Грчката филмска академија додели десет награди на филмот „Зад стоговите сено“

Дел од екипата на филмот со добиените награди

Дебитантскиот долгометражен игран филм „Зад стоговите сено“ на младата режисерка Асимина Проедроу од Грција постигна исклучителен успех на церемонијата на доделување на наградите на Грчката филмска академија (Hellenic Film Academy Awards 2023), што се одржа на 27 јуни во Атина, Грција.

Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа: за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.

Наградите на Грчката филмска академија 2023 или „Хеленски Ирис награди“ (Hellenic Iris Awards) се збир на награди кои секоја година ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.

Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Северна Македонија. Македонски копродуцент е „Сектор филм“, предводен од продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Премиерата на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022 година, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа – Индија.

Асимина Проедроу

Снимањето на филмот се одвиваше на територијата на Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во Северна Македонија во текот на 2021 година, кога сѐ уште беа на сила ковид-протоколите. Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.

Приказната во филмот зборува за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Северна Македонија. Тој се плаши дека ќе оди во затвор заради измама и долгови. За да собере пари почнува да пренесува мигранти со неговиот брод. Главната дилема во филмот е дали тој да се сокрие или да признае и да ја каже вистината.

Дејствието на филмот го прикажува животот на населението од двете страни на границата

Филмот беше поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм на РСМ. Главен продуцент е „Аргонаутс продукција“, која соработуваше со „Сектор филм“, продуцентска куќа од Скопје, и „Фикшн парк“ (Fiction Park) од Германија. Филмот доби поддршка и од „Еуримаж“.

Покрај културолошката димензија, снимањето на филмот имаше и пошироко значење, бидејќи претставуваше прва соработка помеѓу грчките и македонските филмаџии по потпишувањето на Преспанскиот договор.

На Грчките филмски награди беше доделена и награда за најдобар краток филм. Годинава добитник на наградата е филмот „Ер-хостеса-737“ (AirHostess-737) на режисерот Танасис Неофотистос и продуцентката Јоана Боломити.

Со поддршка од Агенцијата за филм на РСМ, продукцијата „Сектор филм“ оваа година ќе работи на продукцијата на дебитантскиот долгометражен филм на Неофотистос со наслов „Момчето со светло-сини очи“. Главен продуцент на филмот ќе биде „Аргонаутс продукција“ на Јоана Боломити, а нејзини продукциски партнери ќе бидат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска од „Сектор филм“. Тоа значи дека културната соработка помеѓу двете соседни земји ќе продолжи и во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот