунајтед на осум кола пред крајот на оваа сезона..