Границите најгорлив проблем: во Грција штрајкуваат земјоделците, за влез во Хрватска се чека со часови

Камиони на граничен премин Табановце/ Фото: „Слободен печат“' - Драган Митрески

Светска банка објави дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Албанија).

Македонските транспортери трпеливо чекаат во колона да помине дневната и вечерната блокада од страна на грчките земјоделци на премините Евзони – Богородица и Ники – Меџитлија, а тоа го забавува превозот и го зголемува трошоците, особено овој пат кон и од Турција, вели за „Слободен печат“ Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам транс“.

Среќа, па уште не почната туристичката сезона, кога колоните со автомобили се огромни, па и ние мора да чекаме ред за да влеземе или да ја напуштиме земјава. Според Муратровска, инфраструктурата наменета за товарни возила на балканските гранични премини е повеќе од очајна, а сè уште нема доволно коридори што би придонеле камионите да чекаат помалку од вообичаеното. Таа признава дека со нетрпение очекуваат да се активира „Отворен Балкан“ и на тој начин да се олесни чекањето на граничните премини. Светска банка објави дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Албанија).

– Една граница ќе се отвори, друга ќе се затвори. Научени сме на чекање, оти балканските граници се црната точка за нас превозниците. Со години зборуваме за непропустливоста на граничниот премин Батровци – Бајаково, на излезот од Србија во Хрватска, каде што се чека и повеќе од 12 часа, додека задржувањето на другите гранични терминали оди и до 10 часа. Секојдневно се упатуваат известувања до колегите да се вооружат со трпение. Со часови се чека и на границата со Унгарија, бидејќи тука треба да се додаде и времето што се поминува на унгарските терминали, кое е секогаш подолго. Почнавме да мислиме дека се работи за нестандардни мерки или прикриени блокади за да се влијае врз нашата конкурентност како превозници – објаснува Муратовска.

Според Европската комисија најголемото дозволено задржување на границите смее да биде до 6 часови!

Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин, во разговор со дописничката на МИА од Атина, рече дека на Евзони се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни, но ќе дојдат и други.

– Секако дека ќе биде затворен граничниот премин, ќе има многу народ, ќе биде големо учеството со земјоделски возила, додава претседателот на земјоделското здружение, објаснувајќи дека блокадата ќе трае сè додека не заврши протестот. Блокада, како и секоја вечер, ќе има од 20 до 22 часот по грчко, односно од 19 до 21 часот по македонско време.

Карипидис објасни дека доколку е потребно да се олабави сообраќајот за да не се создаваат колони, како што е впрочем практика, и периодично ќе го отвораат преминот за да поминуваат возилата.

Според последниот извештај на Светска банка, објавен лани, доколку просечното време потребно за минување на границата се намали за три часа, што е разликата помеѓу просечното време на Западен Балкан и во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), БДП во секоја земја од Западен Балкан може да се зголеми за 3 проценти на среден рок. Нивото на раст може да се зголеми за уште шест проценти со пристапувањето во ЕУ. Освен тоа, соседните земји членки на ЕУ, како Романија, Унгарија и Бугарија, би можеле да постигнат дополнителен раст од 0,2 отсто поради зголемениот обем на трговска размена со земјите од Западен Балкан.

Светска банка веќе работи со партнерите за поедноставување на трговијата и сообраќајот во регионот преку инвестиции и реформи. Дополнително, Светска банка им дава поддршка на земјите од Западен Балкан да ги доближат нивните платежни системи до стандардите на ЕУ и им помага да ги исполнат барањата за приклучување кон Единствената зона за плаќања во евра, што ќе го поедностави испраќањето дознаки и ќе ги намали нивните трошоци.

Поднесени списоците за брзо вадење документи

Од „Макам транс“ денес до Министерството за транспорт и врски за стотина професионални возачи се доставени списоците на транспортери што се сликале и сè уште не ги добиле новите документи, но и за оние што не може да добијат термин во МВР, информира Муратовска. Според ветувањето, МТВ во соработка со Министерството за внатрешни работи треба да обезбеди „брза лента“ за вадење пасоши. Според податоците и од другите здруженија, приближно 200 професионални возачи немаат пасош со новото уставно име.

– Оние што треба да бидат повикани за фотографирање, веднаш ќе бидат  фотографирани. Ова е исклучително значење за економијата, која не смее да трпи –  изјави пред некој ден министерот Благој Бочварски.

Министерството за транспорт претходно на ефикасен начин преку изготвување на сите документи со користење на сопствените податоци, го реши и прашањето со лиценците за камионските и за автобуските превозници. Компаниите беа само известени да ги подигнат готовите документи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот