Гвардиола: Сити мора да биде подготвен за нов менаџер
Манчестер Сити денес го пречекува Вест Хем (16:00), а еден ден претходно вниманието го привлече прес-конференцијата на Пеп Гвардиола, кој изјави дека клубот мора да биде подготвен за неговото заминување, иако нагласи дека тој момент сè уште е далеку.
Препорачано
Како што пренесуваат британските медиуми, Манчестер Сити во последните денови започнал процес на разгледување потенцијални кандидати кои би можеле да го наследат Гвардиола, бидејќи во клубот не се сигурни дали Шпанецот ќе остане по завршувањето на актуелната сезона.
Енцо Мареска веќе мораше да одговара на прашања дали токму тој би можел да биде наследник на Гвардиола, со кого претходно соработуваше како асистент.
„Среќен сум овде и сакам да останам. Но, што можам да ви кажам – на крајот секогаш резултатите се тие што одлучуваат“, изјави Гвардиола во петокот.
„Кога ова поглавје ќе заврши, клубот ќе одлучи кој е најдобриот кандидат да ја продолжи оваа неверојатна приказна на Манчестер Сити. Во изминатите години вакви шпекулации имаше безброј пати, но јас сакам да останам. Ќе видиме на крајот од сезоната“, додаде тој.
Сепак, Гвардиола беше јасен дека клубот мора да размислува и долгорочно.
„Манчестер Сити како клуб мора да биде подготвен за следниот менаџер. Јас сум малку чуден лик – можеби едно утро ќе се разбудам и ќе кажам: знаете што, си одам, чао, чао“, рече со насмевка Шпанецот.
„Клубот мора да биде подготвен, но тоа не значи дека јас си заминувам“, заклучи Гвардиола во свој препознатлив стил.
Манчестер Сити моментално е втор на табелата, со два бода заостанување зад Арсенал, кој во сабота од 21:00 часот гостува кај Евертон.


