Ѓурчиновски: Армијата со давање на својот максимум помага да се спречи ширењето на коронавирусот

Припадниците на Армијата уште од почетокот на воведувањето на вонредната состојба најодговорно и професионално ги извршуваат доделените задачи за поддршка на институции и граѓаните, истакна денеска генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој им се заблагодари и даде поддршка за нивниот ангажман и вложување во извршување на задолженијата.

Тој во текот на викендот и претходните денови ги обиколи припадниците на единиците кои се ангажирани на јужната граница, на обезбедување на објектите одредени за карантинско сместување на Попова Шапка и во главниот град, како и објектите од посебно значење.

-Со покажаната посветеност се покажува нашата патриотска должност како припадници на Армијата во вакви тешки моменти со давање на својот максимум и со лични примери и залагање да овозможиме на здравствените работници и полицијата да го спречиме ширењето на пандемиската вирусна инфенција и ја ставиме под контрола како што би постапиле со секој оној кој претставува закана за татковината и граѓаните, порача Ѓурчиновски.

Како што соопшти денеска Министерството за одбрана, припадниците на Армијата согласно утврдените задачи за времетраење на вонредната состојба на територијата на Републиката, извршуваат задачи во асистенција и поддршка на Министерството за внатрешни работи во обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница, контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и физичко обезбедување на витални објекти од значење за државата, како и на објектите одредени за карантинско сместување.

По барање на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа и други државни институции, како што се наведува во соопштение, Армијата во координација со кризните штабови формира и ангажира сили за поддршка со цел спречување на ширење на епидемијата и укажување на помош на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот