Група „Темпера“: Преплет на енергии слеани во една форма

Творат и свират беспрекорно, а по повод настапот на „Пиволенд“, се сретнавме со вокалната солистка на арт-рок бендот „Темпера“, Тања Тас.

На сцената се 10 години, а нивната музика содржи рок, ретро и модерни звуци. „Темпера“ е дел од овогодишниот „Пиволенд“ (на 4 септември, во 20 часот), а по тој повод ја прашавме вокалистката Тања Тасевска која е музичката одредница на бендот од која нема отстапување.

– Групата е оформена во 2013 година во Скопје. Ја сочинуваат Тања Тас, Драган Гиновски Гино, Џоле Максимовски и Мите Димовски. Може да се дефинира како група која создава, свири арт-рок. Сакаме да ја имаме слободата да дозволиме иницијалната идеја да нѐ однесе каде и да е, необременети од некаква рамка, форма во која треба да го сместиме она што го градиме. Нѐ води интуицијата базирана на искуство како слушатели и создавачи на музика. Интересно е како парче создадено дело претставува маркација на личноста во тој даден момент. Како изминува времето, што минувајќи низ нас и нас нѐ менува, добиваме прилика да се доживееме повторно себеси од минатото низ тоа дело – вели Тасевска.

Поминаа осум години од издавањето на дебитанскиот албум „Играј!“, а во меѓувреме бендот црпи инспирација за нови материјали од различни места.

– Од тогаш издадовме пет песни: „Тивка река“ како преработка на „Коњаници“ од „Падот на Византија“, „Ко ѕвер“, „Не застанувај“ и „Дојди“. Секоја наша песна претставува таква маркација. Понекогаш доминира вибрацијата на еден од нас, но најчесто станува збор за преплет на нашите енергии слеани во една форма. Затоа, песните можат да звучат различно една од друга. Имаме остварено соработка со Горан Трајкоски – Готра: „Младото Сонце“ и „Пластични кули“ се негови композиции. Петар Христов гостува со саксофон на „Дојди“, нашиот петти сингл. Планираме наскоро и официјално да ја објавиме „Усни црвени“ -песна што веќе ја свириме на концертите. На „Пиволенд“ ќе го отсвириме поголемиот дел од песните, а единствена цел ни е нашата радост и возбуда на сцената да ја пренесеме и на публиката – открива Тасевска.

Тања Тас е дипломиран сликар и графички дизајнер, вокалист, текстописец и автор на хармонските линии на песните на „Темпера“

Судејќи по беспрекорниот звук на настапите, се чини дека членовите живеат за музиката.

– Музичарите во „Темпера“ немаат формално музичко образование, но секој од нас професионално се занимава со музика. Мите е музички продуцент, композитор, тапанар и сопственик на студиото „Тра-ла-ла“ со огромен број соработки и над 400 продуцирани дела. Гино е еден од нашите најпознати гитаристи со автентичен израз и звук. Создава и продуцира музика во неговото студио „Гиновски“. Тој е еден од нашите најпознати мајстори на одржување жичени инструменти. Џоле е басист што создава музика, има свои музички проекти, и е еден од најангажираните басисти кој остварил соработка со домашни и странски врвни артисти. Јас сум уметник, дипломиран сликар и графички дизајнер, вокалист, текстописец и автор на хармонските линии на песните на „Темпера“. Се занимавам со музика од мои 16 години. Имам остварено многу соработки и гостувам на многу различни проекти – објасни Тасевска.

Групата „Темпера“ е создадена од луѓе што сакаат и уживаат да создаваат

– Создавањето ни овозможува прекрасно умственото патување. Преку него разоткриваме територии исполнети со познати и непознати нешта, распределени на логичен или бизарен начин. Се обидуваме да најдеме смисла, да го откриеме значењето, ги подредуваме елементите… како зборовите во еден текст, боите во сликата, нотите во мелодијата… Креацијата и имагинацијата се алатки што ни го прават ова постоење полесно, побогато. „Темпера“ е создадена од луѓе кои сакаат и уживаат да создаваат – нагласи Тасевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 144, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот