Грандиозен артефакт за делото на академик Газанфер Бајрам е монографијата објавена од МАНУ

Газанфер Бајрам, Влада Урошевиќ и Љупчо Коцарев / Фотографија: Иван Блажев

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 11 април промовираше обемна и луксузно опремена монографија за делото на академик Газанфер Бајрам, чие издавање е поддржано од фондацијата „Трифун Костовски“ и од Министерството за култура.

Поздравна реч на промоцијата на монографијата одржа акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, додека промотор на монографијата беше акад. Влада Урошевиќ, секретар на Oдделението за уметност на МАНУ.

На приближно 340 страници во монографијата се објавени фотографии од делата на мозаичарот Газанфер Бајрам, неговата биографија и библиографија во која се вклучени сите изложби кај нас и во странство, учества на уметнички и стручни проекти и собири, награди, како и текстови за мозаиците на Бајрам напишани од Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Борис Петковски, Луан Старова, Татјана В. Цвијан, Богомил Ѓузел и Паоло Ракањи.

Во својата поздравна реч акад. Љупчо Коцарев ги издвои петте монументални мозаици на Газанфер Бајрам, кои се изложени во Македонската опера и балет, во Собранието, на аеродромот во Скопје, во Анкара и во МАНУ, а направи и поврзување на реалниот свет и математичките правила и структури како основа за создавањето мозаици.

Промоторот Влада Урошевиќ даде детален опис на репрезентативното издание на монографијата во која е дадено творештвото на академик Газанфер Бајрам.

Прелистувајќи ја историјата на уметноста, Урошевиќ заклучи дека Медитеранскиот басен со своите природни услови е особено податлив за создавање мозаични дела и во тој дух и делата на Газанфер Бајрам ги носат карактеристиките на средината во која се создавани.

– Мозаиците на Газанфер Бајрам со своите надворешни стилски одлики, но и на еден подлабок начин, со својот дух го продолжуваат и до денешните денови тоа сродство, впишувајќи ја современата македонска уметност во широката и богата линија што тече низ медитеранската сфера, донесувајќи ги нејзините понекогаш мошне оддалечени точки во една целина – рече Урошевиќ.

Во однос на биографските податоци тој го истакна значењето на усовршувањето на техниката за создавање мозаици во прочуената школа во Равена, Италија, каде што Бајрам престојувал две години.

Во своето обраќање на промоцијата академик Газанфер Бајрам изрази благодарност до сите соработници и поддржувачи на излегувањето на монографијата, истакнувајќи дека подготовката на делото траела речиси една декада, а особена благодарност изрази до Емилија Црвенковска, која е негова соработничка и на изданието и во животот веќе половина век.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 175, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот