Групата „Стринг форсис“ ќе ја промовира ремастерираната верзија на албумот „Соголи ме“ на компакт-диск

Групата „Стринг форсис“ одлучи својот петти студиски албум со наслов „Соголи ме“, оригинално издаден само во дигитален формат во 2017 година, да го преобјави и на компакт-диск. Промоцијата на новото пакување на албумот ќе се одржи на 21 септември (вторник), со почеток во 14 часот, во кафе-книжарницата „Буква“.

– Неколку години отпосле, за да останеме верни на традицијата на механички носач на звук, во време кога сите се навраќаат на винилот, ние решивме да се навратиме на цедето. Но, четири години не се занемарливо време поради што првобитната идеја за „ремастер за цеде“ се претвори во идеја за нов поглед кон материјалот од албумот и со тоа потполно нов микс на истиот материјал – објасни Доријан Јовановиќ.

Музиката на албумот е на „Стринг форсис“, текстовите се на Александар Стојанов – Зорин и Доријан Јовановиќ, кој е и снимател, миксер и продуцент, а дизајнот на обвивката е на Гоце Наневски. Членови на бендот се Александра Мангаровска-Милиќевиќ – вокал, Александар Стојанов-Зорин – вокал, Александра Кузман – виолина, Доријан Јовановиќ – Чепмен стик, бас, електроника, Благојче Пенов – тапани и Дамјан Темков – клавир и клавијатури. Издавањето на цедето е помогнато од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Видео на денот