Грчката црква реагира што СПЦ ја вика нашата „Македонска“, но ја прифаќа одлуката на Вселенската патријаршија за Охридската архиепископија

Знаме на Грчката православна црква / Фото: Wikipedia

Православната Црква на Грција денеска излезе со соопштение од нејзиниот Свет Синод, во кое се вели дека Атинската Архиепископија, возглавена од Архиепископот г. Јероним, со задоволство го прими писмото од Вселенската Патријаршија во кое се известува за „исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење” на светата Охридска Архиепископија, под водство на Неговото Блаженство Архиепископот г. Стефан.

Истовремено, Светиот архиерејски Синод на Атинската Архиепископија изразува „сериозна загриженост“ поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, поради користењето на името „Македонска православна црква”, бидејќи на тој начин, според Синодот на ГПЦ, се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикција има област наречена „Македонија”. Дополнително, загриженоста на Атинскиот Синод е уште поголема и поради наводното доделување на автокефалија од страна на Црквата на Србија, бидејќи „единствената надлежна институција за доделување Автокефалност е Сечесната Вселенска Патријаршија”.

На крај, во соопштението на Православната црква на Грција се вели дека „Светиот Синод ѝ посакува на Свештената Охридска Архиепископија под Неговото Блаженство Архиепископот г. Стефан, конструктивно да го исползува нејзиното враќање во црковното единство и подигањето на шизмата”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот