Грковска: Да не се злоупотребуваат државните ресурси за партиски цели за време на кампањата

Славица Грковска - вицепремиер за политики и добро владеење /Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

Да не се злоупотребуваат државните ресурси за партиски цели во текот на изборната кампања, а функционерите и избраните и именуваните лица да се придржуваат до Етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности, вели вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

– Во насока на тоа да нема повторување на она што се случувало во минатото испратив отворено писмо до сите субјекти, без разлика на кое ниво на власт се, да ги потсетам за обврските што ги имаат дека треба да прават разлика меѓу партиските и државните активности и дека не смее да се употребуваат државни ресурси за партиски цели во текот на кампањата. Како лице задолжено за следење на Етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери од страна на Владата досега и како Кабинет сме постапувале по сите наоди што сме ги добиле без разлика дали се од медиумите или од ДКСК, како и од граѓани, меѓутоа се надевам дека сите тие постапки што сме ги имале и опомените што сме ги дале ќе бидат предупредување за останатите за тоа како и на каков начин треба да се однесуваат во овој период, изјави Грковска по презентацијата на ефектите од Информацискиот систем Е-инспектор.

Во однос на тоа до кога функционерите ќе се појавуваат на промотивни настани, вицепремиерката вели дека се што е во законската рамка е дозволено заради тоа што, вели, станува збор за дел од секојдневните обврски на функционерите, но по отпочнување на кампањата, важат строги правила за тоа.

– Кога ќе почне официјално кампањата веќе се знаат строгите правила на игра и кој, како и за што смее да се појавува и што треба да презентира и што да користи од ресурси, подвлекува Грковска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот